Мајчинството не е трка: Инспиративна колумна на Силвија Митевска

Добивај вести на Viber

Минатиот месец напишав колумна „Ми треба одмор од одморот“, која се однесуваше на мојот летен одмор со две деца. Ви благодарам од сè срце за пораките кои ми пристигнаа во неочекувано голем број. Мило ми е што колумната беше многу читана и многу ме израдуваа пораките од мајките кои се „пронајдоа“во (не)одморот. Некои се идентификуваа со текстот во целост, велејќи дека сум го опишала нивниот одмор „од збор до збор“, некои се идентификуваа со детали од одморот, притоа опишувајќи ми ги и нивните хаотични моменти од летувањето. Но, меѓу сите овие пораки, една ми остави особен впечаток. И токму таа порака е инспирација за оваа, втора по ред, колумна.

Мајчинството е мојата најголема авантура. Тоа е како да сте тргнале на многу долго патување, и со многу попатни станици. Ќе возите и на дожд и на сонце, многу веројатно е дека ќе ви се издише гума, ќе ви прегори светлечки фар, можеби ненамерно ќе поминете на црвено светло и ќе добиете казнени поени. Но, мајчинството истовремено е и возење низ преубави предели. Високи планини и зелени гори, цветни ливади и оази од чија убавина здивот ви застанува. Мајчинството ќе ве „одвезе“ до места на кои никогаш поинаку не би стигнале. Понекогаш ќе возите по автопат, а некогаш по патека. Важно е никогаш да не застанете.

Секоја од нас вози со различна брзина и по различни патишта. Односно, секоја од нас различно се снаоѓа во улогата на возач-мајка. Понекогаш возењето ќе биде пријатно и весело, вистинско уживање. Ќе пееме на глас на нашата омилена песна и преку отворениот прозорец ќе ги поздравуваме минувачите. Некогаш, возењето ќе биде долго и ќе бидеме уморни и изнемоштени. Ќе ни треба пауза и одмор. Оддишка од нашето зацртано место-зад воланот. И тоа е сосема нормално. Нема тука правилно или погрешно. Но, најважно од сѐ-не треба да има срам! Та ние не сме професионални возачи, неодамна за првпат сме седнале зад воланот. Учиме постепено, како да ја стартуваме колата, како да менуваме брзини, како да закочиме за да не излетаме во провалија. И сосем е во ред понекогаш да кажеме дека сме се загубиле. Во ред е да се каже - не знам. Јасно и гласно.

Мајчинството не е натпревар, а уште помалку трка. Ние не сме некои супер-хероини кои никогаш не чувствуваат замор, бес или лутина. Не е возможно секогаш да сме одморени, енергични и добро расположени. Во ред е да си признаеме дека понекогаш и нас не стигнува уморот, депресијата, досадата. Повеќе од кога било, имаме потреба од искреност. Чуму се оправдувања и лаги за да се прикрие вистината? Да, понекогаш се чувствувам исфрустрирано затоа што имам премногу работни обврски. Понекогаш сум и уморна, а знам и мајки кои се депресивни. Понекогаш ми доаѓа да избегам од дома и да се скријам каде што нема да ме најдат. Понекогаш сакам кафе сама со себе да испијам. Понекогаш сум нервозна зашто повеќе немам слободно време за себеси. Понекогаш денот не врви онака како што го замислувам. Понекогаш не ми е денот. Или неделата. Но, сето тоа поминува. Се е во ред, сè додека сме искрени самите пред себе.

И, тука доаѓаме до клучната работа- да ги прифатиме мајките онакви какви што се. И да ги поддржиме. Родителството изискува многу работа за уште ние да си правиме притисок едни на други. Не постои совршена мајка. Сите ние сме различни. Имаме различни потреби, навики и амбиции. Но, има едно нешто што нè поврзува -љубовта кон нашите деца. Врската помеѓу мајката и детето е идентична кај сите. Колку и да се обидувате да ја пресечете, останува нераскинлива. Затоа, следен пат кога ќе видите мајка во незгода, не вперувајте прст. Таа само излетала од некоја кривина. Подадете ѝ рака и помогнете ѝ да продолжи со патувањето. Сега, повеќе од кога било имаме потреба од женска солидарност.

Среќен пат!