Ме мотивираат моќни жени кои посветено и чесно ја градат кариерата и истовремено имаат убав брак: Утринско кафе со Ана Петровска

Периодов денот ми започнува со прегратката на моето синче. Ова е верувам најубавиот период во животот на секоја мајка - кога имате бебуш дома - чувството, мирисот на бебе, амбиентот, топлата атмосфера дома, се‘ е скапоцено - неповториво искуство. 

Кафе наутро не пијам, ама првото смуди или некој свеж цеден сок го испивам со сопругот... кафето го оставаме за подоцна.  

Ме мотивираат мудри, разумни и моќни жени.. жени кои посветено и чесно ја градат својата кариера и кои истовремено имаат убав брак, кои се посветени на домот, сопругот, децата, семејството..  Жени лавици.. жени кои истотака посветено работат на своето здраво тело и дух.

Откако се породив сум целосно посветена на мајчинството, кое понекогаш знае да биде и напорно, но целосно ме исполнува и ме прави среќна. Имам секојдневни ритуали поврзани со синот, хранење, спиење, забава и рекреација, нега, се‘ што е потребно... и ако нешто научив за овие 2 месеца тоа е дека дури и кај мајчинството за правилен раст и развој на бебето - детето многу е важно планирањето и добрата организација дури и на најобичните дневни обврски. 

Но пред се‘ најважна е љубовта. Таа е двигател на се‘. Само на тој начин се има успех и се расте среќно дете во здраво семејство. Покрај целосната посветеност на бебушот во текот на денот, и обврските во домот, вежбам секојдневно, го менаџирам мојот Инстаграм профил - фотографии, видеа, текстови, комуницирање со соработници. А попладне сето тоа заедно го правиме со сопругот. 

Откако ќе завршиме со обврски, ќе се стишат сите плачки, грчеви и бранови, сопругот го прави најубавото топло макијато (со безкофеинско кафе) со мед и мнооогу пена од млеко без лактоза, и тогаш конечно е време во топла пријатна атмосфера да изгледаме некоја епизода од омилената серија или некој филм. 

Додека не станав мајка, а посебно за време на бременоста имав многу повеќе време да читам книги - омилени ми беа љубовните романи, но и наменските книги - за бременоста и мајчинството. Последниов период навистина не наоѓам време за читање, и како што кажав повеќе се релаксирам со некој добар филм, или серија, но сепак книгите си имаат своја посебност и убавина и добра книга ми е секогаш предизвик.


* Ана Петровска - нутриционист * 

Фото: Приватна архива