Машко дете мајка родила
Љубљана-Загреб-Белград-Скопје...се’ на се’, околу 1000 километри. Во автомобилот моите родители и ќерка ми, а јас возам. Што би рекле 99% од луѓето “машки извозено”, со 3 застанувања за да наполнам гориво и да истегнам нозе. Некаде пред Скопје, после скоро 11 часа возење (чекање по граници и пат), татко ми вели “и после ќе речат син! Абе ајде...ќерко, браво”. И потоа фативме муабет за патот и како си поминавме изминативе денови, а мене во главата ми остана мислата дека женските деца во семејството отсекогаш биле третирани како нежни битија кои немаат сила, или барем не онолку колку што имаат машките!
Колку сме ние жените потценети во однос на она колку и што можеме да искрепиме. Денешнава приказна ќе бидат фрагменти, за кои говорев на 8-ми Март по повод родовата еднаквост (ете...и на тој муабет му дојде редот).
Родена сум среде зима, на 23-ти јануари 1972 година (што би рекла ќерка ми, не сум модерна бидејќи не сум од овој век!). мајка ми вели дека било сув студ, грч ладно. Кога сум се родила, после повеќечасовни маки, докторот излегол да му соопшти на татко ми дека добил син. Мајка ми, сета во солзи свикала “ама докторееееее, женско е, Ана е”. “Е ако де, нека се порадува малку” одговорил тој. Така, моето раѓање се славело 2 пати, еднаш за синот, а вториот пат за Ана. Да не зборувам дека откако му кажале дека уствари има ќерка, татко ми убаво си прашал да не се близнаци.
Во комшии имав другарче помало од мене. Јас, опседната со пиштолот кој тој го имаше оти правеше едно специфично “чкрап”, а тој со мојата кукла оти таа беше се’ освен обична кукла (сите завршуваа исто, шишани во косите, така што долго време се бавев со мислата дека кога ќе пораснам сакам да бидам фризерка). И бидејќи не биваше женското да игра со пиштоли, а машкото да покаже интерес за кукли, најдовме решение...чукавме по тенџериња (демек, на тапани), додека не ни беше дозволено да правиме што сакаме.
Во трето или четврто одделение, две деца се степаа. Удар во стомак, издишување. Нормално беа повикани родителите. Додека наставничката ја објаснуваше ситуацијата, издишаниот (во стомак де) тивко си плачеше, додека во еден момент татко му не се сврте и низ заби процеди “не туку ми цимоли како девојче”!!! како девојче!
Завршив економски факултет, каде што повторно се соочив со моментот на поделба на машки и женски деца и нивната улога во општеството. Ми се одмили еден од главните предмети, заради професорот кој велеше “Епа колешки, наместо да седите во клупи, одете и раѓајте деца, фертилниот период ви поминува”. Ама секако, животниот сон на секоја 18 годишна девојка е да се омажи до својата 20-та и да роди едно 2-3 деца, да нема кариера, ниту хоби!
Возам од своја 20 и некоја година. Знаев уште од првиот миг дека ќе бидам добар возач, оти кога седнав на седиште, ми беше како да сум дошла дома. И ден денес обожувам да возам и некогаш и бесцелно го правам тоа кога сум нервозна или ми треба мир. Инструкторот, уште на првото возење ми рече “Ех бре Ано, возиш како машко, мора да си ја крадела колата на татко ти”. Јас и крадење! Оди објасни дека во животот немам украдено мастика и дека имам трчано по еден забрзан господин за да му ги дадам парите кои му паднаа од џебот (во денешно време, знам дека не е баш за фалење дека не сум украла ништо, ама тоа е вистината).
Од друга страна, мајка ми истиот тој период реши дека сака да стане возач. Со целосна поддршка од татко ми и мене, земаше часови и редовно доаѓаше расплакана бидејќи и’ се погоди инструктор кој упорно велеше дека жена е за во кујна, а не за во автомобил. Ден денес, мајка ми си ја обновува возачката дозвола, но не вози.
Влегувањето во светот на возрасните, повторно ме соочи со полова дискриминација. Интервјуата за работа, на кои редовно бев прашувана кога имам намера да раѓам! “Извинете, календарот со плодни денови ми остана дома”.
И потоа доаѓаат голготите врзани со бракот и семејството. На сите свечености, свадби, матури, родендени бев прашувана кога имам намера да се мажам (не дали имам, туку кога), треба да размислувам за дете, оти биолошкиот часовник ми врти (а мене ми се вртеше во стомакот од такви простотилаци).
