Македонката Ивана Стела за атмосферата во Лондон по крунисувањето: Скара и пиво, Чарлс конечно тргнат од здолништето на мајка му

Македонката Ивана Стела за атмосферата во Лондон по крунисувањето: Скара и пиво, Чарлс конечно тргнат од здолништето на мајка му 

По крунисувањето на Кралот Чарлс Трети и Кралицата Камила на голематацеремонија во Вестминстерската Опатија во Лондон, Британците почнаа да слават на различни начини низ улиците на Лондон и земјата.

Македонката Ивана Стела, магистар по правни науки, која живее во Лондон, вели дека главниот настан се случува денска пред Вестминстерската Опатија.

- Делови од централниот дел на Лондон се блокирани неколку дена, со бариери на патот по кој Кралот Чарлс и Кралицата Камила поминаа во процесијата од Бакингемската палата, официјалната резиденција на британската монархија во Лондон, до Вестминстерската Опатија, националната црква за крунисување уште од 1066 година. Нив ги поздравија најверните фанови на монархијата. Некои од нив веќе неколку дена поставија шатори по патеката, за да се сместат на најсоодветното место за поглед кон кралот. – вели Ивана и дополнува дека следуваат локалните забави, кои ќе ги има во голем број.

- За Британците секоја причина за прослава е доволно добра. Особено овој долгоочекуван кралски настан, кој се случува еднаш во генерација. Ќе се одржат многу локални забави. Ќе има концерти на музички бендови. Секако, прославите не може да поминат без скара и пиво, маџионичари по улиците... Британците ќе имаат можност да пијат чај и од шолји со ликовите на Чарлс и Камила. – открива Ивана.

Нејзин впечаток е дека Британците имаат поделени мислењаоколку крунисувањето на Кралот Чарлс Трети.

- Ни приближно не се обединети како што беше случај со Платинестиот јубилеј на Кралицата. И мислам дека во голем дел тоа е поврзано со личноста што ја претставува Монархот. Во дискусии со родени Британци, може да се слушнат изјави: „Едвај чекаме да го видиме Кралот конечно тргнат од здолништето на мајка му.” Други пак, мислат дека Кралицата Елизабета Втора ќе има достојна замена во Чарлс и Камила.

Генерално мислење на Британците кои се изјасниле во врска со Монархијата, е дека односите во Кралското семејство се влошени во последната декада.и дека Чарлс ќе се соочи со сериозни предизвици откако ќе стане глава на една монархија која опстоила во текот на многу децении. 

Наспроти нив, некои изјавуваат дека: „Нема да биде ни до колена на Елизабета Втора.“ Сепак, да му посакаме добредојде на Кралот на тронот на Велика Британија со паролата: “Long live the King“. – посочува Стела.

С.А.Н.