ЛИДИЈА ВЕЛКОВСКА: МАКЕДОНИЈА ПАК НЕ ОДИ НА МИС НА СВЕТОТ
Македонија, трета година по ред нема да има претставничка на најстариот светски избор за убавина, Мис на светот кој ќе се одржи во Кина, на островот Санија, на 8 декември. Веќе девеведесет земји потврдија дека ќе ги испратат своите Мис на изборот, а Македонија повторно не е дел од нив.
„Лиценцата за Мис не ја давам додека сум жива“, изјави во една прилика Лидија Велковска. Фото: „Вечер“
Лидија Велковска, сопственичката на лиценцата за Мис на Македонија за Мис на светот, во порака кусо ни потврди дека ниту оваа година, во Македонија ќе нема избор за Мис.
„Не, оваа година нема да имаме Мис“, ни одговори Велковска. На прашањето, кои се причините, таа одговори само: „Икс, икс, икс“. Велковска е поранешна Мис на Југославија. На изборот за Мис на светот во 1975 година во Лондон, таа го освои високото четврто место.
И лани и преклани, Велковска не испрати девојка на светскиот извор за најубава девојка поради немање финансии. Од 1996 година, откако е сопственик на лиценцата, таа кубури со обезбедување на спонзорства. Во неколку наврати, бараше финансиска помош од претходните Влади, како и од сопругата на Претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова.
Ланската Мис на светот е Мануши Чилар од Индија
Последна, и се уште актуелна Мис на Македонија е Емилија Розман, наш познат модел, водителка, дипломиран дефектолог и волонтер во Црвениот крст. Велковска ја испрати Розман на Мис на светот 2015 во Саниа, Кина, како нејзин интерен избор. И покрај тоа што не беше организиран јавен кастинг или шоу на кое со публика ќе се избере најубавата Македонка, јавноста се согласи со изборот на организаторката поради квалитетите на Розман. По сите критики од јавноста за киксовите околу организацијата, таа рече дека за одржување на лиценцата за Мис на светот на годишно ниво плаќа сума од неколку илјади евра од свој џеб, и не намерава никому да ја продаде додека е жива.
Ланската Мис на светот е Мануши Чилар од Индија.
Милица Џаровска