За жените нема одмор! Ако не е мажена-кога...ако се омажи-кога деца...ако роди дете-кога второ...ако се разведе-кога ќе најде нов маж.
Да не зборувам за етикетата стара прворотка, оти сум имала скоро 35 години кога се породив.
Има ли тоа некогаш крај?
Дали улогата на жените се сведува на машини за раѓање, пеглање, перење, чистење? Родив дека сакав дете, а не дека ми беше времето. Искрена да бидам, знам да готвам, ама пусто не ме влече. Не го сметам тоа за хендикеп, ниту пак како нешто со кое треба да се фалам. Едноставно, тоа сум јас!
Зошто жените треба да даваат отчет за секоја своја одлука во животот? Па познавам жени кои едноставно не сакаат да имаат деца. И тоа за мене е многу почесно, отколку да ги имаат оти така треба. Познавам жени кои не знаат да сошијат копче, ама имаат осет за бизнис. Познавам жени кои готват фантастично и се успешни во својата професија. Познавам жени кои и над свои 50 години сакаат ноќен живот, ама за разлика од мажите кои се нарекуваат боеми, овие жени се предмет на потсмев!
Мојата и улогата на секоја жена во ова општество не е да бидеме она што другите го наметнуваат и очекуваат. Мојата улога, а и улогата на секој човек е да најде она што го исполнува и она во што е најдобар и така да го даде својот придонес. Не сакам да сум роб на очекувања и барања. Своја сум, свесна и возрасна. Таква сакам да ја видам и ќерка ми еден ден. Да биде она што и’ доаѓа однатре, без да се оптеретува дали е тоа вкалапено во рамките кои другите ги поставуваат.
За моите родители јас не сум ни ќерка, ниту син. За моите пријатели јас не сум машко или женско. За оние кои ме познаваат, јас сум едноставно Ана...која може се’ што и’ се сака...ама само ако и’ се сака.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Порано машко дете ко ќе се родело
Тапани до зори биеле и куќите од гости крцкале
Та наречници се ределе
Која поубави думи да кажи
Оти јунак на светов дошол
Тој
Што името татково ќе го продолжи
И куќата празна не ќе ја остави
На старост за мајка си и татка си ќе се грижи
И пак домот со дечиња ќе го наполни
Порано
Ама не толку одамна
Женско дете ко ќе се родело в куќи
Како болест да ги навјасала сите
И молк
Мува да помини, зуењето да и’ се слушни
Оти женското дете од домот ќе летни
И нечие туѓо презиме ќе носи
И ниту мајка, ниту татко ќе гледа
Та веселби не се праеле
Дури и некојпат комшиите се прекрстувале
За да не ги снајди клетвата ко кај оној од карши
Кој три пати по ред чупиња изгледал
А кај мене пак во фамилија
Ете само женски се раѓаат
Јас
Една на мајка и татко
И ќерка и син
А и од мене чупенце излезе
Та да ми е да си поживеам подолго
И да видам дал и ќерка ми
Со ќерка благословена ќе е
Оти ете
Кај мене женското од Господ е дар
И знам некојпат на шега татко ми да го чепнам
Дали наместо Ана, Андреј сакаше да бидам
За да можи и тој во гради да се тупни гордо
И со синот наоколу да се фали
А татко ми пак
Само малку ќе се поднасмее, сосем малку
(Оти троа отпоќе сериозен е
Или мајка ми шо би рекла “табиетлија си е чоекот”
Та ко ми е лута вели оти семката прилепска ми е)
И само ќе ме праша
Во што сум од маж поинаква
Освен шо на чупе личам
И некојпат инает ко жена во ПМС терам
И ко ќе помислам поубо
И навистина некоја разлика нема
Освен во умот на луѓето
Ама па тој да го смениш не можиш
И не џабе се рекло дете ко ќе се роди
Само живо и здраво да е
Да биди к’сметлија во животот
И многу мака да не види
Да му е патот широк и рамен
Со по некое камче ваму-таму
За малку да се препнува
Колку да не заборави оти не е се’ мед и млеко
Та машко или женско било
Чесно и арно да биди
Образот сиот живот бел да му свети
И устата да не си ја погани
Оти секоја лоша мисла умот го труе
И секое лошо дело со лошо се враќа
И за машко
И за женско
Оти дете е дете
И чоек е чоек
Ана Бунтеска