,

Малиот Адриан е голем пријател: Косата не му била скратена од раѓање, сега ја донираше за да се изработи перика за болните дечиња од скопската Детска клиника

Добивај вести на Viber

„Многу си ја сакаше косата, но кога му раскажавме дека од неа ќе се изработи перика за болните дечиња, веднаш прифати“

Ова слатко момче од Струмица се вика Адриан Ташев. Својата косичка, која ја чувал долго време, ја донираше за да се изработи перика за некое другарче во болница - објавија од организацијата САНО.

На четиригодишниот Адриан косата не му била скратена од раѓање.
Исплетена во руса долга плетенка, за прв пат му ја скратија денес, а причината е посебна.

Во март годинава, Адриан наполнил 4 годинки и неговите родители решиле дека е време долго чуваната коса да биде скратена и да им се подари на оние на кои им е најпотребна.

„Адриан многу си ја сакаше косичката и не сакаше да ја скратиме, но кога му раскажавме која е причината, дека од неговата коса ќе се изработи перика за болните дечиња, му се допадна идејата, му стана интересно и веднаш прифати да ја скратиме“ - ни раскажа неговата мајка Ксенија накратко.

Косата на Адриан е донирана во организацијата САНО, кои моментално активно ја водат кампањата „И вистинските херои носат перика“, а луѓе од цела држава се приклучуваат на акцијата и ја донираат својата коса за изработка на перика за болните дечиња кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение на Детската клиника во Скопје.

Коса донираат претежно девојки, но посебна чест е кога тоа го прават момчиња.