„Мама ја тргна маската за кислород додека беше на смртна постела за да ми го каже ова! - Уште кога се родив ми зборуваше дека сум ѝ го уништила животот, а всушност таа мене ме уништи“

Добивај вести на Viber


Мајка ми многу пати ми кажала дека и го уништив животот – токму кога мислеше дека завршила со три деца, дојдов јас. Едно од најраните спомени што ги имам е дека и пријдов за да ме погали, а таа ме турна и ми рече: „Тргни ми се од патот, остави ме на мир, ти си на твојот татко. Оди кај него“.

Имаме и слика од пикникот. Имам околу три години и држам нож додека мајка ми мирно ме гледа. Денес, бидејќи и самата сум мајка на 16-годишно девојче, не можам да разберам како можела да му дозволи на своето дете да си игра со нож. Денес разбирам и дека мајка ми очајно сакаше да биде во центарот на вниманието и не сакаше никој да ѝ го одземе тоа, дури ни детето, пишува писателката Клер Витфилд во својот есеј за нарцисоидна мајка, која предизвика многу внимание и го пренесуваме во целост.

-Во нејзиниот живот таа мораше да биде ѕвезда на филмот, додека децата беа анонимни статисти, повеќе предмети отколку луѓе. Ако донесовме пријатели во куќата, таа се бореше за нивното внимание и восхит, користејќи ја целата своја харизма. Ако не можеше да го направи тоа, ќе почнеше да се кара, само да го привлече вниманието. Никогаш нема да разберам зошто останав без куче како дете. Само се надевам дека ветеринарот имал добра причина да го заспиеуспие, и дека тоа не било само да ги послуша желбите на мама. Години подоцна, кога ја прашав за инцидентот, таа молчеше.

Накратко, мајка ми беше нарцис и за малку ќе ме уништеше. Таа почина во јануари 2016 година и можеби мислите дека ми олесна. Меѓутоа, дури тогаш следеше мојот ментален слом бидејќи бев принудена конечно да се соочам со спомените од мојот живот со неа.

Мама имаше 69 години кога беше примена во болница со дијагноза на рак на белите дробови. Еден месец подоцна таа почина. Ја играв улогата на послушна ќерка и трипати неделно ја посетував во болница.

Веќе бев во среќен брак со мојот сакан Данкан и ја имав 12-годишна ќерка Кејтлин, која ја родив во претходната врска. Имав и добра работа и се уверив себеси дека ги победив демоните од моето детство.

Меѓутоа, кога ја видов мајка ми во болничкиот кревет, со маска за кислород, се потресов. Некој кој беше толку страшен цел живот сега се претвори во оваа кревка личност. Сепак, дури и тогаш таа сè уште можеше да сее отров. Ја познавав мајка ми и секако не очекував извинување или објаснување, но не очекував ниту расправија.

Во една посета бев во собата околу 10 минути по напорното патување, таа ја тргна маската од лицето и ми рече: „Можеш да одиш“. Друг пат кога бев, ме нападна дека се откажав од часовите по пијано како девојче. „Се обложувам дека сега жалиш за тоа!“ ми рече таа.

Покрај сето тоа јас премолчив, како и секогаш кога таа ме напаѓаше. Имав 37 години и сè уште се однесував како девојче.

Дури кон крајот ми се чинеше дека можеби чувствува нешто за мене, нешто слично на нежност. Сакаше да ми остави пари за нова кујна кога умре. Тоа е единствениот знак на нежност што таа некогаш ми го покажала.

Кога замина, сите бевме со неа. Додека моите браќа и сестри плачеа, јас не пуштив ниту една солза. Ништо не почувствував ниту на погребот. Дури еден месец подоцна се појавија некои чувства. Првото чувство што дојде беше слободата – никогаш повеќе нема да ја слушнам како ме критикува. Потоа дојде гневот затоа што никогаш нема да имам шанса да ја прашам зошто ми беше таква. Темните спомени ме обземаа и се појавија децении на мојот потиснат гнев. Зошто беше таква? Дали таа некогаш ме сакаше? Почнав да се распаѓам. Не можев повеќе да работам, почнав да ја запоставувам ќерка ми. Имав и Хашимото. Престанав да се гледам со пријателите и почнав да пијам секоја вечер за да се опуштам.

