Мајките на Каролина Гочева, Светлана Црнокрак и Снеже Велков: Строги критичарки, но и најдобри пријателки
Кога ќе се роди бебето, еднo од првите нешта кои луѓето се обидуваат да ги воочат е на кого личи детето.
Секое дете е единствено, резултат на милијарди можни комбинации. Стручњаците велат дека е можно да се утврди што наследиле од таткото, а што од мајката.
Сепак, најголемото богатство што секој родител му го остава на детето е доброто воспитување и меѓусебниот однос.
Однос полн со љубов и разбирање, грижа и трпение, во секој период од животот, каков што изградиле музичката ѕвезда Каролина Гочева, манекенката Светлана Црнокрак и водителката Снеже Веков.
КАРОЛИНА ГОЧЕВА И СВЕТЛАНА ГОЧЕВА
Светлана Гочева, мајка ѝ на Каролина е инженер-технолог во пензија. Главна советничка, рамо за плачење и најстрога критичарка.
- Таа е најсакана мајка и баба, која отсекогаш била најцврстиот столб во нашите животи, а тоа е и денес. Штотуку се вратив од Битола, каде секоја година ги поминуваме велигденските празници во нејзиниот дом. Таму се собираме и за сите поважни, а и помалку важни пригоди. Таа е наша главна советничка, рамо за плачење, но и најстрога и сосем непристрасна критичарка. Но, благодарна сум ѝ и мислам дека тоа е главната причина што секогаш сум со двете нозе цврсто на земја. Секако дека често знае да дојде и до ситни кавги, но тоа обично трае до првиот следен телефонски повик.Неколку пати годишно одиме на заеднички патувања со мајка ми, сестра ми и двете внуки.Тоа ми е нашата омилена традиција. Една од фотографиите е направена од нашето последно заедничко патување во Будимпешта, пред неколку месеци. – вели Гочева.
СВЕТЛАНА ЦРНОКРАК И ГАЛИНА КЕРАЗИ
Галина Керази е со руско - украинско потекло, има 70 години и по професија е медицинско лице. Светлана Црнокрак уште од мала посакувала да биде како својата мајка.
- Татко ми и мајка ми се запознале во Русија. Потоа дошле да живеат во Македонија. Уште од мала беше мојот идол. Секогаш сакав да бидам како неа. Кога требаше да излегуваме, уживав во глетката кога се сминкаше, кога се дотеруваше. Едноставно зрачеше одубавина. Често пати кога не беше дома, скришно и ги облекував нејзинитефустани, потпетиците, се шминкав како неа, ја имитирав.Уште од детството ме научи да биде мојата најверна другарка, се’ до денес. Секогаш ми ги дава најискрените совети, за било што. Таа е мојата најголема поддршка, позитивна и силна жена. Благодарение на неа, истото им го пренесувам и на моите ќерки. Физички наликувам и на двајцата родители. Но, карактерните особини, да бидам позитивна и храбра жена - ги наследив од мајка ми. – вели Црнокрак.
СНЕЖЕ ВЕЛКОВ И ЦВЕТА СТОЈКОВСКА
Цвета Стојковска, мајка ѝ на Снеже Велков (68) е дипломиран инженер металург во пензија. Заедничка особина им е посветеноста на семејството.
-Физички личам на татко ми. Од него ги наследив темпераментот, своеглавоста и упорноста, а од мајка ми бојата на гласот. Слични сме и во гестикулациите. Заедничко ни е посветеноста на семејството,готвењето и трпението, кое исто така го наследив од неа.Како мала ми дозволуваше да бидам готвачка и секогаш да ѝ помагам кога меси, прави колачи, колку тоа и да значеше брашно на сите страни,извалкани алишта или истурени и исфлекани теписони,а и мебел.Кога пораснав - имавме едно правило, јас готвам,а мајка ми мие садови. Паметам дека никогаш не ме казнуваше. Ќе ме искараше да ме посрамоти со збор, а потоа морав да се умилкувам и да правам работи за да ја направат среќна.Тоа го применувам и на моите синови, не казнувам, туку укажувам. Откако се омажив во 2006 година, почна да важи правилото„нема подолги телефонски разговори од мажена ќерка со мајка си“.Ете таков ни е односот сега.Со муабети, малку се жалам, малку барам совети, малку ме потсетува на она „Е, што ти велев, ќе имаш деца - ќе видиш“.Тука е секогаш да помогне во чувањето на внуците и максимално да им се посвети.Нема поважна работа од таа, ако треба да се чува внуче, сè се остава. Инаку, кога бев девојка немав време да кренам телефон, а сега ако не сме се слушнале еден ден,ѕвонам и ја да прашувам „Ти, мајко, имаш ли ќерка?“ Се согласувам дека мајката и ќерката се зближуваат најмногу откако, ќерката ќе стане и самата мајка. – вели Велков.
Соња Алексоска Неделковска