Мајка ми Силвија ми е професионален соиграч: Со Ана Стојановска, за филмот „Кајмак“ и за приватниот живот
Улогата на продавачката на кајмак, Виолетка која со својот специфичен шарм ќе го освои Карамба е еден од повеселите и делови во филмот „Кајмак“, на Милчо Манчевски. Виолетка одлично ја доловува Ана Стојановска која вели дека таа ги руши стереотипите на нашиот народ кој вечно се оптеретува што ќе речат другите. „Преку Виолетка во мене, почнувам да осознавам сопствени стереотипи и да ги надминувам“, ни кажа актерката во ова интервју.
Ана која е, израсната во актерско семејство, со покојните Ненад Стојановски, нејзиниот татко, Ацо Јовановски- Снагата, нејзиниот дедо, вели дека за сите важни животни одлуки се советува со двете нејзини најблиски актерки, мајка ѝ Силвија Стојановска и сестра ѝ Јана, но нивните совети не ги прифаќа.
* Улогата на Виолетка му дава посебен шарм на филмот, ја препознаваш ли додека шеташ на пазар, во парк, на улица, има ли дел Виолетка и во твоите пријателки?
- Да се запознае комплексноста на ликот на Виолетка со едно проаѓање низ пазарот, паркот, улицата…не може. Секако, нејзината симпатична кокетност е видлива низ нашиот град. Виолетка ја има во моите пријатели во нивното лесно искусување на сексуалната слобода, а и во нивната топлина и отвореност. Таа е веројатно сè обратно од она: Многу сакам, ама страв ми е да пробам… што ќе речат другите? Храброста да бидеш слободен и природен и емотивно „сам свој газда“ постои во сите нас, ако си дозволиме да бидеме присутни во моментот, и да бидеме љубопитни. Преку Виолетка во мене, почнувам да осознавам сопствени стереотипи и да ги надминувам.
* Да си филмски критичар, како ти би го опишала и оценила „Кајмак“?
- Јас филмски критичар не сум, но уживав во времето пројдено на сет, пробите и костимските проби во соработката со колегите, со Симона и Микиќ од кои добивав неверојатна поддршка. Драго ми е што соработував со меѓународна екипа, а особено ми е кеиф што Милчо ја препозна Виолетка во мене и ми помогна да откријам уште по некој слој од себеси.
* Како си поминавте на премиерата во Токио, како беше организиран претстојот таму? Што ти остави најголем впечаток од местата кои ги посетивте, од јапонскиот менталитет и култура?
- Ако Њујорк е сегашноста, Балканот минатото, Јапонија е општо земено иднината на светот и на ултра модерноста во повеќе сектори, но и во воспитувањето на луѓето и почитта која ја имаат кон другите. Иако верувам дека луѓето се исти во суштината, таму други вредности се почитуваат и тоа се презентира во социјалниот живот, како на пример, дека почист град немам видено, за град со 38 милиони жители. Неверојатно е дека не успеав да видам пикавец на улица, во Шибyа (центарот на младешката култура и мода. Толку е организиран хаосот што ОЦД личност би се осетила како да е во ветената земја. Трите најважни вредности се хармонија, ред и себеразвиток. Фестивалот беше фантастичен, топло бевме пречекани, а филмот отвори многу прашања, што за мене е знак дека ја допрел публиката.
* Чувствуваш ли разлика помеѓу соработката со Манчевски во „Мајки“ и сега, и воопшто, што се има сменето во филмската уметност кај нас од тогаш?
-Уживам да работам со Милчо, бидејќи е духовно жив човек кој истражува актуелни теми, навлегува во суштината на човековата психа и сето тоа го прикажува на чудно забавен начин. Кога му ги читам сценаријата се смеам на глас. Малограѓанштината му е секогаш лајт мотив, а тоа е тема која за мене е безвременска, зашто сè додека укажуваме на проблемите и забајатеноста во општеството, имаме шанса да увидиме, да се промениме одвнатре бар малку на подобро и да сфатиме дека во индивидуалниот раст е иднината. Уживам да работам со него, бидејќи ми отвара прашања кои би ми било страв да ги одмаглам, а камо ли разглобувам и да пробам да им дадам одговор.
Жанрот на филмовите е различен, местото каде што се снимаа, „Мајки“ го снимавме во село, а „Кајмак“ во Ново Лисиче. А, во однос на нашата соработка, двајцата сме подпораснати, поискусни и поотворени за нови вкусови.
* На премиерата ја забележав и мајка ти Силвија, што рече таа за филмот и за твојата улога? Како е Силвија , како ви поминува времето заедно?
- Можете да ја прашате неа, лично да ви одговори во некое нејзино интервју, да не зборувам во нејзино име, нема смисла. А инаку со Силвија, во последно време доста се советувам за улогите кои ги спремам. Ми стана обичај да „ми фрла текст” т.е. да учам текст за аудиција со неа. Таа ми е професионален соиграч.
* Колку инаку се советуваш со мајка ти и со сестра ти за важни животни одлуки, приватни и професионални?
- Секојдневно се советувам и најчесто ништо не прифаќам.
* Што сакаш да правиш кога ништо не работиш, дали си среќна, вљубена и емотивно исполнета?
- Кога ништо не работам, сакам да проаѓам доста време во природа. Сакам да читам, практикувам јога, тренирам кик - бокс, се качувам на Водно, возам точак и сè што ќе ми се појави како измислена обврска во глава. Што да кажам, активна личност сум, имам многу енергија и гледам да не го сфаќам животот пресериозно.
Милица Џаровска