МАЈКА

Добивај вести на Viber

Пред сѐ да Ви се заблагодарам на сите што ми пишавте, и Вам што решивте да ме следите, да ме споделите и поддржите. Одлучив вака. Во секоја колумна ќе одвојам дел за Вашиот живот, за секој од Вас што ќе се пронајде, ќе се мотивира или ќе се инспирира за позитивна промена и делување. Посочете ми што би сакале, како би можела да Ви дадам повеќе, и без да Ви ветам, ќе се обидам.

Кога делиш е полесно. И болката и среќата поделени на две се полесен товар за носење. А помножени по многу, добиваме љубов. 

Денес Ви ја претставувам Антонија, со фотографија од нејзината битка, пред и потоа, како што љубат да кажат медиумите. Од мене поклон до земја драга моја, уште се борам со салцево околу љубовниве рачки, точно знам колку е ова тешко и колкава е волјата потребна да некој го постигне ова. Ти Благодарам што сподели со мене и што ми дозволи да ја започнам денешната моја приказна со тебе.

Јас сум тежок човек за да бидуваш покрај мене. Од мала знам што сакам, од две години шетам со ранец на грб со основни работи во ранчето за да не преспијам дома. Мајка ми често знаеше да ми каже, Абе на камче пред врата ќе спиеш, само да не си дома. Немав ред, бев класичен тинејџер со сите можни хистерично андрогени испади на не знам зошто постојам, еве сега ќе се самоубивам и дај ми порок. Секој од нас го поминал тоа, а вие мајките во моментов голтате нечии солзи за себенегирање. И вие сте хероите на денешниов свет. Епа во тој процес на созревање, на себе запознавање и себе дефинирање, мојата ме износе, онака женски, на две нозе. Проблемот кај мене беше што по автоматизам на уметник си го продолжив пубертетот до 30, па така мојaвa жена херој изголта еден тон солзи за да јас станам тоа што во моментов сум. И киднав на 17, отидов да студирам во Белград, Костимографија и Моден дизајн. Ме немаше дома скоро 7 години, за малку ќе се омажев, го превртев половина свет наопачки, живеев сон на секој млад човек, слобода. Се вратив на 24 со намера пак да си одам. Судбина пише романе и не ја боли уво што планираш, па така еден сплет на околности и останав овде, направив моден бренд, направив Драма. И сега сум овде, релативно читава, преамбициозна, емотивна и среќна само заради таа слобода. Во цел тој процес на моја трансформација, од класичен гимназијалец во уметник, од уметник во потенцијален бизнисмен, а сега и чекор повеќе, ме издржа бе. Рамо до рамо. Никогаш не ми рекла Ивана дебела си/слаба си, никогаш не ми рекла држи диета или не јади или јади. Ме остави да го вкусам животов сама, да искусам на свој грб, дека така повеќе се учи и подолго се памти. Тргнав да градам, ми рече ајде, изгубив и паднав, ми помогна да станам.

Работам со доста млади девојки, дел доаѓаат со своите мајки. Често сведочам недоличен однос, неубави зборови и несоодветни совети. Често мајките се рефлектираат во своите деца. Не судам, да се разбереме, никој од нас нема право да суди. Посочувам, и преку мене сакам да Ве натерам да се помислите каде ви е исчезната среќата. Мајка ми велеше, ќе се помирам со сѐ она што те прави среќна. Но немој да ми глумиш среќа Ивана, и обиди се да ја направиш разликата помеѓу миг на среќа и среќен живот.

Па така, да се вратам на килограмите, со 92, кога не те собира ни плакарот, а камоли гардеробата во него, знаеше да ме буцне, Ако си среќна не менувај ништо.

Сега јас ќе ве прашам, Среќни ли сте? И ако не сте, зошто не менувате.

Кога сфатив дека сум проклето несреќна, неисполнета а Богами и веќе на граница на фрустрирана, започнав со промена. Дечки многу е тешко да се разбереме. Прво да си признаеш, после да почнеш. Знам многу што почнале и се откажале, знам многу на кои им е полесно да гнилат во бара на застарени емоции и неопростени минати грешки, отколку да станат, да променат и да посакаат повеќе за себе. Едно ќе ви кажам,победи ја твојата најголема зависност, и после ќе можеш да го освоиш светот. Со еден чекор започнува промена, за тебе и за тие околу тебе, за љубовите, за оние кои се грижат, а вие заробени во себичното сивило не сакате да ги забележите и нив ги кривите за вашата болка. Јас ослабев 25 кг, суптилно повлеков уште две пријателки, мајка ми и еден тон познаници. Посреќни сме сите. Да се разбереме животот не станува полесен ако си слаб, далеку било и на манекенките не им е лесно. Ама една од битките е освоена, и можеш појак да ја водиш животната војна.

Јуки снежна краљице, фала ти што остана, што не се откажа од мене кога јас се откажав од себе, што ме чуваш заклучена во срце и ми помагаш да ја добијам проклетата војна.

Јас сум Ивана Кнез, често ќе ја спомнувам мајка ми во оваа наша дружба, таа е мојот херој, мојата муза. Денес гушнете ја вашата, кажете фала на космосот што ја имате, не секој на светов ја има таа среќа. Однесете ја на ручек, прошетајте ја некаде, извадете ја од секојдневното сивило баш така како што таа ве вадела Вас.

Се читаме следната недела.