Додека се сеќавав на сè, мојот однос со сопругот почна да се распаѓа. Безброј пати ќерка ми ме најде како седам и плачам. Сè уште во мојата глава ги слушав критиките на мајка ми. Секогаш беше покрај мене, потсетувајќи ме дека ништо не правам како што треба и дека ништо нема да излезе од мене, дека сум премногу дебела, премногу слаба, премногу кукавица.

Кога бев мала, нејзината ароганција ми беше привлечна. Се што сакав беше таа да ми обрне внимание. Секогаш правеше неочекувани работи – како кога ненајавено ми купи кученце. Беше убава, привлечна и ги привлекуваше луѓето како магнет. Дури кога малку пораснав и почнав да престојувам во домовите на моите пријатели и да ги гледам нивните родители, сфатив дека мајка ми не се однесува правилно.

Татко ми беше во морнарицата и кога се родив јас, мајка ми беше единствената задолжена за нас. Таа беше несреќна. Тато беше подготвен на се само за да има мирен живот и никогаш не и се спротивставуваше. Мама секогаш се лутеше кога му викав на тато да направиме нешто заедно. „Не очекувајте ништо од него, тој само сака ручек на маса и тоа е сè“.

Ме критикуваше затоа што личам на него. Често ме удираше и секогаш се колнев дека ќе и возвратам кога ќе пораснам. Се разбира, никогаш не се ни обидував.

Ако плачев, таа ме исмеваше. Ако се налутев поради тоа, таа ќе ме удреше. Затоа единствената одбрана беше никогаш да не покажувам емоции, што и да се случува.

Единствената добра работа во сè е што мајка ми беше многу вклучена во моето образование. Јас бев првата во моето семејство која отиде на факултет. Тоа не беше само поради мене, туку поради нејзината решеност барем едно дете да се образува до крај.

На факултет бев изгубена затоа што бев навикната да ме доминира некој, па стапив во проблематични односи со мажи кои се однесуваа лошо со мене, како и мајка ми.

Кога се вработив, го запознав таткото на ќерка ми. Тој беше добар со мене, бевме во врска две години кога забременив. Три години подоцна нашата врска заврши и јас станав самохрана мајка без поддршка од семејството.

Потоа го запознав Данкан во 2007 година и мојот живот се сврте. Изградивме живот од кој ја избркавме мајка ми. Тој ги виде моите родители само двапати – еднаш кога на тато му беше дијагностициран тумор на мозокот во 2011 година. Во тоа време ми се чинеше бесмислено да му се лутам иако пред тоа го прекинавме контактот. Како и секогаш, влегов во улогата на тивок помошник и ги игнорирав моите чувства. Не и кажав ниту збор на мајка ми, без разлика како се однесуваше со мене, бидејќи не сакав да предизвикам сцена што ќе го потресе татко ми.

Кога татко ми почина шест месеци подоцна, не ми падна ни на памет дека имам право да тагувам. Морав да ѝ се посветам на мајка ми. И повторно ги проголтав чувствата и се замешав со неа. Можеби затоа сиот гнев и омраза излегоа од мене кога и таа почина. За среќа, по неколку месеци на такви емоции, побарав помош од лекар.

Полека сфатив дека сега, кога мајка ми ја нема, конечно сум слободна. Повеќе не морав да се плашам дека ќе скокне и ќе почне да ме критикува. Дури сега учам да избирам пријатели врз основа на тоа колку тие ме почитуваат. Одеднаш почнав да се познавам себеси.

И патем, мајка ми никогаш не ми купи кујна. Ми остави пари, но јас ги потрошив на курс за креативно пишување, кој го искористив пишувајќи го мојот дебитантски роман. Тоа е мојот начин да ја вратам контролата над себе.

Фото:screenshot