Мерлин Монро се уште инспирира

Добивај вести на Viber

Мерлин Монро е една од најпознатите филмски икони и секс симболи кои светот некогаш ги видел. Со нејзината легендарна фигура како песочен часовник, симболот на убавина на нејзиното лице и заводливата русокоса фризура, Мерлин Монро успешно го одржуваше својот чист платинест холивудски гламур со мала доза на детска ранливост. Токму поради овие квалитети ја обожаваа милиони луѓе ширум светот. И покрај тоа што животот на Мерлин беше релативно краток и трагичен, таа продолжува да биде инспирација и денес.

Крстена е како Норма Џин Бејкер, но во нејзиниот извод стоело името Норма Џин Мортенсон. Подоцна, кога се омажила за Џејмс Доерти, станала г-ѓа Норма Џин Доерти.  За јавноста станала позната како Мерлин Монро, уште во 1946 година, сепак, таа не го сменила нејзиното име и на хартија сè до 1956 година. Подоцна, кога му станала жена на Артур Милер, сакала да ја нарекуваат Мерлин Монро Милер, па така во тој период доста популарни станале нејзините иницијали М.М.М.

Во декември, 1953 година се појавила на насловната страница на првиот број на Плејбој. Во магазинот имало и друга фотографија од Мерлин, на која таа била гола, за што ѝ биле исплатени 50 долари. После нејзината смрт, Хју Хефнер, креаторот на Плејбој, платил 85.654 американски долари за да резервира гробница веднаш до нејзината.

Се смета дека во текот на својата актерска кариера снимила точно 30 филмови. Сепак никогаш не го завршила нејзиниот последен филм „Something’s Got to Give“. Била отпуштена поради тоа што летото пред нејзината смрт не се појавувала на снимањата, а најголемата иронија е што режисерите всушност повторно ја ангажирале само неколку дена пред да ја пронајдат мртва во нејзиниот дом.

За многумина била само убаво лице, но таа била и умствено богата. Поседувала преку 200 книги, ги читала Толстој и Витман, често го слушала Бетовен и одела на часови по литература.

Повеќето луѓе сметале дека Мерлин имала облини, но реално таа била прилично ситна и добро градена жена. Тежела 52 кг, а била висока 165 см. Нејзината тежина варирала, но нејзините пропорции најчесто биле 91-60-86 или 96-58-91 за гради-струк-бутини, што се речиси идеални пропорции за кои повеќето жени можат само да сонуваат.

За крај, во чест на нејзиниот роденден, 1 јуни, ќе ви ја пренесеме нејзината мисла: „Секогаш бидете насмеани, затоа што животот е нешто прекрасно и има толку многу работи за кои можете да се смеете.“