Конфликтите би ги нарекла судир на мислење: Вики Миљковиќ за Женски магазин проговори за односот со Цеца во „Ѕвездите на Гранд“
Иако нејзините родители не ја поддржале идејата да се занимава со пеење, познатата српска пејачка, Виолета Вики Миљковиќ не се откажала од својот сон. Денес е сопственичка на бројни хитови, кои и се дел од плејлистите на многу забави, а последниве години особено се издвои нејзината песна „Црно на бело“, кој повторно заживеа благодарение на социјалните мрежи и танцувачкиот предизвик кој го измислија група млади луѓе.
Веќе долги години е член на жирито на најпознатото музичко натпреварување на Балканот, „Ѕвездите на Гранд“, каде особено се истакна минатата година, кога Нермин Ханџиќ, кандидатот чија менторка му беше токму Вики, ја однесе победата.
Женски магазин имаше екслузивна можност да разговара со неа, а таа без никаков проблем ни зборуваше за натпреварувањето и тоа како таа го доживува истото, за бизнисот со недвижнини во кој влегоа пред неколку години со нејзиниот сопруг, но и за Македонија.
Како што веќе напоменавме, пејачката минатата сезона имаше победник во својот тим, а како што ни открива и по натпреварувањето сѐ уште е во комуникација со Нермин, и му помага да се избори за своето место на естрадата.
- Јас имав победник, Нермин Ханџиќ мене ми донесе победа како ментор и беше феноменален и ги сите свои обврски убаво ги извршува и ден денес. Значи, и понатаму продолжи да учи, да напредува. Инаку, многу често доаѓа со мене, настапува на моите концерти и на тој начин продолжуваме уште повеќе да го учиме, образуваме, за тој еден ден да може да си осамостои и да работи сам, како една голема ѕвезда. Ништо не се случува случајно, сето тоа некако се прави и создава. Така што, ние и понатаму се грижиме за него, иако тоа не е наша обврска, наша обврска е во финалето да завршиме со сето тоа, но тој навистина е момче кое тоа го заслужува, еден голем потенцијал и ние веруваме во него.
Оваа сезона некако повнимателно ги одбира кандидати со кои сака да работа, па така неминовно беше прашањето зошто е тоа така?
- Јас можеби малку се шегував со жирито и кажав дека нема да одберам толку многу кандидати, затоа што јас се лутам кога многу работам со кандидатите, кога многу ќе им се посветам, кога тие се вредни и ме слушаат, а кога членовите на жирито нема да ги оценат како што треба. Затоа велам нема да земам, нема да работам, затоа што тие некогаш, некои кандидати навистина ги оштетуваат.
Кога е оваа сезона од натпреварувањето во напрашањеМиљковиќ ни посочи дека е уште рано да се одредат фаворитите и од сите нив да се посочи некој како иден победник.
- Мислам дека никој од нас уште не знае. Уште е рано, втор круг е, ние се обидуваме да работиме со нив, да ги развиеме, но ќе видиме.
Од минатата сезона, дел од жирито на „Ѕвездите на Град“ е и една од најпознатите српски пејачки Светлана Цеца Ражанатовиќ, која воедно ѝ е кума на Вики. Во главно, тие две секогаш имаат исто мислење, но има ситуации кога постои мал конфликт помеѓу нив, а еве што вели пејачката за тоа.
- Ниту во емисијата, ниту надвор од неа немаме конфликти, јас тоа би го нарекла судир на мислење. Се случува кога не мислиме исто, секоја да се обиде да го изнесе своето мислење, но и две родени сестри имаат право на различно мислење. Во тие ситуации многу лесно си попуштаме една на друга, секако откога ќе видиме која е во право.
Освен што е активна на музичката сцена, интересен податок за Вики е тоа што заедно со нејзиниот сопруг, Драган Ташковиќ Ташке, започна бизнис со екслузивни недвижнини. Ни откри дека отсекогаш сакала да се занимава со уште нешто, особено откако влегла во некои посериозни години.
- Секако сакав да влезам во уште некоја работа покрај музиката, особено кога влегов во некои посериозни години. Работата со недвижнини ја сакам уште одамна, тоа Ташке и јас го правевме за свои потреби, сега се одлучивме да го претвориме во бизнис, така што во Белград на вода отворивме фирма и канцеларија „Residence hills“, која се заминава со продажба на екслузивни недвижнини. Првенствено на Белград на вода, потоа работиме на „Lux 51“, тоа е проект на Саша Поповиќ, работиме продажба на уште неколку екслузивни програми во Србија и Белград, но работиме и во Дубаи, Америка, Европа и така.
Дека е некој кој е отворен за разговор и дава одговор на секое поставено прашање, доказ е и тоа што без никакво размислување ни откри од што се заработува подобро.
- Да ви кажам, убаво се живее и од музиката, но и од недвижнините. Најдобро е кога луѓето ќе го спојат и едното и другите, бидејќи некако во денешно време мора да постојат повеќе работи кои се спојуваат во едно. Просто времето е такво, кризата доаѓа секаде, се случува нешто како што се случи короната или како што се случи војната во Украина, и мислам дека ние мора да бидеме подготвени на сѐ и можеби за истите пари кои некогаш сме ги заработувале сега да работиме дупло или тродупло повеќе, но оној кој е вреден и кој работи, како што велат, за него нема зима.
Од нашата држава многу туристи се воодушевени, а една од нив е Вики, која само во суперлатив зборуваше за Македонија.
- Македонија ја обожавам. Ме асоцира на прекрасни луѓе, на добра храна, на добри и феноменални емоции, на големо гостопримство, на добра музика, на добра песна и на еден народ кој е насмеан, весел и народ со големо срце.“
Како за крај на разговорот, неминовно беше да ја прашаме кога ќе може да очекуваме со концерт во Македонија, за што ни посочи дека посебно се подготвува за тоа, бидејќи ѝ недостасува македонската публика.
- Јас во Македонија одамна не сум настапувала. Сум имала некои приватни забави пред некои 3-4 години, но концерт како концерт не сум имала никогаш. Значи јас никогаш не сум била на свој концерт во Македонија, што не значи дека нема. Секако сакам, само за тоа посебно се подготвувам. Во клубови не сум настапувала сигурно не сум настапувала едно 15-тина години, така што сигурно ѝ недостасувам на македонската публика, а и таа на мене.
И. Мисајловска
фото: Принтскрин / Инстаграм