Кумановскиот бенд „Ки“ победи на музичкиот фестивал за неафирмирани бендови „Омладина 2018“ кој традиционално се одржува во Суботица. Нашиот состав беше прогласен за најдобар во конкуренција на седум групи од регионот кои презентираа авторска музика.
- Исклучително сме среќни што победивме. Првенствено дојдовме да се дружиме, овде има многу добри бендови. Суботица е прекрасен град, овој фестивал има долга традиција и навистина се радуваме – изјавија членовите на „Ки“.
Фестивалот „Омладина“, поддржан од локалната самоуправа, секоја година нуди интересни шоу-програми за различни музички вкусови. Годинава го посетија преку 2.000 фанови, а специјално гостување имаше легендарниот бенд „Галија“ кој пред четири децении токму на овој настан дебитираше на тогашната југословенска поп-рок сцена.