Медената земја полна измет

Добивај вести на Viber

Нам не ни требаат непријатели. Или да скратам веднаш, земја со вакви жители ич не треба да се плаши за својата пропаст. Не научивме и не научивме да се радуваме на нешто свое. Сите излеговме критичари за се’ и сешто. Еве, да си кажам искрено, половина од филмовите кои се наградени со Оскари не сум ги гледала. Или попрецизно, не наоѓам време, а кога имам време немам желба. И ок сум со тоа. Ама ќеф ми е што наш филм ќе биде во трката. Онака, баш ми е ќеф, без оглед дали ќе го гледам или не, без оглед дали ќе ми се бендиса или не. И не е само од причина што е наш филм, туку и од причина што ми е радост оти се’ повеќе наши млади се препознавани во светот како квалитет.

Ама не. Не може едноставно да се затнеме и да кажеме....еј, добро е, еве нешто убаво се случува. Нема да гњавам со прераскажување на она што веќе го знаете од социјалните мрежи. Нема да навлегувам во патриотските мисли на нашите вистински МАКЕДОНЦИ (оти ние другите сме фејк). Само ќе кажам, многу измет за една медена земја, многу!

И еве, да се вратам на секојдневието кое само ми потврдува дека од гомно народ, алтан држава не бива. И нема да чачнам политика ич, оти ќе се изнервирам непотребно, а и тука веќе има доволно експерти, туку ќе ви раскажам неколку случки кои ми беа актуелни деновиве.

После 2 години без одмор, решив оваа зима да појдам со ќерка ми и моите до Бугарија. Демек блиску, па фини спа центри со пристојни цени. И се спотеравме сите заедно. И...не беше Ленка родена да одмори, туку Ленка (читај Ана) фати некој вирус и пола време таму го минав во кревет. Нејсе, се вративме шо се вративме, ама вирусов досаден и му требаше време дур помине. И уште таква мрсулава и цела затната, одам да прикупам нешто во маркет. Ставам работите во кола и излегувам од улицата, која патем речено е едносмерна, кога од спротивната страна се приближува кола и тоа прилично самоуверено. Обично не се расправам, оти ми е губење време, често пати знам да се поттргнам иако не би требало. И овој пат, проценувајќи дека полесно е јас да одам наназад 3 метри, отколку дрското машко чељаде да се враќа 15, застанувам со идеја да убацам у рикверц, кога зад мене се редат уште 2 коли. Веќе имаме нова ситуација, во која по сите можни правила на возачка култура итн итн, дечково што влегува во едносмерна улица треба да се врати назад.

И наеднаш имате сцена од филмот Др. Џекил и Мр. Хајд. Типов го фаќа лудило и почнува (не излегувајќи од кола) да ми реди мајки шајки, роднини...и сето тоа го сфатив по отварањето уста, па уште и да ми покажува средни прсти со две раце. Еве, да си кажам уште тука, сите сте ми сведоци. Ептен не бев арна, ама следен пат излегувам со хебла и прво демолирам кола, а после и возач. Да не биде после несам знајала. Оти преку глава и одредени органи ми е да премолчувам на секоја будала која намирисува тивки луѓе, па мисли дека може да се изживува. Значи, момче младо...ако имаш проблем, има институции, не малтретирај жени.

И ова не е првпат вака да се има случувано. Агресивноста на луѓето ко да станува се’ поголема и поголема. И таа не е сведена само на партиски препукувања, туку веќе се одразува и во сите сегменти од живеењето.

Преку глава ми доаѓа кога разговарам со другарките и кога си прераскажуваме случки од кои гледам дека секоја од нив (а секоја е прекрасна особа) се соочува со вакви некои ликови кои силата и фрустрациите ги покажува онаму каде што не треба. Социјалните мрежи се полни со вакви работи. Среќа, ја имаме Ина, Фроска...и уште неколкумина кои јавно плескаат за вакви работи. И подзгадено ми е, да ви кажам искрено. И нема повеќе никого да трпам. Едно е да си фин, а друго е да дозволи човек да му се качува некој на глава. Значи, отсега...нема “само да прашам нешто”, нема дишење у врат на шалтер (оти јас сум сељанка која нема електронско банкарство или како и да се вика тоа), нема давање предност на некоја агресивна будала за мир на семафор. И не е само тоа. Сите знаат што е најдобро, а никој нема со прст мрднато за да стори да е поарно.

