Концерти во живо: Кога, како и дали ќе се поинакви од порано?
Дали се драјв-ин концертите иднината на концертите во живо? Ова прашање разгоре многу дебати, откако минатата недела, насред релаксацијата на анти-корона мерките во Данска, во Архус се одржа првиот музички настап од избивањето на пандемијата – на драјв ин концерт, на кој посетителите ја следеа свирката од автомобили, паркирани на физичка оддалеченост од два метра еден од друг. Влезниците за 500 автомобили се продале – дури да трепнеш. Концертот го одржал музичарот Мадс Лангер, а во наредните месеци уште низа музичари најавиле дека ќе ја испробаат оваа сосема нова практика.
-Сум свирел многу концерти досега, но овој беше навистина прв – на многу начини – изјавил Лангер, чија музика се пренесувала од сцената до автомобилите преку ФМ трансмитери.
-Воопшто не сакам да ја замислувам иднината на мојoт бизнис поинаква отколку што беше пред оваа ситуација. Прво, тоа не изводливо, сериозно и во реалноста. Второ, јас немам потреба од такви зафрканции – резигнирано коментира Бобан Милошески од „Авалон“ продукција, куќата која организира респектирачки голем број концертни настапи годишно.
Според многу експертски најави, социјалното дистанцирање како една од основните мерки за спречување на ширењето на новиот вирус ќе остане на сила барем до пронаоѓањето на вакцината, а во матната иднина на рокови често се спомнува 2022 година како термин до кога ќе е неопходно нејзиното почитување. Можен ли е концерт со дистанцирање – на сцената и во публиката? И што дотогаш со концертите и фестивалите? Ќе ги има ли воопшто?
-Како што е исклучително тешко и неблагодарно да се предвиди кога ќе ни се вратат животите во „нормала“, така е и со проекциите околу повторното оживувањето на концертите и фестивалите. Но, едно е сигурно - оваа сфера, дејност, индустрија, поради својот карактер и суштина, е последна или меѓу последните што ќе бидат релаксирани и реанимирани – вели Костадин Шурбановски од Скопскиот џез фестивал.
Роковите, кои се во оптек како можна црвена линија за големото враќање на концертите во живо, ги промислуваат сите организатори на вакви настани. Можните модификации на концертите – исто така.
- Песимистичките предвидувања на експертите велат дека треба да се збогуваме со идејата дека до крајот на 2020 ќе уживаме во концерти и музички фестивали во живо. Потврдокорните песимисти дури тврдат дека оваа ситуација ќе потрае до крајот на 2021. Од друга страна, пак, музичките професионалци се оптимисти и веруваат дека концертниот живот полека ќе почне да заживува кон крајот на ова лето и почетокот на есента. Скопски џез фестивал го одложи 19-то издание на ОФФест за наесен и покрај одамна финализираната и објавена програма. Во исто време, искрено се надеваме дека 39. Скопски џез фестивал ќе го одржиме годинава во планираниот термин, од 15 до 18 октомври – вели Шурбановски.
Во новата реалност, која ни ги менува животите на многу начини, и концертите во живо привремено се загрозен вид. Но, малкумина се подготвени да ја прифатат оваа состојба како долгорочна и крајна опција.
-Ако има некоја нова реалност, таа ќе помине без мене - вели Бобан Милошески.
Јасна Франговска