Македонската рок енциклопедија е доказ за моќта на македонската музика

Добивај вести на Viber

Духот на македонскиот рокенрол конечно е спакуван. Во книга. Да сведочи за она што било. Да потсетува колку можело и како можело. Да ја пренесе една убава енергија која тлееше, насочуваше, се бунтуваше. Ова извонредно дело на музичкиот новинар Тошо Филиповски е убава приказна која има скапоцена музичка вредност за нас, за Македонија, за она што било на сцената, но и за она што допрва треба да дојде.

Во издание на „Корпус деликти рекордс“, Македонската рок енциклопедија е труд кој временски го собра периодот од 1960, конкретно 63та, па до денес. Во неа се собрани 333 музички групи и околу 2.500 музичари. Нивните приказни се распослани на 500тина страници, надополнети со многу фотографии. Македонската рок енциклопедија е доказ за моќта на македонската музика. Тоа синоќа го почувствуваа сите кои присуствуваа на овој прекрасен настан. Изданието кое беше промовирано вчера е прв том, а според авторот во најава е вториот на кој веќе работи.