Мојата мисија на земјата, е да им помагам на луѓето ширум светот да го надминат страдањето и да стигнат до изворот на трајна среќа: Д-р Снежана Џамбазова Попордановска, психолошки советник во универзитетска клиника во Мелбурн

Во 2004 година со својот сопруг Емил доктор по општа медицина и синот, кој имал само 18 месеци заминале во Австралија со цел професионално да се усовршат. Првата година живееле во Бовен, а потоа во Бризбејн. Од 2010 година живеат во Мелбурн.

Снежана Џамбазова Попордановска дипломирала на Медицинскиот Факултет во Скопје. Во Австралија стекнала диплома за психолошки советник на Австралискиот Институт за Професионални Советници. Со едукативната надоградба станала Доктор на психолошки науки. Докторатот го завршила на Дикин Универзитет, во Мелбурн. Потписник е на книгата „72 научно -засновани активности за развој на социјалните и емоционалните вештини на децата: Практичен прирачник за родители, наставници и психолози"- издадена на англиски јазик. Ги напишала и книгите „Да се живее поинаку: Патување кон внатрешниот мир, неизмерната радост и вистинската слобода" - издадена на македонски, англиски и шпански јазик и „Да се живее поинаку: Патување кон самореализацијата -Книга Втора" -издадена на македонски и англиски јазик. Работи како психолошки советник во универзитетската клиника во центарот на Мелбурн. Основач е и директор на невладината организација за личен развој AnotherWay Life Education со седиште во Мелбурн. Нејзиниот сопруг Емил Попорданоски е автор на збирката поезија „Во прегратките на љубовта" која во 2021 на Струшките Вечери на Поезијата ја доби престижната награда „Стојан Христов" - за најдобра збирка поезија од иселеник од целата македонска дијаспора. Мајка е на Кристијан (18) и Грациела (16).

* Во Новата година влегуваме со надеж дека ќе биде подобра од претходната. Но, во таа волшебна ноќ како што ја нарекуваат, не постои волшебно стапче кое се ќе смени преку ноќ. Кој е првиот чекор што треба да го направиме за поквалитетна живеачка и внатрешно задоволство? 

- Секој од нас може да постигне состојба на постојан внатрешен мир и трајна среќа, доколку сме подготвени да го зголемиме нашето ниво на свест. Важно е да разбереме дека нивото на нашата свест го одредува нивото на нашата среќа. Тоа е така затоа што нашето ниво на свест одредува какви искуства ќе привлечеме во нашиот живот. Значи, преку нашето моментално ниво на свест ние ги креираме нашите животни искуства. Секој од нас може да постигне состојба на високо ниво на свест, а тоа е таква состојба кога сме потполно присутни во сегашниот момент -овде и сега. Поконкретно, тоа е состојба на свеста кога не ги осудуваме или критикуваме нештата, луѓето или настаните, туку ги прифаќаме токму такви какви што се. Во оваа состојба на свеста, умот не е обземен со мисли и чувства поврзани со минатото или иднината. За да го направиме ова, најпрво треба да сфатиме дека сегашноста е сѐ што имаме, бидејќи овде и сега е единственото време кога постоиме, кога навистина сме живи. Тоа може да го постигнеме така што секојдневно ќе го насочиме целокупното свое внимание само на она што го мислиме или на она што го правиме во дадениот момент. На пример, кога јадеме, нашето внимание треба во потполност да биде фокусирано на процесот на конзумирање на храната. Кога читаме, треба да се сконцентрираме исклучително на она што го читаме и тн. Преку различни техники на концентрација на умот кои детално се опишани во мојата книга „Да се живее поинаку", може лесно да ја достигнеме оваа состојба на висока свест, a притоа да се чувствуваме спокојно и опуштено однатре. На овој начин, ќе станеме поефикасни и попродуктивни во текот на денот, а истовремено со задоволство ќе ги извршуваме обврските во животот. Само така ќе можеме целосно да ја уживаме сегашноста и да му се радуваме на секој миг од животот. 

Бројот на лица кои имаат потреба од психолошка помош се‘ уште е во пораст

* Во контекст на насловот на вашата книга, кои пет работи не можеме да ги контролираме?

