Љубовната приказна на Иван и Елизабета Мирчевски: Се засакавме на прв поглед
Иван Мирчевски, директор на Канал 5 и неговата сопруга Елизабета, важат за еден од најскладните брачни двојки на јавната сцена. Кога ќе се спомене нивното име, луѓето што ги познаваат во таа насока ќе констатираат – вљубени се како првиот ден.
Нивнато брачно мото е „ако нема искреност, разбирање, толеранција, љубовта се доведува во прашање“.
Мирчевски вели дека не е идеален сопруг, има свои маани, но се обидува нив да ги „искомпензира“.
ЖМ: Денес со чаша вино ќе се наздрави за љубовта. Каков е вашиот однос кон празникот, се случува ли да ја изненадите сопругата со подарок или романтична вечера?
-Се обидувам почесто да ја изненадувам Бети, не само за 14 февруари и вообичаено тоа се работи кои нејзе, а и мене нè прават среќни. 14 февруари и двајцата го сметаме како искомерцијализиран ден кој нема врска со православието, но сепак му посветувавме одредено место во нашиот календар. Велам во минато време поради фактот што некако почнавме да го сметаме времето пред и после Короната и има навики кои претходно сме ги практикувале, денес да не ги практикуваме или тоа да биде со намален интезитет. Но, има и обратни примери.
ЖМ: Дали сте двајцата љубители на виното и кога најчесто го конзумирате?
- Двајцата сме мега љубители на добро вино и го консумираме со добар ручек, многу поретко со вечера од причина што избегнуваме да вечераме. Едноставно како љубители на морска храна никако не оставаме во истата да уживаме без чаша добро бело вино. Сакаме и црвено вино и искрено не правиме разлика според бојата, туку според квалитетот и вкусот на вината. Може да се каже дека љубиме добра и квалитетна чаша вино, се разбира со добар оброк.
ЖМ: За љубовта многу пишувале, во нејзино име создавале и војувале, била инспирација на многу уметници, но, секој ја доживува на свој начин. За едни е радост, за други болка. Која е вашата размисла за љубовта?
-Самиот факт што сме заедно после многу години покрај сите премрежја низ кои сме поминале, сметам дека заедништвото е вистинската размисла. Љубовта е пред сè внимание и нежност, колку тоа денес да звучи отуѓено од сите нас.
ЖМ: Се сретнавме случајно, се засакавме засекогаш. Максима, која одговара на вашата прва средба или се случи нешто сосема поинакво?
- Токму така, се сретнавме во дискотеката MAD во градскиот парк и се засакавме на прв поглед.
ЖМ: Во кој миг сфативте дека Бети е посебна, дека има нешто во неа што се чувствува и не може да се опише со зборови. Со што ве освои?
- Не знам, има многу работи кои ги сакав кај неа, пред сè преубавите сини очи. Но, имаше нешто што го сфатив многу брзо, дека таа е некако втората моја половина.
ЖМ: Од предлогот за брак, може да се стекне впечаток дали мажот е романтичар или практичар. Како вие тоа го направивте?
- Да бидам искрен мојот предлог за брак беше далеку од романтичен. Беше повеќе тремаџиски, особено што дојде после долг период на забавување. Но, не сум сигурен дека клекнувањето на колено е доказ дека некој е романтичен.
ЖМ: Двајцата сте луѓе од медиумите. Вие бевте поекспонираниот. Како се носеше со вашата популарност?
- Не е лесно да се биде сопруга на медиумска личност, но за среќа нејзиното искуство помогна заедно да се носиме со разни предизвици, затоа што Бети беше до мене и во моите најтешки професионални моменти. И да ми веруваш, ова го велам со полно срце и искрена душа – таа е мојот единствен и искрен советник до ден денешен.
ЖМ: Една флоскула вели: „Нема време за досада. Постои време за работа и за љубов“. Имате тешка и одговорна работа, успевате ли проблемите да ги оставате под черга пред да влезете дома и да ја негувате љубовта, со заеднички ручек, шетање, дружба со пријатели?
-Тешко за жал, моите обврски како прв човек на Канал 5, особено од 2015 наваму кога почнав да бидам и уредник на некои емисии во информативната редакција се огромни поради фактот на позицијата на телевизијата – професионална, балансирана и непартиска. Често пати знае да ми забележи дека работата ја носам дома и дека домот ми станал канцеларија, што е вистина, па во последниов период, особено после Ковидот направив некои резови со цел барем попладневните часови да не бидат толку „професионални“. Сфативме и двајцата дека најубаво се релаксираме со шетање и со семејството и тоа го правиме често.
ЖМ: Која е ваша заедничка страст, хоби?
-Музика и патувањата. Бети е виолинист, страстен обожавател на музика и тоа е наша заедничка страст. А во периодот на Ковидот, откривме дека патувањето ни е заедничка страст, нешто за што пред тоа изгледа не сме биле ниту свесни.
ЖМ: Љубов, разбирање, толеранција, клучни елементи за среќен брак. Со што би ја надополниле оваа дефиниција, за да се добие дефинитивната слика која се стекнува во јавноста за вас „среќни и вљубени како првиот ден“?
-Искреност и взаемна поддршка – и кога е тешко и кога е убаво, нема ништо поважно од ова особено од взаемната поддршка. Нема ли искреност, нема разбирање и толеранција, а нема ли меѓусебна поддршка тогаш и љубовта се доведува во прашање. Да бидам искрен, се сметам дека сум далеку од идеален сопруг, имам јас свои маани, но се обидувам мааните да ги „искомпензирам“.
Соња Алексоска Неделковска