Љубовната приказна на Спасен и Ана Силјаноски: Кога би се вратило времето повторно би ја оженил неа, а дали и таа мене не знам

Добивај вести на Viber

Еден од најпознатите фолк пејачи во нашата земја, кичевчанецот Спасен Силјаноски покрај тоа што е успешен во музиката, успешен е и во љубовта. Имено тој 11 години е во хармоничен брак со сопругата Ана со која се родители на две деца, 10-годишниот Арсениј и 8- годишната Мила.

Токму за почетоците на нивната голема љубов, како и за предизвиците низ кои поминува еден брак, за децата, но и за заедничката иднина, Спасен отворено зборува во интревјуто за Женски Магазин.

* Како се запознавте со сопругата? Дали тоа беше љубов на прв поглед? 

- Со сопругата се запознавме по некоја си чиста случајност во Полска. Јас бев на турнеја со КУД „Бисер“ од Кичево како хармоникаш, а таа беше туристка. Случајно дојде на нашиот настап и веднаш „кликнавме". Потоа продолживме да се гледаме и кога се вративме во Македонија. 

* Како ја запросите Вашата сопруга, дали тоа беше некое посебно изненадување?

- Јас имав сообраќајка и подолго време бев на лекување на клиника. Таа иако средношколец секој ден доаѓаше кај мене на посета и ме негуваше како да се знаеме долги години. Во тој момент знаев дека таа и само таа е мојата иднина. Си дадов ветување  дека кога ќе оздравам и ќе ја напуштам клиниката ќе ја запросам. Нејзиното внимание и грижа за мене не ме оставија рамнодушен. И не погрешив. Кога би го вратил времето повторно би ја оженил неа.

* Како изгледаше Вашата свадба? Дали и Вие запеавте некоја песна?

- Нашата свадба ја одржавме во Кичево во присуство на 600 гости од кои голем дел мои колеги... Секако дека и јас неизбежно се фатив за микрофонот. А исто така голем дел од моите колеги и колешки.

* Што е клучот за среќен брак?

- Според мене клучот за еден успешен брак е меѓусебното разбирање, трпеливост и флексибилност. Никој од нас не е совршен, сите во одредена ситуација знаеме да направиме грешки, но никако тие грешки не смеат да влијаат во фамилијарната хармонија. Доколку постои вистинска љубов има решение за сѐ. За секоја поголема одлука седнуваме и разговараме заедно па така го вадиме најдоброто решение за нас и нашето семејство. Потенцирам , меѓусебното разбирање и флексибилност во носењето на семејните одлуки е еден клучен фактор за успешен брак.

* Што ја издвојува Вашата сопруга од останатите жени, зошто за Вас е посебна?

- Навистина ја разбирам во даден моменти дека нејзината одговорност кон семејствојо е можеби поголема од мојата бидејќи јас поради мојата професија често сум отсутен од дома. Па така голем дел од товарот околу воспитувањето на децата и домашните обврски е на нејзин товар. Но токму затоа и ја одбрав токму нејзе. Бидеќи знае како да се справи со сите проблеми без да има некакви последици. 

* Дали знае да Ви замери што често отсуствувате од дома поради работата или пак Ве разбира?

- Верував и знам дека моето отсуство од дома ѝ пречи, нели времето е најдрагоценото нешто кое ние го немаме толку многу за да поминуваме заедно, но затоа кога го имаме го искористуваме максимално. Мојата сопруга ја разбира мојата зависност и потреба од музиката па многу храбро се носи со тоа...На крај е сѐ во интерес на семејството.

* Колку децата Ви го променија животот, и бракот?

- Јас често знам да објавам слики од моите деца на социјалните мрежи и да напишам „за животот да има зошто живот да е" ...Мислам дека без семејство и деца животот е празен...Децата ве промwнуваат од корен, се разбира во позитивна смисла. Тие се целта на мојот живот и на она што го работам. Од нив ја црпам сета моја енергија, мотив, среќа и љубов...па понатака ја пренесувам на публиката. И кога ќе се истрошам енергетски повторно одам да се изнагушкам со нив и да ги наполнам моите батерии.

Им посакувам и го молам Бог да им подари дечиња на сите лyѓе за да ја почувствуваат таа благодат и бесконечна среќа.

* Кој на кого наликува од нив? Какви деца се?

- Децата повеќе наликуваат на мајка им, но темераментот и на моја среќа љубовта кон мyзиката ја имаат наследено од мене. Двете деца одат во нижото музичко училиште „Луј“, како и на приватни часови по клавир и хармоника. Некогаш кога компонирам нова песна дури и добивам совети од нив што им се допаѓа, а што не. Едноставно прекрасно е кога има со кој да ја делите вашата опсесија.

* Кој повеќе се занимава со нив и нивните обврски? Дали знаете да помагате во домашните обврски?

- Да бидам искрен сопругата во најголем дел е таа која што се грижи за нив и за домашните обврски, а тоа е последица на фактот што јас често сум отсутен од дома...Но како што кажав и претходно одлично се носи со таа одговорност, ги воспитува онака како што јас баш сум размислувал, а јас сум повеќе од сигурен дека се во сигурни раце.

* Како би сакале да остарите заедно, што си замислувате за иднината?

- Крајот секој го размислува и посакува на различен начин. За мене поимот „богатсво" не го разбирам во материјална смисла. Поимот богатсво го разбирам во здраво и среќно семејство...Би сакал да остариме во добро здравје и од страна да го гледаме и поддржуваме успехот и среќата на нашите деца.


*Д.Караташова Илиоска