Македонската филхармонија, Феми Кути и Емин Џијан со концерт во Белград
Оркестарот на Македонската филхармонија, заедно со африканската ѕвезда Феми Кути и Емин Џијан како диригент, на 13 септември (20 ч.) ќе одржат концерт во Белград на отворено, во прекрасниот амбиент на Калемегдан. Овој грандиозен проект премиерно беше одржан во Скопје под името „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк на 7 јуни, пред околу 15 илјади посетители.
Нигерискиот музички уметник, принцот на „афробитот“ и достојниот наследник на неговиот татко, култниот Феми Кути, повторно настапува во Белград со неговиот бенд „Позитив форс“, но за белградската публика, како и за светската публика е новитет неговата соработка со симфониски оркестар, за чии аранжмани на композициите се погрижи Емин Џијан. И на концертот во Белград ќе бидат изведени најголемите хитови на Феми Кути кои се наоѓаат на сите десет негови објавени албуми, од кои четири беа номинирани за престижната награда „Греми“.
„Првпат работам со симфониски оркестар, а секогаш сум сонувал за тоа“, рече Феми Кути на прес-конференцијата која се одржа пред неговиот настап во Скопје. „Ова е навистина огромен проект, а соработката со Емин Џијан се одвиваше навистина добро.“
Предгрупа на Феми Кути и Македонската филхармонија, ќе биде белградскиот состав „Igor Vince & His Drum, Brass And Keys“, чија музика е фузија од реге, фанк, латино, афробит и соул. Перкусионистот Игор Винце е всушност долгогодишен член на бендот на Феми Кути - „Позитив форс“.
Камерниот оркестар на Македонската филхармонија достојно ја претстави Македонија во Казахстан, одржувајќи два концерти во Алмати и Астана, по повод Денот на независноста - 8 Септември. Концертите беа одржани пред преполни сали и поздравени со овации од страна на тамошната публика.
Под водство на маестро Борјан Цанев и со солистката Анна Кондратенко на виолина, Камерниот оркестар изнуди бурни аплаузи за изведбата на делата од Моцарт, Вивалди, Григ и Пјацола - додека пак со овации беше проследена изведбата на делото „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски.