Крадењето, лажењето, вошките и таванот
Кога Нина беше мала, знаеше да ги испреврти зборовите како ќе и’ дојде или како и’ беше полесно за да ги изговори. Еднаш кога имаше алергија, ме слушаше на телефон како муабетам со докторката што да правам, па оттогаш за секоја точка или убод од комарец ме прашуваше “мама, ова е аргелија?”. Па, јас сум алергична или аргелична на неколку работи со кои (за жал) редовно се среќавам во животот. Првата е манипулација од секаков вид, особено ако е емотивна и прикриена зад некакви си љубовни мотиви. Тоа е она кога ќе почне некој да ви кажува “ако ме сакаш, тогаш.....” а мене одма ми доаѓа да речам “не, не те сакам”. Манипулациите и уценувањата во љубовта ми се најдолен вид на изнудено внимание за кое не знам како може некој да ужива во него, знаејќи дека не е природно туку под присила. Од искуство знам дека емотивните манипулатори се неверојатно себични и дека ич немаат усул, ниту разбирање за вашите потреби. Важно им е само да го добијат тоа што го сакаат и тука завршува муабетот. Тие се како распрдени деца кои ќе ви речат “ти мене не ме сакаш” ако не им ја купите играчката која е изгор скапа, а за која знаете дека нема да им го задржи вниманието повеќе од два-три дена.
Втората работа од која ми се крева коса на глава е лажењето. Еднаш пишував за оние бели лаги кои се во функција да не повредите некого и уште имам дилеми околу нивната употреба, оти сум убедена дека вистината може да се каже со добро одбрани зборови и на начин кој нема да е болен. Тоа е оној момент кога некој ќе ве праша како му стои нешто (а не му стои убаво), па за да не му ги повредите чувствата кажувате “ма супер си”, а не е супер и знаете дека ќе му се потсмеваат. Е сега, не бива и да кажете дека изгледа катастрофално, па некоја варијанта на вистината, а без да навредите или повредите е “мислам дека поубаво ти стои црвениот фустан/палто/ сако”. Знам дека звучи малку дипломатски, оти мене на пример многу повеќе ми се допаѓа да ми се плесне вистината в лице. Така, кога ќе ја прашам ќерка ми како изгледам пред некое излегување, спремна сум дека можеби ќе добијам одговор кој ќе е тежок удар врз мојата суета. И не дека ме штеди, туку знае баш да ми каже “мамо ај облечи нешто друго, во ова изгледаш чудно”. Тоа нејзино “чудно” варира од демоде до тоа дека изгледам ко да сум излегла од машина за перење алишта. Со блиските си имаме преќутен договор дека вистината се кажува директно, оти колку и да боли сепак е подобро да ја слушнам од нив отколку од некој отстрана.
Третата работа од која ми се блуе е крадењето. Не само од она што го гледам изминативе три децении, кога секој што е на власт се офајди на наш грб и никому ништо. Повеќе ме нервира суптилното крадење, или она крадење кое навидум не прави штета никому. Пред да ја напишам колумнава, налетав на пост на еден наш поет (иако знам дека ич не сака да го викаат така, а јас се сложувам оти е многу повеќе од тоа) кој лично многу го сакам и почитувам и кој (а не само мене) секогаш успевал да ме доведе до солзи со своите писанија. Тоа е човекот кој не пати од суети и кој во екот на својата популарност (кога на ФБ збеснавме по неговата поезија и чинам дека на сите денот ни почнуваше со “чекај да видам дали има објавено нова песна”) постираше мои стихови, после кои се окуражив да објавам книга оти ми даде крила. Тоа е човекот чија промоција на неколку најавени книги ги чекам како на времето кога се правеа редици пред фурна за топол леб од рано наутро. Знаејќи ја неговата скромност нема да го напишам со име и презиме, иако претпоставувам дека сите знаете за кого зборувам. Постот кој ме наведе да го пишувам ова беше за таквото “позајмување” на неговите зборови. И таков каков што го дал Универзумот, не распали по позајмувачите на начин на кој заслужуваат туку беше поприлично нежен, па дури и полн со разбирање. Имам многу добар пријател кој е исто така поет (башка што е прекрасен човек-Марче) и чии песни (со одредени измени внатре) или извадоци од песни ги читам со туѓ потпис оздола. Најмногу ме чуди што сите оние кои се дрзнуваат да си присвојат нешто што не е нивно и што се потпишуваат под туѓи дела, не може а да не се свесни дека секој ќе го препознае стилот на вистинскиот пишувач...но, тоа не ги спречува. И најсмешно ми е кога оздола, под песната или фотографијата ќе се изначитам коментари преполни со фалење, а “позајмувачот” скромно се заблагодарува. Фууууууј!
