МИС НА СВЕТОТ 2018 ВО ДЕКЕМВРИ ВО КИНА: Неизвесно учеството на Македонија
Триесет и шест земји го потврдија учеството со свои кандидатки на Мис на светот, кој ќе се одржи на 8 декември, во Кина, на островот Санија , а Македонија се уште не е меѓу нив
Најстариот светски избор за убавина, Мис на светот, објави дека 68. издание на Изборот за најубавата девојка во светот ќе се одржи на 8 декември, во Кина, на островот Санија. Триесет и шест земји го потврдија учеството со свои кандидатки, а Македонија се уште не е меѓу нив.
Ланската Мис на светот е Мануши Чилар од Индија
Лани, втора година по ред, Македонија немаше своја претставничка на Мис на светот. Сто и дваесет девојки од целиот свет дефилираа на натпреварот кој ја носи девизата „убавина со цел“, но меѓу нив немаше наша убавица. Лидија Велковска, сопственичката на лиценцата за Мис на Македонија за Мис на светот, и лани и преклани поради финансиски причини не испрати девојка на изборот, а се уште е неизвесно и овогодинешното учество на Македонија.
Велковска тогаш изјави дека не успеала да најде спонзори кои ќе ги покријат трошоците на нашата претставничка на Мис на светот 2016, кој се одржа во Вашингтон, САД. Таа не одговори на нашите повици и пораки со прашање зошто лани паузиравме и дали и годинава повторно ќе паузираме.
Се уште актуелна Мис на Македонија е Емилија Розман од 2015 година
Последна, и се уште актуелна Мис на Македонија е Емилија Розман, наш познат модел, водителка, дипломиран дефектолог и волонтер во Црвениот крст. Велковска ја испрати Розман на Мис на светот 2015 во Саниа, Кина, како нејзин интерен избор. И покрај тоа што не беше организиран јавен кастинг или шоу на кое со публика ќе се избере најубавата Македонка, јавноста се согласи со изборот на организаторката поради квалитетите на Розман. Во неколку наврати, Велковска бараше помош од Владата, и од Маја Иванова, сопругата на Претседателот Ѓорге Иванов, и беше одбиена. „Мис на Македонија е настан од државен интерес и треба да ги засега сите повисоки институции“, изјави претходно организаторката. И по сите критики од јавноста за киксовите околу организацијата, таа рече дека за одржување на лиценцата за Мис на светот на годишно ниво плаќа сума од неколку илјади евра од свој џеб, и не намерава никому да ја продаде додека е жива.
Прва Мис на Македонија за Мис на светот е Вера Мештеровиќ
Прва Мис која замина на светскиот избор за убавина е Вера Мештеровиќ, во 1996 година. По пауза од неколку години, ја наследи Сандра Спасовска во 2001, па Јасна Спасовска во 2002. Марија Васиќ беше Мис на Македонија во 2003, Сара Леши во 2004, Милена Станивуковиќ во 2005, Марија Вегова во 2006, а актерката Јана Стојановска во 2007. Мис за 2009 година беше Сузана Ал Салкини, а по неа Стефани Борсова во 2010. Мис за 2011 стана Весна Јакимоска , по неа Анета Стојкоска во 2012, па Кристина Спасеновска во 2013 години. Македонија паузаираше од учество на Мис на светот во 2014 година.
Ланската Мис на светот е Мануши Чилар од Индија.
Милица Џаровска