Месут за Женски Магазин: Во мојот дом згрижив 7 пријатели погодени од земјотресот, можат да останат до кога сакаат
Една недела по земјотресот, граѓаните на Турција сè уште не губат надеж за пронаоѓање на живи луѓе под урнатините. Тој кобен понеделник исфрли многу семејства од домовите, одзеде илјадници животи и им го промени животот од корен на уште толку.
На 6-ти јануари градовите долж турско-сириската граница доживеаја уништување по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди двете земји непосредно пред зори, а само неколку часа подоцна следуваше последователниот потрес, кој се случи околу 11:30 часот по средноевропско време, и беше со јачина од 7,5 степени, сила за која научниците велат дека се случува само дваесет пати годишно во светот.
Фактот дека два разорни земјотреси погодија оддалечена и во голема мера неразвиена област за толку краток временски период, го нагласува обемот на предизвиците со кои се соочуваат спасувачите во Турција и Сирија до денес.
Тоа понеделничко утро ќе биде запаметено по незамислива трагедија, а според последните информации, разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија однесе повеќе од 38.000 животи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека 141.000 спасувачи се распоредени на теренот во 10 турски провинции погодени од земјотресот.
Најмалку 40.000 загинати, многумина заробени под урнатините, апокалиптични сцени од уништените делови на Турција и Сирија и стравот од нови потреси кои ги кинат нервите на жителите, се последиците од катастрофалниот земјотрес што со денови ги прогонуваат жителите.
Месут Ирк, Турчин кој живее во Ван, за Женски Магазин раскажа како минатиот понеделник веднаш со свој автомобил се упатил кон Адана да им помогне на своите пријатели кои биле заробени таму.
- Tрагедијата што се случи во нашата земја длабоко ме погоди.. Мојата куќа беше уништена во земјотресот во 2011-та година, но овој земјотрес беше далеку од мене. Но имам блиски пријатели таму и нивните куќи беа уништени, па затоа веднаш се упатив натака и ги донесов на безбедно овде со сопствен автомобил, и со свои средства ги угостувам во мојата куќа.
Тој вели дека тие се потресени и не можат да се соберат од трегадијата која ги снајде.
- Речиси изгубив член на семејството. Децата се најмногу жртви во овој земјотрес. Според информациите што ги добивме од локалните новински агенции, многу семејства си ги бараат децата. Иако официјалните државни канали покажуваат 40.000 смртни случаи, факт е дека се над 50.000 - со солзи во очите раскажува тој.
На прашањето што потоа, односно како би продолжил животот за овие седум луѓе кои сега се згрижени во неговиот дом тој вели:
- Сето тоа е многу нејасно, ќе останат кај мене неколку месеци... државата ќе им изгради куќа, нo сè уште е многу рано да знаеме детали, дотогаш можат да останат кај мене дома и да работат со мене ако сакаат... Па полека очекуваме да се вратиме во нормален живот.
Инаку семејството на Месут брои четири члена, што значи сега во неговиот дом се вкупно единаесет луѓе, но овој човек со големо срце е подготвен да прими и други погодени доколку е потребно.
- Оваа бројка може да се зголеми... бидејќи сезоната е зима, ќе има и такви кои нема да можат да издржат во зоната на земјотресот и ќе дојдат во нашиот град во наредните денови - објаснува тој.
Најмалку 41 лице беше спасено од под урнатините во Турција помеѓу 141 и 163 часа по земјотресот, објави во понеделникот државната новинска агенција „Анадолу“.
Во земјава се собираат донации за помош, а некои граѓани го нудат и својот дом за погодените од земјотресот. Владата на Република Македонија пак донесе одлука со којашто вчерашниот ден, 13-ти февруари, понеделник, беше прогласен за Ден на жалост во земјава.
Даница Караташова Илиоска