Чинам дека има една сива зона кога е во прашање интелектуалната сопственост. Знам дека ова звучи малку сирово, ама па така е. Не може ноншалантно да се присвои нешто што некој го извадил од себе, од душа. Да не зборувам за тоа колку фотографии имам видено кои се земени без да се потпише авторот и без негова дозвола. Се крадат идеи на големо и никого не го боли глава за тоа. Не ретко сум си наоѓала и свои песни или извадоци кои се адаптирани како да ги пишувал маж за некоја жена. И пред да ме разберете погрешно, да ви го кажам ова јасно и гласно. Не е дека било кој има против да се споделат неговите дела, оти тоа е комплимент и е доказ дека си успеал да допреш до луѓето. Поголема афирмација, радост и признание од тоа, нема. Но, она што ме вади од колосек е кога земените работи се претставуваат како нешто што е создадено од некој друг. Пред многу години најдов моја песна во туѓа збирка, да, објавена збирка чија рецензија се вртеше токму околу “позајмените” стихови. Немав желба, а ни желудник да се влечкам по судови иако песната никогаш не ја објавив во книга оти ми се одмили (судска разрешница немаше, ама нема ништо поголемо и помоќно од судот на народот). Ми се има случено да ми пишат во месинџер со барање дозвола да се стават мои стихови на покана за свадба или за крштевка (па дури и за погреб). Никогаш не сум рекла не, ми било чест и сум чувствувала благодарност што во најсреќните или најтажните мигови од нечиј живот, сум била нивниот глас. Не сум ни побарала да бидат потпишани дека се мои, оти чинот на почит со барање дозвола ми бил доволен.
И еве, за оние кои можеби и не можат да ме разберат да објаснам поинаку. На оние кои пишуваат, сликаат, фотографираат или создаваат музика, тоа е начинот да го извадат надвор тоа што го носат внатре, во себе. Тоа е еден неверојатен спој на емоции, болка, тага, радост, страв, надеж, копнеж. Тоа е еден цел живот преточен на платно, хартија или фотографија. Тоа сме ние, тоа е нашето битисување. И да, кога ќе го извадиме од себе станува наше. Ама тоа наше не значи дека станува туѓа сопственост. Тоа ви е исто како кога на работа ќе сработите некој лавовски проект, а ќе го видите колегата потпишан зад вашата макотрпна работа. Тоа е исто како да дојде некој и ви ги земе клучевите од автомобилот за да го повози, оти многу му се бендисува. Па мајку му, децата од мали ги учиме да замолат за да позајмат молив и гума од другарчињата, а не само да си се послужат оти стоеле на маса.
Сите сме ја слушнале изреката “кој лаже, тој краде, има вошки и спие на таван”. Вошки сме имале сите и тие се малку несреќно ставени во реченицата. Ама поентата е дека токму со таа изрека праќаме порака дека лажењето и крадењето не се особини со кои човек треба да се гордее.
Секогаш велам дека нема алал од нешто што не е мое, нешто што лично не ми припаѓа, за кое не сум се испотила за да го заработам и за кое не ми искрварела душава за да го напишам. И секој понеделник и петок ви подарувам по една нова песна, не оти така треба, туку оти така ми бара нешто однатре. И кога сум ставала фотографии или дела од наши автори како визуелен момент со кој ја врзувам поезијата, секогаш нагласувам чие е делото. Не за друго, туку како почит и мој начин на восхит за она што ме пленило или ме инспирирало. Најлесно во денешно време е да се земе, а најтешко да се даде. Зошто е тоа така, навистина не знам. Зошто станавме студени, ете и тоа не знам. Ама знам и тоа со огромна сигурност дека нема поубаво нешто од она што ќе го создадете, а ќе допрете со тоа во нечии мисли, чувства и живот.
Бидете живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Грабај
Земај
Кради
Открадни
Потпикни зад себе
Скриј под пазуви
Ете така се научивме
И така децата си ги приучивме
Како да е за гордеење
Како да е за славење
Ако нешто од некого земиш
А знаеш дека твое не е
Оти ниту со пот си го залил
Ниту со мака и труд си го сторил
Ниту душа ти крварела
Ниту од срцето љубов си исцедил
Ама земи
Грабни
Кради
Открадни
Потпикни и скриј
Оти некои тешки
И неарни за умот времиња дојдоа
Во кои никој за ништо почит нема
И се живее од денес за утре
Колку да се истурка денов
Без чест
Без глава крената
Без чист образ
Кради-открадни
Земи-пикни в џеб
Небаре векот така се врви
И смртта така се чека
Ама пусти времиња
Секоја година како полоша да е
Та сметот стана азно
А азното во кал го закопавме
Арамилакот стана чест
А честа под нозе ја згазивме
И потем се чудиме
Оти тие кои по нас идат
Немаат усул и немаат почит
Без глави да сведнеме
И без да се засрамиме
Оти во нив себеси се гледаме
И дека тие од нас пример земале
Та наместо кради-открадни
Земи-в џеб пикни никој да не види
Можевме на љубов да ги научиме
И во глава да им всадиме
Оти од туѓо алал нема
Од туѓото никој убост не видел