МАКЕДОНСКИ ЅВЕЗДИ ОД ДЕТСТВОТО ПОПУЛАРНИ И ДЕНЕС
Новинарката Билјана Василева Трендафилова и водителот Жарко Димитриоски растеа во детското драмско студио на МРТ и имаа можност да глумат во повеќе култни играни серии. Магијата на сцена уште од најмала возраст ја почувствуваа и пејачите Димитар Андоновски и Ања Ветерова
Уште од мали нозе имаа привилегија да соработуваат со докажани професионалци и првите ѕвездени моменти ги имаа токму како деца. За разлика од многу нивни врсници кои не го издржаа товарот на славата, тие и денес се пред камерите. Билјана Василева Трендафилова, Жарко Димитриоски, Димитар Андоновски и Ања Ветерова пораснаа пред очите на јавноста.
Новинарката Трендафилова во „Бушава азбука“
Новинарката Билјана Василева Трендафилова на екраните е присутна уште од најмала возраст. Како член на детското драмско студио на националниот сервис имаше можност да глуми во култната македонска серија „Бушава азбука“. Забележителни улоги доби и во проектите „Шарам барам“, „Чук чук Стојанче“ и „Втората смена“. Пред неколку месеци за „Женски Магазин“ раскажа дека се работело по сите професионални телевизиски стандарди и затоа во етерот се испорачувале висококвалитетни производи.
- Без разлика што бевме деца, добивавме сериозни задачи и од нас се бараше да работиме посветено. Лекциите кои ги научив таму се најважните по кои и денес се водам. Тогаш ја поставив мојата основа како ТВ-лице и ми се роди љубовта кон новинарската професија – ни изјави Трендафилова.
Жарко Димитриоски и денес некои го викаат Диме Такси
Во истото драмско студио кариерата ја почна и популарниот автор и водител Жарко Димитриоски. Повозрасните го паметат по детските серии „Умни глави“ и „Големи и Мали“, на телевизија е од шестгодишна возраст, а сега е фокусиран на ток-шоуто „Еден на еден“ и на неговата маркетинг-агенција.
- Првпат почнаа да ме препознаваат случајни луѓе на улица по емитувањето на „Големи и Мали“. Играв во навистина многу детски и играни серии, но долго време, па дури и денес за некои сум Диме Такси. Претпоставувам дека како дете многу повеќе сум се правел важен. Со тек на времето тоа што луѓето те знаат го сфаќаш како дел од работата. Сепак, нема ништо поубаво од тоа да те запре некој за да ти каже дека ја цени твојата работа и дека му е чест што има можност да те поздрави. Таквите моменти се навистина прекрасни – изјави Димитриоски во интервју за „Дневник“.
Димитар Андоновски имал јавни настапи уште од најмала возраст
Магијата на сцена како мал ја почувствува и пејачот Димитар Андоновски. По настапот на детскиот фестивал „Си-до“ во родната Битола, тој учествуваше и во серијалите „Здраво генијалци“ и „Дајте музика“.
- Во мојата кариера сè беше спонтано, без форсирања и очекувања. Кај мене упорноста победи. Успеав да се задржам и не се откажав и во најтешките моменти. Популарноста како мал воопшто не сум ја ни доживувал, иако бев доста познат во мојата генерација. Можеби е тоа така бидејќи како дете не сум чувствувал притисоци и сè било една спонтана детска игра. Денес е сè поразлично – објасни Андоновски во една прилика.
Ања Ветерова порасна пред камерите
Неговата колешка Ања Ветерова почна јавно да настапува уште на четиригодишна возраст. На почетокот не била свесна дека е ѕвезда.
- Како растев почнав да се соочувам со некои ситуации коишто ги носи славата. Некои беа лоши, но повеќето беа позитивни искуства. И сега би тргнала по истиот пат. Запознав многу луѓе, пејачи од разни земји и автори со кои и денес контактирам. Таа рана фаза ја заокружив со многу награди и ми дојде како добра подлога за мојата кариера во иднина – објасни младата пејачка која како дете имаше можност да соработува со врвни имиња од домашната естрада, а нашата земја ја претставуваше и на детскиот „Евросонг“.
Ѓорге Стојанов