ЛОЗАНО СЛАВИ 10 ГОДИНИ КАРИЕРА: Животот е школо секој ден
Влатко Лозаноски со нов материјал ќе го прослави јубилејот-една деценија естрадна кариера. Албумот е симболично насловен „10“ и ќе содржи десет композиции од кои дел се веќе промовирани, а дел јавноста допрва ќе ги слушне.
- Оваа година одбележувам 10 години од почетокот на мојата музичка кариера. Албумот го работев со мојот продуцент Лазар Цветкoски, додека за текстовите се погрижи Магдалена Цветкоска. На една нумера се потпишува и мојата сестра Марија Лозаноска – ни откри популарниот пејач.
Лозано е еден од најпочитуваните машки вокали на домашната поп-сцена. Добитник е на повеќе домашни, но и меѓународни признанија. Во 2009 година на реномираниот интернационален фестивал „Славјански Базар“ во Белорусија го освои второто место со хитовите „Сонце не ме грее“ и „Блиску до мене“. Во 2013 година во дует со Есма Реџепова-Теодосиевска ја претставуваше Македонија на евровизискиот избор. Во една прилика изјави дека иако низ годините му се случиле повеќе избрзани професионални одлуки, не жали за ништо особено.
- Во дадениот момент така требало да биде. Тоа секогаш е поради недоволно искуство, незнаење, можеби наивност, но како врват годините, искуството е сѐ поголемо. На работите се гледа од сосема поинаков агол и позрело. Животот е школо секој ден – порача тој.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов