Модерно родителство или затворен кафез: Совети од психологот Христина Стефановска
Модерното родителство, како што носи многу брзи и интензивни промени во човештвото, така носи и многу предизвици и проблеми. Под модерно родителство подразбираме поинаков интензитет и соработка помеѓу родителот и детето како и помеѓу самите родители меѓусебно поради обостраната кариерна трка и содавање на материјални средства и пари така и поголемо или долготрајно отсуство од домот, одење на разноразни собири, семинари, работилници, состаноци итн.
Поради тоа родителите честопати развиваат чувство на вина или грижа на совест, и применуваат попустлив родителски воспитен стил кој подразбира афирмативен и нежен однос со детето, го сакаат и заштитуваат детето; ги прифаќаат и се благи кон импулсите и поведението на детето; ретко или воопшто не применуваат казни и забрани; му ги прифаќаат сите желби на детето и немаат многу нема механизми за позитивна дисциплина. Родителот не поставува јасни граници помеѓу дозволеното и недозволеното. Со тоа развиваме деца кои што не прифаќаат НЕ, бунтовни се, имаат слаба контрола и непрепознавање на емоциите и темпераментот, лесно се фрустрираат; имаат слабо внимание и концентрација, со тешкотија ги завршуваат училишните задачи, при што крајно може да пројави антисоцијално однесување поради немање прифатени правила и слаб морален развој а со тоа да не е прифатено од врсничката група .
Со тоа најголемата последица која завзема општествени размери е слабиот морален равој кај децата. Тоа придонесува децата да ги истакнуваат материјалните добра, често да прават споредби едни меѓу други за тоа кој што и колку има, да не ги вреднуваат предметите и нештата околу нив, рамислуваат и се однесуваат релативно во семејството и социјалната околина. Потоа, честопати задеваат или отфрлаат деца со кои не се пронаоѓаат во играта, не знаат да се грижат за парите и незнаат што е тоа касичка во која треба да се заштедува се што е вишок. Понатаму сето ова се имплементира во нивниот карактер кој ќе го носат и во партнерските односи, со пријателите во социјалните односи и во професионалните односи на работното место како и во нивната понатамошна родителска улога. Така, и како деца и подоцна како возрасни нема да ги почитуваат правилата и кодексите на однесување каде и да се наоѓаат.
Психолог, Христина Стефановска