Манаки во полн сјај: Малку гламур, малку кич, многу таленти
Една е Битола, градот на конзулите, клавирите и филмот. Еден е фестивалот „Манаки“ кој секоја година ја прави Битола еден од најважните филмски центри во светот, беше речено на вечерашното свечено отворање на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на кое присуствуваа бројни претставници на политичкиот и културниот живот во земјава, филмски работници, актери и кинематографери од земјава и странство, како и бројни вљубеници во филмската уметност.
-Оваа година наши учесници и гости на фестивалот се мајстори на филмската фотографија кои заедно имаат освоено 8 Оскари, 16 номинации за Оскар, 12 награди БАФТА и уште 19 номинации за истата награда, 11 награди од Американското друштво на кинематографери, 8 награди од Британското друштво на кинематографери, 6 награди на Канскиот филмски фестивал, 1 награда во Венеција, 3 награди во Берлин, 6 ЕМИ награди, 1 азиски Оскар....сите овие луѓе годинава ќе шетаат по улиците на Битола. Ќе шетаат по Широк сокак. Ете затоа еден е „Манаки“ и една е Битола, како голем центар на филмската уметност, рече во своето обраќање директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, кој подвлече дека е сигурен дека и ова издание уште еднаш ќе покаже и докаже зошто Битола е епицентар на уметноста и културата, особено на филмската уметност.
Фестивалот годинава доделува почесна Златна камера 300 за животно дело на Јанаки Манаки, бидејќи досега вакво признание било доделено само на неговиот брат Милтон.
Беше соопштено и дека почнати се преговори за изработка на споменик на Јанаки Манаки.
Секоја година црвениот килим е различен, но она што остана исто е стравот од модно експериментирање и нивото на гламурот. Имаше секако фантастични креации, но и такви кои ни од далеку не соодејствуваат на реномето на фестивалот.
На отворањето на јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ публиката имаше можност да го проследи филмот „Партенопе“, во режија на Паоло Сорентино, кинематографер, Дариа Д’ Антонио.
Погледнете како изгледаше црвениот килим и креациите на дел од присутните.