Личност со нарцисоидно пореметување на работното место ги доживува луѓето како објекти: Психолог м-р Дора Попова Узуновски за Светскиот ден на менталното здравје

Добивај вести на Viber

За Менталното здравје се пишува редовно, тоа е многу важно за секоја личност, но се чини, дека не секој го сфаќа здраво за готово, некако не се придава многу значење на стресот, на анкзиозноста, паничните напади... ниту пак на многу потешките форми на нарушено ментално здравје.

Денес токму на Светскиот ден на менталното здравје зборуваме со психолог м-р Дора Попова Узуновски. Ќе ја опфатиме темата за менталното здравје на работното место, за нарцисоидно лице како вработен или претпоставен, како тоа влијае на работата, но и на вработените.

- Нарцизмот како појава може да биде клинички и субликинички. Под клинички нарцизам се подразбира лице со дијагноза на нарцисоидно пореметување, додека субклинички нарцизам е лице кое има само карактерен стил со изразено нарцсисоидни црти. Во основа ментално здравата личност има свесност за своите нарцисоидни црти и умее да ги употребува соодветно. Не секој нарцизам е штетен. Нарцисоидното пореметување е она кое може да направи проблем во меѓучовечките односи, меѓутоа личноста често не е свесна за тоа дека воопшто прави проблем. 

На работното место луѓето кои имаат нарцисоидни црти на карактерот, може и те како да остварат потенцијал во компанијата ако се поставени на соодветните позиции(пр. продажба, маркетинг, односи со јавноста и сл.).

Главната карактеристика на нарцизмот е прекумерната потреба од внимание. Затоа работни позиции кадешто се бара изразен контакт со луѓе, може да бидат добри за некој кој има нарцисоидни црти на карактерот, вели психолог м-р Дора и истакнува дека личностите со нарцисоидното пореметување се нешто сосема друго: - Но луѓето со нарцисоидно пореметување, може да направат проблем од типот да за сметка на потребата за внимание ги нарушат односите со другите вработени. Тоа најчесто го прават преку мобинг или друг вид на манипулација со цел да останат во центарот на вниманието. 

* Има ли пријатели и блиски личности од вработените, лице кое има нарцисоидно пореметување или најчесто е сам?

- Во однос на близината со другите луѓе, повторно има врска дали се работи само за карактерна особина, или за пореметување. Луѓето кај кои е сочувана здравата структура на личност, може да имаат блиски и да не дозволуваат тие карактерни црти да им пречат во односот. Меѓутоа луѓето со пореметување, навистина може да немаат блиски пријатели или колеги, бидејќи тие луѓето ги доживуваат како објекти кои треба да им го дадат вниманието низ различни форми како што се нега, услуга или чувство на сигурност. Тука нивната потреба ја надминува автентичната искрена потреба за блискост.

* Како да го препознаат вработените такво лице, како да се заштитат?

- Заштитата на вработените од лицето со нарцисоидно пореметување е процес кој бара соодветна подготовка и препознавање, како и способност за разликување на цртите и пореметувањето. Самото препознавање е процес некогаш и за самите нас, кои сме професионалци, бидејќи е комплексна појава. Има и други пореметувања и карактерни стилови кои наликуваат на нарцизам, но не се нарцизам. Сепак, некои начини тоа да се препознае е дали кај личноста се нарушени моралните вредности и норми и колку личноста го истакнува своето жртвување за компанијата, како и доживувањето дека треба да има некаква привилегија над другите во компанијата. Тоа се препознава преку однесувањето со и влијанието на тимот. Се разбира, постојат и одредени прашања на интервју кои би можеле да бидат некаков детектор. 

* Како психолог  м-р со долгогодишно искуство кој би бил вашиот совет за граѓаните на Светскиот ден на менталното здравје?

- По повод Свестскиот ден на менталното здравје, би рекла само дека две нешта го прават човекот ментално здрав. Способноста за љубов и способноста за работа. Ако постојано инвестираме во двете, животот ќе ни биде исполнет, и покрај падовите што ги доживуваме. Ако инвестираме во еден аспект ќе бидеме половично, 50% среќни. Но ако не инвестираме во ниту една од двете нешта, тогаш со сигурност не чека морална внатрешна деградација.


Наталија Миланова