Меѓународен ден на семејството, дали забораваме да разговараме со нашите деца?!
Понекогаш е потребно родителите да научат како да се дружат и да разговараат со сопствените деца. Преоптоварени со многу обврски, не се сконцентрирани на една работа, туку паралелно ги извршуваат домашните и службените работи меѓу кои многу малку време останува за децата кои овие ситуации честопати со право ги доживуваат како отфрлување. Често се случува членовите на семејството да се блиску еден до друг, но да не учествуваат во заеднички активности, вели за Фактор м-р Татјана Гогоска од Првата детска амбасада Меѓаши. Таа скоро триесет години работи со деца и за деца и вели искуството е бесценето, бидејќи најголем успех е да се работи на развој на емоциите кај децата, што пак според неа е основата за развој на секоја личност во позитивна личност.
Одбележувањето на меѓународниот ден на семејството 15 Мај, како што вели треба да ја подигне свеста за значењето на вредностите кои се негуваат и развиваат во рамки на домот и како тие потоа се рефлектираат на општественото живеење. А, токму родителите можат да ги поттикнат, но и да ги обесхрабрат интересите на детето. Можат да покажат интерес за светот на детето, но и да го обезвредат.
“Основниот позитивен пристап во семејството e детето да биде основната клетка за развој на децата е сите членови да имаат рамноправен статус. Децата во семејства каде се третираат на ваков позитивен начин, со разговор, согледување на проблемите, нивно заедничко надминување, растат во здрави психички личности кои потоа во животот знаат исто позитивно да се носат со животните предизвици. Ќотекот е најбруталниот агресивен начин каде родителот ја покажува својата надмоќ и значење и е неприфатливо во ниедна ситуација. Ќотекот кај децата предизвикува физичка болка но и понижување кое подоцна кога ќе порасне го исфрла кон други немоќни и на тој начин ќе ја лечи фрустрацијата”- вели Гогоска од Меѓаши.