- Реалноста е дека колку и да сакаме, не можеме да имаме контрола врз сé и сешто во животот, бидејќи некои работи едноставно се надвор од нашата контрола. На пример, невозможно е да ги контролираме другите луѓе, т.е. нивните реакции, постапки, мисли, чувства или верувања. Следно, не може да имаме контрола врз минатото или врз иднината. Никој не може да го промени минатото, бидејќи тоа е надвор од нашата контрола, но, важно е што сме научиле од нашето минато. Исто така, колку и да сакаме, не можеме да ја контролираме иднината. Можеме да ја планираме иднината, опишувајќи го секој чекор во детали, но, вистината е дека иднината е непредвидлива. Треба да разбереме дека само доколку престанеме да се обидуваме да го промениме минатото или да ја контролираме иднината, можеме да го пронајдеме мирот во себе.Исто така не може да го контролираме расположението на другите луѓе. Секој од нас посакува нашите најблиски да бидат среќни, но сепак, тоа е надвор од нашата контрола. Тоа е така, бидејќи само од нив зависи како ќе го живеат својот живот. Можеме да се обидеме да им помогнеме да ја видат светлата страна во ситуацијата во која се наоѓаат, но потоа треба да се повлечеме и да се погрижиме да ги одржиме својот внатрешен мир и благосостојба.Некои луѓе сакаат да ја контролираат природата. Но, природата е нешто многу поголемо од човечкото его, кое во основа сака сѐ и сешто да контролира. На пример, колку и да сакаме, не можеме да ги контролираме временските услови. Можеме да ги контролираме нашите мисли и чувства поврзани со временските услови, така што и кога времето не е убаво, можеме да се исполниме со љубов и да се чувствуваме убаво однатре. И секако, колку и да сакаме, не можеме да го контролираме или да го запреме времето. Меѓутоа, можеме да го искористиме времето за да се свртиме кон себеси и да се фокусираме на своите значајни цели и соништа во животот.  

* Тоа што го посакуваш толку силно, тоа и ќе се оствари. Какви ви се мислите, таков ви е животот. Флоскули кои често можеме да ги прочитаме и слушнеме. Но, во ова време на пандемија како да живееме среќен и исполнет живот во денешниот модерен свет­?

- Во денешно доба, во трката по надворешни задоволства, пари или други материјални добра, мнозинството од луѓето најчесто го занемаруваат духовниот аспект од својот живот. Пандемијата ни покажа дека за да постигнеме трајна среќа, неопходно е да се свртиме кон себеси и да ја пронајдеме смислата на нашиот живот. Лично сметам дека животот треба да се разбере како едно духовно патување. Затоа, многу е важно постојано да се стремиме да се исполниме себеси со љубов и секојдневно да ја изразуваме својата креативност. Доколку одбереме да чекориме по духовниот пат, ќе ја искусиме смиреноста, радоста и љубовта кои се поврзани со сознанието дека сме едно со сите живи суштества на планетава. Со тоа, ќе станеме свесни за она што навистина сме, како и за суштината на нашето постоење. Единствено така, ќе ја пронајдеме смислата на нашиот живот и ќе живееме еден вистински значаен и исполнет живот. Во мојата прва книга за личен развој „Да се живее поинаку: Патување кон внатрешниот мир, неизмерната радост и вистинската слобода", имам детално опишано неколку практични, научно засновани техники како да се постигне смирена состојба на умот и да се биде во контакт со изворот на неизмерна радост која постојано извира однатре. Со редовно практикување на овие техники кои се едноставни но моќни, секој од нас може да се поврзе длабоко со себеси, да научи како да се справи со своите животни предизвици на мирен и спокоен начин и целосно да ужива во животот. Сите оние кои се заинтересирани за својот личен и духовен развој, може да ја посетат веб страната на нашата организација за личен развој AnotherWay Life Education (www.anotherwayeducation.org)  каде ќе може да ги набават нашите книги, како и други едукативни материјали кои ќе им помогнат да ги пронајдат внатрешниот мир и радоста во животот. 

* Австралија беше исклучително ригорозна во своите мерки. Акцентот го стави на човечкиот фактор, поточно на здравјето, а не на економијата. Дали тоа влијаеше на менталното здравје кај луѓето, бидејќи многу од нив изгубија работа?

- Масивните рестрикции и ограничувања на слободата на движење имаа негативно влијание на менталното здравје на луѓето ширум светот. Како психолошки советник, работам со луѓе од различни делови на светот и можам да ви кажам дека бројот на лица кои имаат потреба од психолошка помош сеуште е во пораст. Многумина ги загубија своите работни места, некои изгубија блиски личности, а најважно од сé, го изгубија чувството на сигурност. Кризните ситуации кај луѓето често можат да предизвикаат силни емоции и реакции со кои тешко можат самите да се справат: чувство на страв, паника, лутина или депресија. Но, во вакви ситуаци, најважно е да се свртиме кон себеси и да разбереме дека нашите мисли ги создаваат нашите чувства. Тоа што го мислиме тоа и го креираме во животот. Доколку често се чувствуваме напнати или загрижени за нешто што е надвор од нашата контрола, тие чувства ќе создадат негативна енергија во нас, која ќе ни наштети нам, т.е на нашето психичко и физичко здравје. Како што Буда умно забележал: „Никој и ништо толку многу не може да ви наштети во животот, колку вашите негативни мисли на кои сте им допуштиле да ви го нарушат внатрешниот мир." Затоа, на моите пациенти јас им го давам следниов совет: наместо да мислите на најлошото можно сценарио во оваа ситуација, обидете се да го фокусирате целокупното свое внимание на себеси и да го слушнете гласот на вашето срце. Откако ќе постигнете смирена состојба на умот, поставете си го себеси следново прашање: „Што може да биде најповолниот исход од оваа ситуација?" Одговорот на ова прашање ќе предизвика промена на вашето гледиште. Штом ќе се промени вашето гледиште, неминовно ќе се променат и вашите мисли во однос на таа ситуација и како резултат на тоа, ќе настане промена и на самата ситуација. Тоа за возврат, ќе ви помогне да се ослободите од стравот и од страдањето.Запомнете дека кога ќе го промените вашиот начин на гледање на работите, ќе настанат вистински позитивни промени во вашиот живот!

