„Милфици”, „кугарки” и останати етикети
Човек учи додека е жив, па така и јас. Во мојата младост, постоеја категории на љубовници, сопружници и прељубници. И се’ беше кристално јасно. Она што останало исто низ годиниве е дека се’ уште маж кој си брка работа на страна за повеќето е фраер, а дека жена му е глупава ако реагира, оти “абе остај го ќе му мине ќефот, па ќе си се врати дома”. Јас сум од тие глупавите, одма да си кажам. Ако нешто не поднесувам, тоа е неверство и можам дотичниот партнер сосе партали да го исфрлам надвор дур речете “пиксла” и на раат кафе да си сварам. Е, не дека после нема да ми бидат другарките тероризирани со муабети, кои ќе завршуваат со “пушти го, вол еден”, ама тоа е друга приказна.
И не ми е денешнава колумна за неверствата, кои рака на срце ги има и од двете страни, туку за некои наши вкоренети, застарени, па и примитивни поделби. Или, народски кажано, кантарот не ни е ист за исти работи кога се работи за машкиот и женскиот пол.
Ок, да почнеме. Едно по едно.
1. Тој изневерува. Некако е понормално, отколку таа да изневерува! Зошто?! Дека таа е мајка, а тој не е мајка. Да, не е...ама татко е. Дека нему му личи, оти мажот е ловец и дрндрн. Па нека земе нека оди по риба, нека најде некоја занимација. Ако нема љубов и разбирање, има соодветни решенија...советувалиште, развод, период во кој ќе се разделат за да видат дали може да се средат нештата или не. Сето ова бара напор, полесно е да се бара чарето кое ќе е привремено и повремено. Но, не е ок ако истото го прави и таа. Оти него го личи, а нејзе не (сарказам, знам).
2. Тој е слободен и има партнерка која е над 20 години помлада. Освен оние бљувотини од типот дека и на 50+ во битието на мажот е да го продолжи потомството (не земајќи го предвид квалитетот на неговата сперма заради факторот години), има некое разумно објаснување освен логичното дека е страв од стареење и некое си подутешување дека така се продолжува младоста? Епа да ве просветлам. Не се подмладувате со премногу млада љубовница, туку само ви расте ризикот од срцев удар на сред секс.
3. Тој е разведен или вдовец кој менува партнерки на секој чекор заради “премногусумповредензадасеврзам” синдром, кој освен кај очајни жени, не пали никаде. На овие години, сите сме со лузни и промашени љубови и искуства. Ама бидете чесни и кажете оти повеќе ви се допаѓа да мувате, отколку да сте со една жена.
Сега малку другата страна да ја видиме.
1. Таа изневерува...не е добра мајка, ороспија, расипикуќа.
2. Таа е разведена...сигурно трча по сите женети мажи на планетава и е опасност за сите совршени бракови кои ако ги дувнеш посилно ќе се срушат ко куќарката на едно од прасињата во приказната Трите прасиња.
3. Таа е самохрана мајка...нененененене, не е мајка, туку грешница. Амин!
4. Таа е слободна жена која излегува со слободен маж кој е помлад од неа 20+ години. СРАМОТА! Го прелажа кутриот на 30 години, во цветот на младоста. Таа е кугар, а тој е нејзин тој бој. (за шугар деди погоре ќе си молчиме, оти повеќе личи некој дедо да шета млада девојка која може ќерка или внука да му е по годините, отколку жена на свои 50 и повеќе да се појави со маж од 30 и нешто).
5. Таа е со или без обврски, а и се пушта некој помлад кој ја нарекува МИЛФ (кренете рака драги мои, слободно да се преброиме).
Муабетот ми е следен. Верувам во љубов и верувам дека љубовта нема години. Дека во неа не постојат термини како постара, постар, помлада, помлад, кугар, шугар деди итн. Ама пазете, зборувам за баааааааааааааааааам љубов. Дури, можам да разберам љубов и кога е некој во брак или врска. Ама тоа се расчистува на овој или оној начин. Се расчистува онака како што доликува на еден однос во кој имало преубави моменти, деца и заедништво. Не со лаги, не со манипулации. А луѓе сме и се случува да се вљубиме во некој што “не треба”. Но, да не правиме магариња од нашите партнери. Тие сепак се дел од нас и нашиот живот, нели?
Да, верувам дека може и покрај позначајна разлика во години да се случи љубов. Сеедно дали е жената помлада или постара. Она што ми пречи е давањето квалификации и етикетирањето.
Познавам жени кои се повеќе свои а и поудобно им е со помлади мажи. А тие помлади мажи се разумни и паметни, реализирани и исто толку зрели во умот како своите партнерки. Но, таквата комбинација е кугар-тој бој. Бљак, бљак и бљак.
Познавам жени кои отсекогаш сакале повозрасни мажи. И не, не се работело за Електра комплекс. Едноставно, муабетот па и сексот им е поарен со повозрасни. Е, таа комбинација е шугар деди-спонзоруша. И не е ич важно ако и покрај разликата во години, таа е успешна, своја, самостална.
Во ова општество за се’ имаме називи. И да простите, да бевме толку инвентивни во се’ како со етикетирањето, којзнае до каде ќе стасавме. Се бавиме со туѓите животи повеќе отколку што посветуваме време и внимание во рамките на нашите 4 ѕида дома.
Главна преокупација е кој со кого, зошто и како.
Тргнете предрасудите. Секој однос меѓу две возрасни личности со здрав разум е нивна и ничија друга работа. Ако не прават штета некому, што ве заболе кој колку години има од нив. Гледајте си ја чергата и мерете си ги ноџињата дали ќе ви бидат на или вон неа. Човекот кој еден ден ќе ми го освои срцето, ќе го стори тоа со својот интелект, шарм, смисол за хумор и спремноста заедно да чекориме рамо до рамо, попатно да ги решаваме проблемите и да бидеме еден на друг љубов и потпора. Тоа ќе е човек од чиј поглед ќе ми се грчи утробата и ќе се чувствувам како да сум тинејџерка. Дали ќе е 10 години постар или помлад, дали ќе сме генерација...ама ич не ме засега. Ме засега само едно...да е ЧОВЕК. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтескa
За чоек треба
пилето да ти пее
душата да ти е ширум отворена
без ќепенци и капии
без синџири и катанци
срцето да ти љуби
незатруено и чисто
без да става на кантар
без да фаќа кусур
ама чоек
чоек да имаш пред себе треба
оти само тогаш вреди да се дава
без резерва
без задршка и мерење
за чоек пилето во гради да ти запее
оти инаку ко во кафез е
та лажи го
задевај го
ќе молчи и ќе се прпелка
ама глас не ќе пушти
оти ништо нема да го прелаже
“да најдеш...чоек за себе да најдеш”
покојната ми баба велеше
“ќе го видиш
ама не со очи
ќе го чуеш
ама не со уши
ќе го сетиш
со срцето
со душата ќе знаеш
кога внатре ќе ми ти запее
пилето ќе ми ти се разбуди
ете тогаш ќе знаеш
и не биди будалче
да го сочуваш
горделива да не си
биди умна
мудра биди
оти се’ друго е лага
освен песната на пилето во срцето што ти е”
за чоек
само за чоек вреди чоек да пати
да прегори од љубов
да се стопи
пепел да се стори
и од пепел пак да никне
заедно со пилето
она во срцето што го носиме
она што пее само кога чоек со чоек ќе се најде