Мартина Димовска, првата Македонка која оствари аналогна мисија на Марс: Малите достигнувања ме пласираа на светската вселенска сцена
Мартина
Димовска е една од најуспешните Македонки во светот, а нејзината приказна за
аналогната мисија Марс разбуди интерес кај целата јавност. Во моментов, младата кичевчанка служи „Мисија на Марс“ на Универзитетот на Јужна Дакота,UND ILMAH (University of North Dakota – Integrated
Lunar Martian Analog Habitat), спонзорирана од НАСА. Станува збор за аналогна
мисија, а ваквите мисии се од огромна вредност за научната вселенска заедница. Мартина има титула како „Официр за наука“. За Женски магазин, шарматната девојка го раскажа целиот свој пат до овој голем
успех.
* Која е Мартина, како од Македонија, од твојот роден град Кичево стаса до каде што си, што правиш во моментов?
- Со напорна континуирана работа и многу жртви секако. Велат дека ако работиш повеќе од сите други, ќе стигнеш подалеку од сите други. Моите блиски ите како знаат дека во многу моменти често на прво место ми биле моите обврски. Живеам многу динамичен живот со многу хаотичен распоред, за кој што треба да си вистински посветен. Вака работам одамна, па сите тие малечки достигнувања и искуства ме пласираа на светската вселенска сцена.
* Што значи аналогна мисија на Марс, што поточно значи да си отсечена од светот 21 ден и како се одвива оваа мисија?
- Тоа се мисии кои што со своите услови мимицираат некое вселенско сценарио - односно живеење во Вселенски брод, на друга планета како Месечината, Марс, на некој астероид и слично, но мисиите се одржуваат на Земјата. Астронаутите редовно користат аналогни мисии при нивниот тренинг на кои се подготвуваат на поинаквиот начин на живот, сличен со некои екстремни вселенски услови. Најчесто овие мисии имаат тежок и напорен распоред, тренинзи и подготовки, но и многу научни експерименти. Астронаутите се лишени од нормалниот живот, а екипажот кој се состои од само неколкумина го одржува целото живеалиште. На овие мисси се тестираат хардверските лимити на опремата, оперативните способности на целото живеалиште, се вршат многу експерименти, и се тестираат лимитите на издржливост на екипажот.
* Која е точно целта на мисијата?
- Многу ми е драго што нашата мисија има многу истражувачки цели од партнери со кои што живеалиштето соработува. Тоа е главниот фокус на истата, но се тестираат и нашите психофизички способности како Аналогни Астронаути и капацитетот и издржливоста на самото живеалиште.
Од оние што може да ги наброиме јавно се:
Собирање ЕЕГ податоци (се скенира твојот мозок со метод на Електроенцефалографијата). Овие ЕЕГ податоци се собираат додека летаме дронови на различен терен. При снимањето на тие електрични импулси на нашиот мозок со ЕЕГ, што е долготраен вселенски лет (Англиски: Long Duration Space Flight - LDSF) и тоа може да влијае на когнитивното распаѓање и се истражува и можноста на нашата меморија „да се потсетува“ при истражувањата. Овие експерименти се развиени од д-р Тери Ректор.
Други истражувања се поврзани со 20-минутно еднонасочно (вкупно 40 минути) постојано одложување на комуникацијата преку онлајн-системот ECHO, развиен од докторот за вселенски студии Дарио Шор.
Потоа, се истражува како се справуваме со стресот и изолацијата како екипаж, мерејќи кортизол на утро и на вечер. Се мери и способноста контролорите на мисијата, односно „екипажот на Земјата“ во текот на временски одложени комуникации, развиена од Space Studies M.S. Медисон Дајмонд.
Се прави и студија за вежбање CardioBreath. Тоа е научна соработка развиена од Универзитетот Симон Фрејзер во партнерство со Канадската Вселенска Агенција, НАСА и УНД. Истите одела се присутни и на ISS (Интернационалната Вселенска Станица).
Се прават и истражувања поврзани со растителни модули, осносно истражувања со растенија, каде што садиме брзорастечки семиња наменети за вселенско патување, садиме и microgreens, како и Hamama. Имаме уред наречен ЕxoLab кој што „фаќа“ јаглеродниот диоксид, наменет за да помогне при опстојувањето на живот на Земјата и во Вселената. Вакви уреди има и на ISS (Интернационалната Вселенска Станица) и може да се прават взаемни истражувања за да се воочат разликите меѓу Земјата и Вселената, но и да се испрати самиот уред на ISS.
Теренски се тестира подобрената верзија на вселенското оделото UND NDX2-AT EVA, при EVA Екстравехикуларни активности, односно ова се добро познатите „Вселенски Прошетки“ или Space Walks.
