Моите негодуваа, но желбата беше преголема: Интервју со Ива Матиќ, првата жена воен пилот во Македонија
Оваа прекрасна дама е кралица на небото. Таа работи една од петте највозбудливи професии на светско ниво. Ива Матиќ е 29 годишна скопјанка, корчагинка, магистер по електротехника и прва жена воен пилот во Македонија. Таа е капетан во Армијата на Република Македонија, и во последните 3 и пол години нејзиниот просечен работен ден подразбира управување со воен хеликоптер Ми-17. А кога е на земја и не е во униформа, обожава да патува и вози велосипед, ужива до друштво, книги, стрипови, астрономија…
* Ова е генерално професија во која ретко има жени. Токму и затоа веднаш би сакале да ни откриете какво е вашето искуство? Како ве доживуваат колегите? Како се однесуваат?
- Од аспект на тоа дали и како сум се прилагодила на околината можам да кажам дека немав / немам никаков проблем затоа што и претходно бев во средина каде што преовладуваа мажите бидејќи завршив Факултетот за електротехника и информациски технологии. А за тоа како ме доживуваат колегите треба да ги прашате нив, јас само можам да кажам дека во мојот потесен круг колегите имаат коректен однос со мене.
* Какво е чувството да се биде на небото, да се контролира воздухот на некој начин?
- Фантастично! Ги сакам предизвикот и слободата што доаѓаат под рака со оваа професија. Голем вљубеник сум во природата а нејзините неверојатни пејзажи и убавини најубаво се доживуваат летајќи. А токму хеликоптерите ја даваат таа слобода скоро совршено. Фактот дека можеме да полетаме и слетаме од скоро секаде најубаво ја доловува таа слобода.
* Како се одлучивте да станете пилот? Кога се роди љубовта кон оваа професија?
- Многу спонтано. Бев темпераментно дете и знаев дека професија која ќе побарува 8 саати дневно поминување во едно место нема да ми одговара карактерно. Уште пред да се запишам на факултет ги разгледував можностите за завршување на различни обуки за пилот, меѓутоа самата обука за пилот освен што е обемна и бара посветеност (што секако ми беше предизвик) бара и соодветно финансирање и со самото тоа не е така лесно достапна. Желбата ми остана во текот на моите додипломски студии така што дипломската работа а подоцна и мојата магистерска теза ми беа поврзани со авијацијата но овој пат од инженерски аспект. Всушност сакав да станам меѓупланетарен пилот, меѓутоа сега за сега до овде стигнав.
* Како реагираше вашето семејство на одлуката да бидете пилот? Дали безрезервно ве поддржаа?
- Самото пријавување на конкурсот од страна на најблиските беше дочекано со негодување, меѓутоа желбата ми беше преголема и целта беше поставена. Подоцна секако ја прифатија мојата одлука и најголема поддршка ја имав токму од нив и од пријателите.
* За што вообичаено размислувате пред полетување?
- За летот што треба да го направам. Меѓутоа, секако, пролетуваат и други мисли.
* Кои се вештините кои треба да се поседуваат за да се биде пилот?
- Да сте добри во мултитаскинг, одмерени, самоуверени во своите способности и знаење, одлучни, одговорни, добро да функционирате под притисок. Меѓутоа пилот е пред се а-стате-оф-минд. Реченицата во романот Цатцх 22, малку парафразирана тука на хумористичен начин го доловува одговорот на прашањево: треба да си луд за да бидеш пилот, меѓутоа ако си луд не смееш да леташ.
* Дали некогаш ве помешале со стјуардесите?
- Не, никогаш.
* Како реагираат патниците кога ќе дознаат дека пилотот е жена?
- До сега имало само позитивни реакции и реакции на воодушевување.
* Се вели дека пилотите посигурно се чувствуваат на небо, отколку на земја. Има ли вистина во ова?
- Подеднакво удобно и сигурно се чувствувам и на небо и на земја, помеѓу нив како и во вода...
* Кој е вашиот најдолг лет?
- 3 часа. Можеби Ви изгледа малку меѓутоа за разлика од комерцијалните пилоти, нашата работа е доста подинамична и бара многу повеќе енергија.
* Кој е најголемиот предизвик за вас како пилот?
- Да летам многу многу многу и да летаат со мене Дарио, Пандора и Марјан.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска