,

Мода од иднината креирана од отпад

Добивај вести на Viber

На 5 јуни во МКЦ по седми пат ќе се одржи Trash Fashion Macedonia, натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали

По седми пат годинава, Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО го организира настанот Trash Fashion Macedonia, шоу на креации изработени со реупотреба на материјали. Натпреварот е закажан на 5 јуни по повод Светскиот ден на животната средина, во 17 часот во МКЦ. Наменет е за сите средни училиштакои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплементира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука. На настанот ќе учествуваат тимови од 35 средни училишта кои веќе четири месеци минуваат низ процесот на собирање, рециклирање и изработка на своите оригинални модни дизајни.


Целта на Trash Fashion Macеdоnia е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба. Ова е единствен настан од ваков вид во Македонија, за кој покрај домашните медиуми, објавуваат и повеќе светски куќи како „Телеграф“, „Гардијан“ и „Ворлд фешн“.

Овојпат учениците своите креации ги работат на тема „Мода од иднината“. Најдобрите ќе ги одбере тричлено жири во состав: претставник од „Пакомак“, новинарката Ана Зафирова, претставник од „Женски Магазин“, Марија Мечева, главен уредник на порталот „Фешанел“, Марија Ивановска од „Ај Кју“ и Александра Младеновска од ОХО.

Оваа година „Пакомак“ ќе ја додели и специјалната награда „Trash for Art” за тимот кој искористил најмногу ПЕТ амбалажа за изработка на својот модел.

Додека трае гласањето, гостите ќе имаат можност да го проследат настапот на бендот „Годо“ составен од ученици од СОУ. „Никола Карев“ – Скопје, танцов перформанс ќе изведат ученици од СОУ. „Р.Ј. Корчагин“ – Скопје, а ќе се прикажат и неколку видеа.

Пред настанот учениците ќе имаат можност да учествуваат на две едукативни работилници. Даниела Милошеска ќе ја претстави својата старт ап онлајн продавница за модни парчиња, а со модниот дизајнер Андреј Георгиевски ќе ја имаат работилницата „Од идеја до реализација“. На оваа работилница учениците ќе изработат 8 модели од реупотребливи материјали кои потоа ќе бидат изложени во холот на МКЦ.