Македонска фамилија се обедини во Охрид по цели 75 години
Македонската фамилија Мострови, првпат после 1943 година, успеа да се собере во поголем број во Охрид. Семејството кое после Втората светска војна се поделило во Македонија и Бугарија, подолг период не било обединето. Дури во осумдесеттите години од минатиот век започнале повторно да се воспоставуваат контакти помеѓу членовите од Охрид и од Бугарија, пишува порталот „Охрид њуз“.
Поголемиот дел браќа и сестри се растуриле по Балканот, најмногу во Бугарија. Од оние стари слики што ги имаат како фамилија, последната поголема средба била во 1943 година, токму во екот на Втората светска војна.
- Многу се радуваме што сме во Охрид. Ние бугарските Македонци дојдовме на гости кај нашите роднини, Мострови и Арнаудови и сите оние кои се останати во Охрид. За време на Илинденското востание нашите дедовци биле протерани од Охрид и создале фамилии во Бугарија, во Софија и во Благоевград - изјави Димитри, најстариот член од фамилијата.
Велат дека собирот има потенцијал да прерасне во традиција. За спомен, сите членови добиле специјално брендирани пијалоци.