МОДНА РЕВИЈА НА КОМПАНИИ ЗА ОПТИКА: Скопје низ италијански очила

Добивај вести на Viber

Како изгледа Скопје низ италијански очила, видоа моделите на ревијата на колекциите на италијански компании за оптика, која се одржа сношти во Музејот на Македонска борба. На ревијата беа презентирани нови колекции на шест италијански бренда за очила кои сè уште не се присутни на македонскиот пазар.


„Италија е светски лидер во секторот оптика, дваесет и пет проценти од светскиот пазар на производство на очила е од италијански компании. Во Италија има дури 900 фирми во оптичката индустрија, а најмногу од нив се наоѓаат во регионот Венето. Од нивното производство, дури осумдесет проценти се наменети за извоз“, рече на отворањето на ревијата италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео.


Брендовите: „Боб Сдрунк“, „Фор планетс“, „Оберт“, „Логопроџект дизајн“, „Мед ин Итали“ и „ТФ Очиали“ ги носеа манекени и манекенки од Моден викенд Скопје. Видовме интересни и уникатни модели на очила и рамки. Настанот се одржа во рамките на Италијанскиот фестивал, а беше наменет за македонските увозници и дистрибутери на очила и додатоци, со цел да се разгледаат можностите за соработка помеѓу италијанските и македонските компании. Го организираше ИТА, одделот за промоција на економската соработка при Амбасадата на Италија. Ревијата заврши со неформално дружење и традиционална италијанска музика.


М. Џаровска