 Нова година ќе ја прославиме во Канбера во друштво на нашата почитувана амбасадорка 

* Може ли да ни доловите дел од атмосферата, уредувањето на Мелбурн. Каде најчесто се организираат дочеци за Нова Година. Дали се тоа плажите?

- Убавината на Мелбурн е во тоа што тоа е еден мултикултурен град во кој живеат луѓе од преку 100 различни култури, националности и вероисповести, кои ја прославуваат Новата Година на свој начин, во согласност со своите традиции. Некои ја дочекуваат на плажа каде има организирана забава, некои во ресторан со жива музика, а некои пак патуваат надвор од Австралија на организиран новогодишен пречек во некоја егзотична земја.

* Какво беше чувството кога првпат ја прославивте Нова Година во лето и на високи температури? 

- Што се однесува до нашето прво новогодишно искуство во Австралија, беше навистина интересно, многу поразлично од она што јас и Емил претходно го знаевме. Немаше снег и не беше студено, туку беше топло и влажно. Но, лично мене сите нови искуства ми помогнаа да научам да ги прифаќам работите во животот без да ги осудувам, да бидам флексибилна и да уживам во сето она што животот ми го пружа. 

* Како ви изгледа едно секојдневие?

- Научив да живеам во согласност со циклусите на природата, така што секојдневно ги негувам физичкиот, менталниот и духовнитот аспект од моето битие. Поточно, секој ден одвојувам време за медитација, за мојата омилена физичка активност, читам книги за личен и духовен развој, пишувам, а исто така уживам да го поминам времето во кругот на семејството и на пријателите. Истовремено, мојата работа како психолошки советник многу ме исполнува. Длабоко во срцето знам дека преку оваа работа ја остварувам мојата мисија на Земјата, а тоа е да им помагам на луѓето ширум светот да го надминат страдањето и да стигнат до изворот на постојан мир и трајна среќа што постои во секој човек, во сржта на нашето битие. Посебно сум среќна што ја пронајдов својата сродна душа во животот, со која сме едно во нашиот мисловен и духовен свет. Но, за да живее љубовта, таа треба постојано да се негува, да се искажува и да се покажува. На пример, Емил секое утро ме буди со утринско кафе кое го подготвува и ми го принесува со многу љубов, а честопати знае и да ме изненади со прекрасна љубовна песна која штотуку ја напишал –со која ми ја рагалува душата. Инаку, Емил ја овековечи нашата љубов во неговите извонредни љубовни песни кои се преточија во уникатна стихозбирка „Во прегратките на љубовта", за која оваа година ја доби престижната награда „Стојан Христов" на Струшките Вечери на Поезијата за најдобра збирка поезија од иселеник од целата македонска дијаспора. Освен поезијата, наша заедничка тема, која ни ги исполнува срцата со радост е личниот развој на кој двајцата сме целосно посветени. Емил е главен советник во нашата организација за личен развој и заедно ја шириме нашата порака за љубовта и мирот низ светот преку нашите мотивациски говори, книги и советувања.

* Каде ќе ја прославите Нова Година?

- Новата 2022 година ќе ја прославиме во главниот град на Австралија, Канбера, во друштво на нашата почитувана амбасадорка и нашите драги пријатели Македонци кои живеат таму. 

* Вашите книги покрај едукацијата се производ и на генот. Талентот за пишување го наследивте од вашиот татко, познатиот детски писател Ненад Џамбазов. Кога последен пат бевте во Македонија?

- Во Македонија последен пат бевме во 2019 година, на радост на сите наши роднини и пријатели кои искрено ги сакаме и ги почитуваме. И еве ја користам оваа прилика да ги поздравам сите наши драги роднини и пријатели од нашата мила татковина и да им посакам здравјето, среќата и љубовта вечно да царуваат во нивните домови. И ова нека биде повик за сите да не заборавиме што е најважно во животот –да го сочуваме мирот во себе, да му се радуваме на секој миг од животот и да продолжиме да ја шириме љубовта наоколу со секој збор, постапка и дело. Мојата најголема новогодишна желба е во 2022 година мирот, љубовта и радоста да царуваат во светот. А ова е мојата порака за сите читатели на вашиот реномиран магазин кој посебно го ценам: „Бидете извор на љубов кој постојано ги напојува луѓето околу вас!"


Соња Алексоска Неделковска