„Животот тече, ама за Дракче боли“! Весна Вучиќ ни ја раскажува љубовната приказна со познатиот шоумен кој прерано почина
Велат таа е синоним за убав говор, дикција и совршено владеење на македонскиот јазик. Своевремено важеше за една од најдобрите и најубавите спикерки кај нас. Покрај кариерата, бракот со познатиот пејач и водител Драган Вучиќ од кој го има синот Мартин ја одбележа нејзината младост, а токму денес само за Женски магазин, Весна Вучиќ ќе ја раскаже својата љубовна приказна. Неодамна изминаа точно 42 години откако таа и Драган стапија во брак, иако пред речиси 4 години тој не напушти засекогаш, спомените се сè уште свежи, а убавите моменти изминатите 4 децении постојано се прераскажуваат. Ова интервју напишано со ред солзи, ред насмевки потсетувајќи се на едно убаво време, рскажува приказна за љубовта која денес ретко може да се види. Разговорот го започнавме сеќавање на првата нивна средба која датира од крајот на 70-тите години.
- Во март 1979 година се случи нашата прва средба. Нивната кума, а моја другарка Анче, требаше да земе од кај него тестови за возачки испит … и оттогаш започна нашата љубов. Јас тогаш бев студентка на Филолошкиот факултет, а тој вратен од војска (морнарица), свиреше бас гитара во група во тогашен Гранд хотел, секоја вечер, освен во понеделник.Секојдневно бевме заедно, но вечерите тој на работа, јас повремено со другарките на музика. И така 3 години …
Ж.М. Со што ве освои Драган, со оглед на тоа дека бевте една од најпознатите и најзгодните радио-спикерки во тоа време?
Со неговата непосредност, искреност, трудољубивост, па беше убав дечко, хахаха. Јас се јавив на аудиција за највувачки во МТВ во тоа време, ама во меѓувреме се случи свадбата и најголемата наша радост Мартин, така што камерите и микрофонот беа во втор план. Кога Мартин наполни 10 месеци, почнав да работам хонорарно (6 години во МТВ како најавувачка, па програмски секретар на Информативната програма), па спикер малку во МТВ, долги години во Радио Скопје, се до моето пензионирање во 2020. Значи, јас со мојата професија, Драган со неговата кариера некако заедно „растевме“. И покрај тоа што тој почнал да свири и да на стапува од неговата 15-та година, свирел и со група „Македонија“ па после тоа Тавче гравче, Кода, па соло кариера па ТВ емисии … а јас си ја работев работата за која што сонував уште како дете.
Ж.М. Дали се сеќавате на моментите кога му соопштивте на Драган дека чекате син и дали токму тој беше главниот „виновник“ од кого Мартин ја наследи љубовта кон музиката?
Како не се сеќавам, па беа најсреќните моменти. Драган беше пресреќен. Веднаш појдовме кај него дома да им кажеме дека наскоро ќе има свадба, па кај нас … На свадбата имаше околу 450 гости, неколку групи, многу пејачи. Драган беше прекрасен и татко и сопруг, одговорен, семејството му беше од исклучителна важност, а Мартин му беше сè на светот … Мартин не можеше да „избега“ од музиката, и двајцата дедовци (Пеце Атанасовски и Миле Вучиќ), татко му, мајка му меѓу другото и игроорка … тој живее со и за музиката.
Ж.М. Како се соочувавте со предизвиците кои ги носеше вашиот јавен живот, но и подоцна, кога Мартин „заплива“ во тие води?
Јас живеев во такво семејство … татко ми често патуваше, настапуваше, мајка ми беше задолжена за домот, за мене и за сестра ми Сузана, па ми беше нормално да продолжам по тој пат. Бевме млади, среќни, Драган често отсуствуваше, јас одев на смени на работа, и му се посветив на Мартин, неговото образование и воспитување. И покрај тоа што е единец, не беше разгален, се трудевме да израсне во здрава средина и да учи да се справува со предизвиците што ги носи животот.
Ж.М. Со оглед на јавната професија по која бевте препознатлива вие но и вашиот сопруг, како ги поднесувавте искушенијата на кои „паднаа“ многу љубови, чести настапи, вечерни снимања, турнеи …?
Па не секогаш ми било сеедно, од муабети, реакции, коментари и текстови во весници, ама не сум реагирала, напротив, знаев од тоа да направам и шега … Кога ќе се приберевме дома, нашите разговори беа само за семејството, се посветуваме и на пријателите и на роднините и на секојдневните радости и проблеми што ги носи животот.
Ж.М. Вие и Драган бевте пар кои функционираше беспрекорно, без ниту еден скандал … па од оваа перспектива, која беше тајната „состојка“ за успешен брак?
Меѓусебната љубов, разбирањето и почитувањето. Слободата на партнерот е од исклучителна важност. Драган си ја сакаше работата, никогаш не сум му била пречка, ниту тој мене. Тој после напорната работа сакаше да е дома да гледа филмови, а фудбал уште повеќе, а јас бев поенргична. Сакав и на работа и дома ама и со другарките да излезам на кафе, на музика. Ќе ми речеше: Аман бе Венде утре си утринска од 5 часот на работа, одмори се. Ама јас да не пропуштам нешто, хахаха. Шега на страна, со добра организација за се има време и за дом и за семејство и за друштво.
Ж.М. На кои заеднички моменти се сеќавате често, што е она што го одбележа вашиот брак?
Заедно бевме 4 децении. Многу прослави, родендени, годишници од брак, годишни одмори и секако домашната слава Света Петка.
Ж.М. Како сте денес, со оглед дека зад вас е еден доста тежок период?
Со здравјето сум добро … По заминувањето на Дракче, ништо не е исто. Ама, тоа е. Живот … Не може ништо да се стори, илјадници семејства се завија во црно во тој период … и моето не беше исклучок, шок … судбина. Велат од судбината не се бега. Живеам со спомените, живеам за моето чедо, живеам и за себе. Сакам да се радувам со семејството, моите најблиски, сестра ми, со семејството на Драган, девер ми, јатрва ми нивните деца, другарките, пријателките … Животот тече, ама, Дракче … боли!
Елеонора А.