Ликот од „Модернизам и ренесанса“: „Една тетка ме бркаше у маркет низ рафтовите дур зборев на телефон, за да ме сликне дека ме познала по гласот“

Добивај вести на Viber

„Модернизам и ренесанса“ е име со повеќе од 71 илјада следбеници, одлична идеја, која на хумористичен начин ги пренесува актуелните случувања на денешницата. До неодамна, речиси никој и да не знаеше кој се крие позди  ликовите кои секојдневно ги смееат до солзи илјадниците посетители на овој Инстаграм профил. Но, тој е еден. Вели дека целата оваа приказна, која стана неверојатно вирална, почнала сосема случајно, а се останато е историја. Женски Магазин ја имаше ретката чест да поразговара со неверојатно креативниот и талентиран Душан Петровски кој ни раскажа нешто повеќе за овој проект, за времето кога беше доста актуелен во „Фчерашни новости“, но и за тоа, како се снаоѓа во улогата на татко и сопруг.

ЖМ: Од каде идејата за еден ваков креативен начин на изразување?

Искрено се деси сасвим случајно. Седев на работа и случајно чепкав низ инстаграм и наидов на филтрите па снимив едно ,,стори’’ и луѓето (што не беа повеќе од 1500 у тој момент) побудалеа и почнаа да ми ѕвонат и да ме тераат да снимам уште.

ЖМ: Кој лик најмногу ти "лежи" , во кој најмногу се пронаоѓаш?

Па сите ликови си лежат у мене (затоа и сум збудален малку) и зависи кој ќе се разбуди дента или вечерта за да го уснимам. Плус секој месец се уселува по некој нов лик, а луѓето што ме следат се тие кои се пронаоѓаат во нив.

ЖМ: Што ти е најголема инспирација, со оглед на тоа дека треба навистина голема креативност да се срочи едно видео кое кажува се за моменталната ситуација?

Па инспирација ми е смеењето! Има ли поубаво нешто од насмеан човек?! 

ЖМ: Кој лик е најпопуларен?

Па не знам, искрено мислам дека се повеќе од еден лик на прво место.

ЖМ: Она што беше интересно е дека долго време публиката не знаеше кој се крие позади ликовите на мод. и рен. и денес, се уште многумина не знаат кој е тој што ги смее до солзи. Зашто одлучи да го откриеш идентитетот?

Па не дека се отркив јас реално, самите луѓе ја препознаваа таа мала коцка (кај што ми се гледа устата и носот) и гласот, па така они почнаа да ме сликаат и да ме објавуваат. На пример имаше една тетка што ме бркаше у маркет низ рафтовите дур зборев на телефон за да ме сликне дека ме познала по гласот а не знаела како изглеам, хахаха.

ЖМ: Многумина те познаваат по улогите во "Фчерани новости", ти беше еден од омилените ликови. Имавте неверојатна гледаност, што се случи, зашто престана да се емитува?

Уфффф не знам дал можам да одговорам на тоа прашање искрено зошто јас бев таму само вработен (дека немаше место у државна администрација), така да тоа треба да ја прашате управата на фчерашни за да ви кажат што се десило тачно.

ЖМ:Таму ја запозна и твојата сопруга, која исто така е јавна личност, Елена Романова. Во една прилика ми рече дека те "ќарила" на ветувањето дека ќе ти роди убаво дете, рака на срце го исполни тоа. Но што беше пресудно за кратко време да стапите во брак?

Пресудно беше детето кај неа у стомак, хахаха, а тоа се деси дека го прекршив правилото ,,кај што се вади лебот, не се става….’’  океј имаше и љубав што личеше на микс од турско-шпанска серија.

ЖМ: Како се снаоѓаш во улогата на сопруг и родител. Дали тоа ти го „смири“ нескротливиот темперамент?

Со нескротливиот темперамент ќе си умрам вероватно, а улогата на сопруг и родител ја ,,играм’’ беспрекорно како да ви кажам, готвам (од чварки до летна манџа), чистам (дека имам сам живеено долги години во странство па знам како е да си сам свој чистач) абе како да ти речам уште што не дојам хахахха.

ЖМ: Може ли да се очекува нешто ново од тебе, со оглед на тоа дека публиката навистина ужива во твоите „дела"?

Па со оглед на тоа дека цел живот правам глупости секојдневно, нека не престанат да очекуваат и да уживаат во тоа што го правам.


Елеонора А.