Корзо или Фејсбук?
Порано бендисот се одвивал на корзо. Сите моми и ергени стокмени и спастрени оделе навечер на прошетка, некои за да си ги видат симпатиите, а некои за да најдат симпатија.
И не се излегувало секој ден, никако! Само за викенд и тоа со спремање и возбуда од вечерта која цела недела се чека. Нови фустани, светнати кондури, фризурите направени. Девојките шетале по 2-3 рака под рака и си шушкале меѓусебно, а ергените им давале ишарети. Па така со недели и месеци, додека не се збере храброст за да се скрши некој збор, па писменце кое се чита толку често што на крај мастилото се размачкува, па средба за да се седне во слаткарница или да се појде во кино.
Баба ми велеше дека тоа биле убави времиња. Ми расажуваше како сите од улицата се береле пред порти за да ги видат дотераните момци и девојки. Можам само да замислам каков шок би и’ бил да види како се одвива бендисот денес.
Во ера на Фејсбук, Инстаграм и останатите алатки за комуникација, се изгуби романтиката. И да, во право сте ако мислите дека ме фатила носталгија (најверојатно и тоа си доаѓа со годините). Ме фати желба за романса, наивна и без “здр, како си”. Процесот на запознавање човек со човек одумира. Само што ќе си го кажеме името некому и ќе го слушнеме неговото или нејзиното, веднаш ги бараме на социјалните мрежи. И тука почнува целата агонија! Шуркаме по статуси, небаре така се запознава човек.
Ако стави цитат од познат поет или писател, заклучуваме дека е начитан!
Ако има уметнички фотографии, дека е креативен!
Ако става романтични песни, дека е чувствителен!
Ако профилот изобилува животни и деца (не негови, се разбира), дека е нежен и внимателен.
Колку не’ има упропастено технологијата?!
Сите заблуди доаѓаат од претпоставки (има една многу добра изрека за тоа, ама не е за пишување во колумна), а денес можности за претпоставки има отповеќе. Се вљубуваме во имагинарни ликови кои најчесто не се ниту приближно до она што го пласираат. Не ретко се случува да ни ја погодат омилената песна, или филм и да се развие цела дискусија околу тоа во приватни пораки, па после ни доаѓа како шок кога симпатијата се “чекирал” на концертот на Аца Лукас (да ми простат обожувачите на неговиот лик и дело).
И откако сме изгубиле доволно време во илузии, се чувствуваме излажани и разочарани. Девојката која има профилна слика како меланхолично гледа некаде во далечината, откриваме дека е се’ освен нежна душа која си ја бара својата втора половина, а мажот кој на секој втор ден постира цитати за чесност, е нечиј сопруг и татко на две деца (третото е на пат, ама кој да знае бидејќи не стои никаде дека е женет).
Па на ред доаѓа и опседнувањето дали е некој онлајн или не, па ако е онлајн да не муабети со друг/а, ако не е да не излегол/ла со друг/а. И факт е дека сето тоа разниша врски и бракови, кои, или потклекнаа пред тој шарен и блескав свет (кој е најмалку блескав), или си заминаа од него.
Она што најмногу ме фасцинира е моментот кога луѓето и самите почнуваат да веруваат во она што го ставаат по социјалните мрежи. Имаме алатка со која можеме да се креираме сами себе, такви какви што можеби сакаме да бидеме, иако длабоко во себе знаеме дека не сме. Дали е тоа недостиг на самодоверба или е желба за докажување и самодокажување? Дали живееме паралелен живот за да си создадеме привидна слика за сами себе?
Ми се случува (на она чудото што излегува “on this day”) да пронајдам работи кои сум ги ставила, без никаква идеја зошто сум го сторила тоа. И не можам некако да го поврзам тоа со она што сум, сметајќи дека веќе сум доволно голема за да знам која сум и што сум. И има моменти кога си велам “зошто бре Ано?!”, што си сакала да кажеш или постигнеш? Па ме фаќа малку срам, па нешто ќе избришам, а нешто ќе оставам, колку за следната година да ме потсети дека дури и во виртуелниот свет си должам чесност.
