Ние дома ја славиме славата Света Богородица. Тогаш се виткаат околу 400 до 600 мали сарми. Подготвувајќи ја ланската слава, сфатив дека ми треба помош, дека една или две жени сето тоа не можат да го направат сами. Од таму настана оваа песна, „Домаќинска“
Новата песна и спот на кантавторката Мијата „Домаќинска“, се инспиративна и весела женска приказна. Интересна анегдота за тоа како песната настанала, раскажа Мијата на денешната промоција во Кинотеката на Македонија.
„Ние дома ја славиме славата Света Богородица. Тогаш се виткаат околу 400 до 600 мали сарми. Подготвувајќи ја ланската слава, сфатив дека ми треба помош, дека една или две жени сето тоа не можат да го направат сами. Од таму настана оваа песна, за новите, модерни домаќинки кои не се ни налик на нашите мајки, тетки, баби кои често ни зборуваат што тие правеле кога биле на наша возраст, а ние тоа не успеваме да го постигнеме“, раскажа шармантната пејачка која работи како контролор на летање.
(Мијата со трите актерки од спотот: Стефанија, Ангела и Катерина)За главни актерки во спотот покрај неа, Мијата покани три дами за кои рече дека според енергијата која ја дале во видеото, гледачите ќе сфатат зошто ги одбрала токму нив. „Поканата да дојдат на снимање им ја пратив преку Вибер. Немаше никакво објаснување за тоа каков ќе биде спотот. Јас ги прашав: Ќе ми глумите ли во спот? Тие само одговорија ДА“, додаде Наташа Мијат Крстевска, која е режисер на спотот. Таа раскажа и дека песната ја пишувала уште од зимата, а идејата за секое нејзино видео и се раѓа уште додека и се прави аранжманот. Една од трите дами кои заедно со неа глумат модерни домаќинки е Стефанија Милевска од Битола, пејачка и кореограф на спотот. Во нејзиното новоотворено студио во Битола „Welcome to Stefanija’s Music World“ е снимена песната. Другата е пејачката Ангела Здрaвковска од Берово и нејзината пријателка Катерина Илиоска.
(На промоцијата се прикажаа и нејзините претходни видеа, а холот на Кинотека беа изложени фотографии од снимањето на спотот.- Мијата)Мијата е автор на музиката и на текстот на симпатичната ретро-кабаре песна, а аранжманот го изработи Петар Димитровски од Битола, познат по прекарот Mark Purpose, поранешен член на групата „Фолтин“. „Диплиме алишта само пред празници, садови трупаме како да сме цимери, гости во најава-чистиме, најважно е да се сакаме“, се дел од стиховите на „Домаќинска“. Видеото е снимено на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА, со техничка помош од Милчо Узунов од „3 Д“ студио.
М.Џаровска