Македонско-австралиското 3-Block Studio направи анимиран филм за глобалниот карантин

Добивај вести на Viber

Огромен број од светската популација изминативе недели поради корона вирусот радикално го промени секојдневниот живот, а секоја индивидуа на свој начин се соочи со изолацијата. Работејќи надвор од традиционалниот канцелариски простор, македонско-австралиското 3-Block Studio го изработи Quarantine, краток анимиран филм за глобалниот карантин поради пандемијата.

- Иако сме навикнати на работа надвор од канцеларија, целата ситуација малку ни ги изремети студиските ангажмани, но за среќа, денес сè што е потребно за ваков начин на работа е компјутер, интернет, добра екипа и малку креативност. Сепак, како и кај повеќето, така и нас, ни се појавија неочекувани промени во ритамот, па ни се отвори простор за експериментирање на наши проекти и оттаму се роди идејата за приказната - вели Михаил Наумов.


Зад филмот стои петчлена екипа.Приказната е на Јакоб Ниланд, Михаил Наумов, Љубомир Саздовски и Иван Андреевски, кој, исто така, е режисер и потписник на сценариото. Арт дирекцијата и дизајнот се на Наумов и Саздовски, кој е одговорен и за моделирањето и осветлувањето. Монтажата и анимацијата се на Наумов, а Андреевски стои зад саунд дизајнот. Музиката е на Владимир Петковиќ.

- Од креативна страна се обидовме да доловиме како секој од нас би се справил со ваков застој на секојдневиот ритам во кој живееме, а од техничка страна пробавме да претставиме традиционална техника на анимирање, како Stop Motion, (која се работи практично, со физички кукли и фотоапарти), преку дигиталните алатки и 3D анимацијата. Беа користени доста стандардни софтвери за ваков вид на работа. Главно Autodesk Maya и Adobe After Effects, како и неколку дополнителни софтвери - истакнуваат од студиото.

3-Block Studiо работи за aвстралискиот и балканскиот пазар и е најактивна во полето на 3D и 2D анимацијата, изработка на визуелни ефекти, како и осмислување и создавање анимирани ликови - карактер анимација.