Пред некое време, читам некаде....во некоја отворена група дека е споделено писание од мој пријател, кој е извонреден раскажувач. Односно, писанието е споделено со копи-пејст, без да е наведено името на авторот. И нормално, оние кои го читаме човекот, кои го почитуваме и кои на крајот, не сакаме неправди реагиравме. Целата работа отиде дотаму што сите реакции беа исмевани и дури поставени на ниво дека треба да му е чест што се краде од него!!!

Исто ко со овие кои се експерти за Медена земја, исто ко оние кои се експерти за било што што ќе направи некој друг. А да земевте да направевте нешто? Барем да пробате, м? Еве, да бидете вие тие кои ќе бидат подложни на критика од јавноста.

Не?

Не оди, нели?

Знаете зошто престанав сама да се шишам? Оти не ме бива.

Знаете зошто не шијам? Оти не ме бива.

И најмалку што можам е да не се правам експерт за нешто што не разбирам, туку да го почитувам сработеното од оние кои си ја знаат својата работа.

И не зборувам за вкусови, воопшто. Секако дека може да ви се допадне или не нечија книга, филм, музика, што и да е. Ама не блујте отрови, оти ќе се задавите еден ден. Оти некој таму вложил љубов, време, труд, себе во нешто што вие со лаичките дрндања го сведувате на НУЛА.

А од друга страна, спремни сте очи да ископате некому ако не ви го бендиса ручекот или како ви се погодило виното оваа година.

Земјата ни е убава. Државава ни е проклета. А земјата, земјата ни е повеќе од медена. Само треба да научиме да си ја сакаме, а бога ми и себе. да сте ми живи и здрави. И не заборавајте дека секоја убава мисла и збор ви го хранат умот со убост. Секоја грда мисла и збор, ве прави грди во душите.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Велат дека од арен до будала
Многу малку има
Толку малку што линијата е како конец
Кој лесно можи да се скини
Исто ко онаа која е меѓу тивко езеро и небо
Та не знаеш дали небото во водата се огледува
Или водата небо станала
Ете така велат старите
Дека арен чоек лесно будала станува
И дека можиш мајтап со него да играш
На душата да му газиш
На наивноста да му плукниш
И грбот да го завртиш
Без појќе на него да помислиш
Од арен до будала малку имало
Толку малку што било скоро исто
А мене
Мене некако тажно ми иди
Оти јас знам
Ете и по себе си знам
Оти арниот чоек знај кога станува будала
И кога конецот сам го кини
Оти поинаку не умеј
Оти проколнат е да верува
И убото во луѓето да го бара
Ете
Арните луѓе сами знаат будали да се сторат
И да те гледаат со очи полни верба
Дека ќе знаеш да ги зачуваш
И од бол да ги сочуваш
Дека ќе знаеш оти арното во нив
Е како градина полна цвеќе
Во која не се влегува за да газиш по неа
Ниту е одаја чиста
Во која со чевли полни кал ќе изгазиш
Оти душата нивна не знај на кантар да клава
Ниту за ситни парички да се продава
Оти арните луѓе љубат без да мислат
Како кожичката да си ја сочуваат
И срцето да не си го распукаат
Ете тие
Тие арните
Тие кога будали стануваат
Никого не окривуваат
Туку ко кутриња после во дувло се кријат
И сами раните си ги лижат
И ноќи неспани минуваат
А во ноќите јадови ко богата вечера вкусуваат
И горчливи солзи голтаат
Ко некој скапо вино што пие
Тенка е линијата
Многу тенка е таа линија
Која од арниот чоек будала прави
И не оти учат пустите
Не научуваат нелуѓе да бидат
Оти на сета будалаштина
Која во себе ја носат
Душата разресена им е
Ама чиста останува
Како детска солза пролеана
Како млеко од млада мајка
Како вода изворска
И повторно арно-будали ќе бидат
Оти такви се
Оти такви сте
Оти таква сум