Во текот на мисијата правиме дополнителни екскурзии со ровер и собираме примероци, но и геолошки ги испитуваме во модулот за геологија, имаме доста истражувања што опфаќаат микробиологија, истражувања поврзани со 3D печатење и многу други експерименти за кои што не смееме се уште да изнесуваме јавни податоци.
Се прават и индивидуални проекти на екипажот и проекти за опфат на екипажот како и индивидуални активности што ја вклучуваат јавноста за да ја доближиме до вселенскиот сектор.
* Колку е ова предизвик за тебе како малда жена, се плашиш ли од неуспех?
- Мислам дека доста подготвена дојдов на мисијата, и тој момент го сфатив кога им раскажував дека сум примена на моите другари во Калифорнија, и нон стоп ме прашуваа како сум толку смирена. Сепак, за да учествуваш на вакви мисии мора да си квалификуван, не само како научник, добар инженер и истражувач, туку и психифозички треба да си спремен. И предходно бев прифаќана на Аналогни Астронаутски тренинзи, и на слични мисии, но бидејќи имав конфликт на распоредот и приоритет ми беа моите студии, од кои што не смеев да отсуствувам, морав да ги одложам. Имав тренинг од Австрискиот вселенски форум (OeWF), со кои што се уште контактирам и соработувам. Дел сум од EuroMoonMars, и за време на моите Магистерски Вселенски Студии при Интернационалниот Вселенски Универзитет работев и го поправав живеалиштето SHEE. Цела година нуркав при NAUI програмата во на минус температури во екстремни услови во езера во Германија. Шансите за неуспех се навистина мали, зошто сме веќе на крајот на мисијата а се покажав одлично.
* Те познаваме од времето кога беше кандидатка за Мис на Македонија, кажи ми нешто за тоа искуство?
- Навистина ми е драго што се пласирав на Мис на Македонија, и драго ми е што од многу малечка го следиш мојот пат. Од искуството научив многу но тоа беа едни други времиња. Сега навистина ми се допаѓа на каде оди модниот свет, на пример за прв пат во историјата на Мис на Светот се појави девојка без шминка. На насловните страници на култните списанија како Vogue или Sports Illustrated се повеќе и повеќе насловните страници ги красат жени од светот на науката и инженерството. Тоа е сегашниот светски тренд, и навистина ми е драго што во светот сум прифатена и признаена на овој начин. Дозволувањето на жените да уживаат во својата младост, и да можат да ги прават „и двете“, и при тоа да не се со сила ставани во некаква си кутија е едно ново, огромно и потребно светско движење. Во Македонија сметам дека до прва треба да ги рушиме тие табуа.
* Токму како убава жена која држи до себе, се чувствуваш ли инфериорно во однос на мажите научници околу тебе?
- Не, воопшто. Моите другарки од научниот свет ги красат насловните страници на Vogue и Sports Illustrared, удобни се во бикини на социјалните медиуми и шират една поинаква свест. Тоа е прифатено и навистина славено и поддржано од јавноста.
Ми се допаѓа тој сегмент од Западниот Свет, каде што навистина имаш прилика да бидеш се што ќе посакаш. Секако, се уште има стереотипи што треба да ги кршиме, и не сите имаат толку информирани ставови, но се уште активно се работи на случајот во мојата заедница. Сепак ми се допаѓа свеста на мажите во нашиот свет, зошто голем дел од нив навистина се трудат да пружат еднаквост на правилен начин, барем во опкружувањето во кое што јас се наоѓам.
* Кои ти се следни планови и цели за освојување?
- Мои следни планови се да реализирам пракса, за да
можам успешно да ги завршам Магистерските Студии. Завршивме со едукативниот
дел, и сега ме чека практичниот, но се уште не можам да откријам каде ќе бидам
практикант.
Но, се во свое време. Научив да бидам трпелива со цел да има што помалку дезинформации од моја страна. Зошто едно е да бидеш прифатен на програми, а сосема друго е да го изодиш патот. Колку и да сум возбудена за иднината, ќе молчам трпеливо додека не се оствари.
Секако, ќе продолжиме да ги организираме NASA Space Apps Challenge хакатоните, па секој еден може да ни се приклучи на нашите три локации: Во Струмица, Македонија; Во срцето на Силиконската Долина во Калифорнија каде домаќин е НАСА Амес Истражувачкиот Центар, и во Кливленд во Охајо, каде домаќин е НАСА Глен Истражувачкиот Центар. Дополнително на мојот Инстаграм Профил @astro_smarta јавноста ќе може да ги најде сите идни повици и можности што ќе ги споделувам за да може активно да учествуваат во вселенските активности наменети за сите.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива