Клучна е мотивацијата за да се остане на вистинскиот пат на успехот: Утринско кафе со Менче Ивановска Милеска

Пред да го испијам првото утринско кафе денот го започнувам со чаша вода и лимон, дневна доза на витамини и кратка утринска медитција како подготовка за денот. Потоа следи првото утринско кафе кое во работните денови најчесто го пијам сама бидејќи мојот сопруг е работно ангажиран надвор од нашата држава. Тоа е единствениот момент кога сум сама и  размислувам на дневните обврски кои следат радувајќи се на новиот ден, а за време на викендите најчесто кафето го пијам со сопругот каде што го планираме времето посветено на нашите деца и семејството.  Потоа следи навистина динамичен ден. Започнуваат подготовките за на училиште и работа. Најпрво се буди мојот помал син Лука кој е прво одделение, а веднаш потоа и постариот син Кристијан кој е седмо одделение.  Се гушкаме, си посакуваме убав ден и секој го започнува својот ден согласно своите обврски.

Следното кафе на работа е резервирано за колегите од мојот тим кои се навистина прекрасни и позитивни луѓе. Тоа е време кое ни е посветено за организација на работниот ден и планирање на дневните активности. 

Работниот ден во осигурителна компанија која е лидер на пазарот  е исполнет со многу обврски, состаноци со клиенти и  многу предизвици, а клучна е мотивацијата за да се остане на вистинскиот пат на успехот. Многубројните  признанија за моите професионални достигнувања во Кроација осигурување Живот, се само потврда дека со добра организација, со фокус, со желба за успех, со многу љубов и благодарност може да се надминат сите предизвици и да се реализираат целите.

Вториот дел од денот го посветувам целосно на моите деца и семејството. Уживаме во заедничките прошетки во парк, возење велосипеди, слушање музика, играње друштвени игри и слично. За време на викендите заедно со сопругот и децата уживаме во друштво на нашите пријатели и роднини.

И за крај после долгиот и исполнет ден следуваат минути за читање книга. Сакам да прочитам нешто ново, нешто корисно, нешто што ќе го надгради моето знаење и како родител и како професионалец во мојата професија. Кога е во прашање филмот изборот е комедија со која секогаш успевам  да си го подобрам расположенито и да заборавам на заморот после долг и напорен ден. Секако многу ми недостасуваат и театарските претстави кои со корона кризата ќе мора да ги одложиме за некое подобро време.

(* Менче Ивановска Милеска- менеџер за бизнис продажба во Кроација Осигурување Живот)