Марија Саздева: Сега сум водителка на 33 ученици и се подготвувам за „емисија“ пред најблагодарната публика која ми ја врати насмевката во полн сјај
Марија Саздева (46) сопруга, мајка на Диме (20), Никола (12), Јована (4) и учителка на 33 деца, едукатор за родители и наставници за регионот на поранешна Југославија. Познато телевизиско лице. Ги поминала сите скалила и улоги поврзани со програмскиот дел. Најдобар показател за тоа колку многу ја сакала својата работа во телевизија, бил фактот што со години среќно „летала“ кон своето работно место. Желбата да ја напушти телевизиската работа првпат се родила во текот на Ковид пандемијата, иако како долгорочен животен план несмасно правен уште од детски денови, го делела својот живот, на две половини: медиумска и учителска. Сега ја живее втората половина.
-Педагошки факултет и постдипломски студии на Психологија, тоа е моето формално образование, а од неформалното - десетици домашни и странски обуки, курсеви, програми од областа на продукција, маркетинг, комуникација, свесно родителство, позитивна дисциплина во домот и училницата итн. Во моментот на разделба со медиумската работа, наполнив точно 30 години работа во медиуми, 15 во радио,15 во телевизија, како автор и водител, продуцент, сценарист, шеф на промо, уредник на редакција, па програмски директор. Од 14 годишна возраст сум со цело работно време во медиумте што подразбира и финансиска независност од мали нозе за да го живеам животот по моја мерка.Сегашната работна позиција ми е професор по одделенска настава, меѓу народот позната како учител или наставник и едукатор за родители и наставници за регионот на поранешна Југославија- вели Саздева на почетокот од нашиот разговор.
ЖМ:Вие ја запознавте работата на телевизијата како водителка и како главен и одговорен уредник на програмата на Канал 5. Во која улога бевте повеќе среќни?
-Во телевизијата ги поминав сите скалила и улоги поврзани со програмскиот дел, а на челната позиција бев назначена во последните 5 години од мојата медиумска работа. Знаев како функционира и колкава е „тежината" на работата на секој поединец што беше дел од мојот тим. Тоа правеше да бидам благодарен соработник за колегите и нивен чест помошник кога навидум невозможното сакав да го претвориме во возможно. Најдобар показател за тоа колку многу ја сакав својата работа, беше фактот што со години среќно „летав“ кон своето работно место. Ниту една задача не ја доживував како тешка. Можноста да истражувам, постојано да патувам низ ново и непознато, да бидам во контакт со врвни стручњаци и да се усовршувам ми отвараше нови погледи, ми го негуваше ведриот дух, ја одржуваше мојата живост и позитивна енергија по која сум препознатлива цел живот, каде и да се појавам.
ЖМ:Велат дека телевизијата е магија и кога еднаш ќе застанеш пред камерите, таа ќе ве обзема целиот живот. По нешто повеќе од две години чувствувате ли понекогаш потреба за тој адреналин, типичен за работата во една тв куќа?
-Секоја работа е магија за оној што страсно сака. Јас сум од тие „страсните играчи“. Каде одат, го оставаат срцето на терен, без никакви калкулации што ќе добијат, а што ќе изгубат. Така беше и додека работев на радио и во телевизија, така е и денес кога сум на работно место во училиште. На оние на коишто им е потешко да ја визуелизираат промената што ја направив, им велам, сега сум водител на 33 ученици и со подеднаков жар се подготвувам за „емисија“ пред таа моја малечка но најблагодарна публика која ми ги врати младоста, насмевката, непосредноста, енергијата, љубовта во полн сјај. Откако зачекорив во учителските води мојот живот престана да се дели на приватен и професионален. Целото искуство го интегрирав како дел од себе, како своја животна цел која прави многу радосно и исполнето да го живеам секој ден. Тоа апсолутно не значи дека секој ден скокам од среќа, туку дека сум добро, дека умеам да се носам со сите предвидливи и непредвидливи емоции и ситуации поврзани со мене и учениците, колегите, системот.
ЖМ; Што беше причината да ја напуштите Канал 5 и да отворите сосема нов лист на кој ги испишувате новите страници од кариерата како наставничка?
-Желбата да ја напуштам телевизиската работа првпат се роди во текот на Ковид пандемијата, иако како долгорочен животен план несмасно правен уште од детски денови, така и го делев својот живот, на две половини: медиумска и учителска, и еве дојде ред да ја одживеам втората половина. Вонредната состојба во текот на пандемијата која што налагаше и вонредна работа од утро до мрак за нас претпоставените во телевизијата, во тогашните мои семејни околности со три деца од кои двајцата синови со онлајн настава дома, а ќерката - бебе што проодува, целосно ме исцрпи и прегоре. Бев хронично уморна, без животна енергија и радост. Ниту едно општествено и финансиско признание веќе не можеа да ми го компензираат чувството на ТОА НЕ СУМ ЈАС. Тогаш решив дека “машки“ ќе го издржам предизвикот до крај, но штом ќе се оконча пандемијата, дека ќе ја направам посакуваната животна пресвртница и ете тоа и се случи. Посакувано, свесно, благодарно, оставајќи зад себе добри плодови, соработки и пријателства за цел живот, отворив не само нова страница, туку цела нова книга.
ЖМ:Каде е убавината на оваа професија? Кој сегмент најмногу ве прави среќна?