Сакам корзо!
Еве, смејте се колку сакате, ама сакам корзо.
И сакам во слаткарница и во кино (иако ми се случило да заспијам), сакам рака в рака да шетам по улици и да разговарам.
Сакам да можам да молчам и да е тоа сосем во ред, да седам во омилените кафулиња и да пијам топло чоколадо или чаша бело вино.
Сакам да одморам од телефони, месинџери, вибери, СМС-и и ММС-и.
Сакам да видам двајца како се запознаваат без уште во првите 5 минути да се “аднат” на Фејсбук и да скролаат до 2009 за да видат со кого си имаат работа.
Сакам да видам како луѓето разговараат едни со други и ако молчат, дека е тоа од убаво (се гледа на ликот и во спокојот) а не затоа што е секој нурнат во својот телефон за да види нотификации.
Сакам да бидам сведок на вистински романси за да можам да ги раскажувам на внуците, како што мене ми ги раскажуваа. Ми се гледа жалосно да ни врват животите приклучени на интернет. Памтам дека ме фати паника кога еднаш ми снема интернет дома, а телефонот ми беше со потрошена батерија. И тоа таква паника, небаре се случила некаква катастрофа. Тогаш дознав колкава ми е зависноста (за која тврдев дека ја немам) од технологијата.
И наместо истата да ни користи за да ни го олесни животот, ние се подредивме на неа. И сега, додека го пишувам текстов, ми текна на една фотографија од некое кафуле (нормално, видено на нет...каква иронија) пред кое стои напишано дека внатре нема интернет и дека луѓето кои сакаат да влезат, треба да го сторат тоа доколку дошле да се дружат и да разговараат.
Неделава ќе читам, ќе фотографирам, ќе се дружам со оние кои ми се блиски и ќе се потсетам дека животот не ми почнал со Фејсбук...а за корзото? Па и нека не е корзо, само нека е со луѓе кои се вистински и свои, искрени и чесни.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Еј, ти чупче убо
Простум пред мене што стоиш
Со трендафил в коса
Расцутен ко усни на љубовница млада
И страк темјанушки в рака стиснати
Ко душава да ми ја носиш за од неа сета скрб
Ко од грозје-бело вино, да исцедиш
Чупче, пиле мое убо
Срцево по тебе в трепет ми диши
И копнеж телово ко во млеко-леб ми го дроби
Та рацеве ко небо ги ширам
За во прегратка силна да те вплетам
Ко на невеста млада косата за денот
Кога сета во бело ќе се стокми
И сомнеж дур в дамар ја демне
Дал саканиот на порти ќе дојди
Со прстен и сватој весели в куќи
Ах ти чупче убо
Дал сношти крај мојата порта мина
И дал во ќепенците мои под око се загледа
Та посака пенџерето ширум за тебе да го отворам
И ко птица внатре да ми долеташ
На ракава да ми застанеш
Од дождот силен да ми те скријам
Та после него надвор сонце ко ќе бликни
Под ѕуница да те пуштам да прелеташ
Чупче...кротко јагне мое
Да ми дојдиш и моја да станиш те довикувам
Та и на празник и на делник
На твојто лице да се радувам
Во срма да те облечам
И алтани од долап да извадам
Ко ѕвезди на челото да ти ги наредам
За да да ми блесниш ко деница душо моја
В куќи да ми бидиш
Дечиња да ми родиш
Со бело млеко од гради да ги поиш
А мене зелник да ми месиш
Та да се гостиме на трпеза полна
Од убост и радост куртул да се нема
На животот песни појни да му пееме
А смртта како призрак да ја одминиме
Ех пиле
Дома да ми дојдиш
И мајка и татка да израдуваш
И тие од мене со тебе, рожба да видат
На детски гласој староста поуба да им е
Елај ми
Еј чупче, пиле мое
В дланки елај ми
А јас за тебе ширум отворени ќе ги оставам
И со љубов сета ќе те покријам
Ко со јамболија в зима
За снага кревка да ти стоплам
Елај ми
Дур пролет рана е...елај ми