-Јас сум од онаа ретка врста луѓе кои силно веруваат. Значи не парцијално, не повремено, и без „ама“ и „за жал“. Верувам до крај, првенствено во Бога, а потоа и во сите дарови, таленти со кои ме надарил и оставил да ги умножувам. Јас верувам дека една ластовичка прави пролет, не во целиот свет, но во своето опкружување. И тоа е сосема доволно. Никогаш не сум се водела според актуелните општествени убедувања и трендови кои се’ повеќе длабоко се косат со вистинските вредности. Бродот тоне, секој вика „помош“, а не се обидува да проба тој да биде помошта. Во мојот случај е обратно. Јас не сум фокусирана на проблемите, туку на решенијата. И веројатно затоа и привлекувам внимание каде и да се појавам. Луѓето се чувствуваат сигурно во моето опкружување. Се’ што забележувам дека е проблем, длабински го анализирам, истражувам решенија, се надградувам со потребни знаења и конкретни алатки кои некаде покажале максимална ефикасност, тестирам решенија... и кога си вака посветен, порано или подоцна резултатот е неминовен. Во училиште, не знам кој е посреќен дали јас што сега ја имам најубавата и најверната „публика“ која расте, учи и напредува пред мои очи секој ден или учениците и родителите што ме имаат мене со целиот ентузијазам и жар во професијата апсолутно поткована со сите најефикасни знаења и вештини од струката. Чувствувам дека задоволството е обострано и дека на родителите „им го чувам мирот“. Не дојдов во училиште за туку-така да ми поминува времето тука за да оставам уште една трага на своето постоење. Се радувам што го белам образот на професијата во меѓународни рамки и покажувам со пример колку е моќна просветителската дејност.
ЖМ: Како реагираа колегите, родителите во почетокот, со оглед на тоа што ве познаваат како лице од тв екраните ?
-Во новата работна средина бев прифатена со неверување. Од коњ на магаре!? Што ти требаше ова? Знаеш ли колку е непочитувана оваа професија? Не е тоа за што си учела, врати си се во телевизија додека ти е време... Ова беа најчестите коментари на колегите, а на родителите, и посебно бабите и дедовци коишто доаѓаа во училиште по своите внучињата им бев вистинска разонода. Некогаш доаѓаа и во придружба на соседи и роднини на коишто требаше да им докажат дека Марија од Канал 5 сега е учителка. Нивните реакции ме веселеа и додаваа ведрина и радост во деновите на адаптација кон новата работна средина којашто во прво време и не ми беше баш наклонета. Но, јас не влегов во училиште непромислено и само за да видам како е. Многу добро знаев какви се состојбите во образованието. Свесно одлучив да бидам светла точка и да го белам образот на просветителската дејност. Цената што требаше да ја платам е да запишам повеќе доедукации за да ги пронајдам одговорите на новонастанатите проблеми во воспитно-образовната работа со современите деца и наставници. А бидејќи проблемот е многу покомоплексен одошто изгледа и не можат да го решат ни само наставниците, ни само родителите, се доквалификував за да бидам ментор и за родители, да можам правилно да ги водам и родителите низ потребните промени во коишто првенствено секој треба да научи каде почнува, а каде завршува неговата улога и одговорност. Тука го гледам најголемиот проблем во образовниот систем, што секој си дозволува да биде “стручен“ за туѓата работа без да биде фокусиран на својата улога и одговорноста што таа улога ја носи. Од една страна гледаш родители коишто си дозволуваат да диригираат правила на однесување во училиштето, од друга страна наставници кои фрустрирано се борат да го задржат општествениот углед на професијата што некогаш постоел. На двете страни чувствуваш врисок од потреба за докажување, наместо сплотување во името на високата цел - децата денес кои се нашето утре.
ЖМ: Имате свој инстаграм профил во кој делите совети за решение на проблемите поврзани со воспитувањето на децата. Кои се темите на кои најмногу го ставате акцентот?
-Инстаграм профилот @roditelji.skola.i.dete којшто го водам на српски јазик затоа што е дел од мојата меѓународна кариера како едукатор, моите колеги од Екс-Ју и родителите со деца на училишна возраст, го доживејаа како многу сериозна платформа за стекнување корисни вештини и алатки коишто го олеснуваат и разубавуваат родителството. Тоа што споделените совети ширум Екс Ју се прифаќаат, применуваат и постојано добивам повратни информации за одлични резултати, ме инспирира редовно да креирам нови содржини. Оттука не изненадува фактот што за само 4 месеци профилот достигна околу 22 илјади следбеници без никаква реклама ниту пак содржини кои излегуваат надвор од едукативната сфера. Преку конкретни видео совети и примери од моето секојдневие им помагам на родителите да изградат однос на доверба со своите деца, да ги разберат, поддржат и охрабрат на патот на нивниот развој, а не да им ги одземат крилјата.
Мојата мисија е да воспитаме емоционално стабилни деца кои се заземаат за себе, веруваат во себе, а истовремено со емпатични и исполнети со радоста на живеењето. Принципите по кои живеам и работам се: Суштина, а не форма! Помалку зборови, повеќе дела! Зборувам реално, од искуство. Не осудувам никого, но не преземам ни колективна одговорност затоа што зад сите свои одлуки и постапки застанувам одговорно.
ЖМ:Како член на Здружението „Бадникови поворки“ за негување на вистинските православни вредности, оваа година го добивте највисокото признание на КОВЗ за трајни вредности.
-Многу сме благодарни што Комисијата за односи со верските заедници препозна вредност во нашите дела кои го чуваат аманетот на предците и создаваат здрав темел за идните генерации. Да се држиш до трајните вредности, во ова брзо време кога на „цена" се инстант решенијата, не е модерно, но е поважно од било кога. А дека народот не само што копнее, туку е и подготвен на подвиг во името на вистинските вредности, покажа овогодинешното вклучување на вкупно 80 градови и села во бадниковите поворки што Македонија ја направија препознатлива и најубава за Бадник во целиот православен свет.
Соња Алексоска Неделковска