Мојата покојна мајка ја започна традицијата за украсување на домот и дворот, јас ја продолжив за мојот син: Моника од Скопје ја живее новогодишната бајка
Декември е најубавиот период во годината. Предновогодишната атмосфера во домовите го прави овој период посебен. Многумина ќе кажат дека новогодишните украси, сијалички и декорации имаат мирис на детството.
Моника Цаневска од Скопје, веќе 15 години работи како одделенски наставник во основно училиште и секоја година го украсува својот дом и го прави вистинска бајка за нејзиниот син, но и за сите случајни минувачи.
Овој период од година за неа и нејзиното семејство е посебен. Заедно уживаат во украсувањето на скромниот дом и двор. Создаваат една мала семејна идила во која уживаат за претстојните празници. Таа веќе од крајот на Ноември започнува со подготовките.
„Мојот сопруг и синчето имаат голема заслуга во украсувањето. Сите заедно учествувавме во семејните активности. На сопругот првата година му беше малку чудно, но сега гледам дека и тој навистина ужива во тоа. Денот кога започнува украсувањето сите сме возбудени, посебно синчето. Тој ден е посебен, сите сме во добро расположение. Секогаш си велам дека ќе завршиме истиот ден, но никогаш не сме успеале во тоа. Обично ни се потребни 3-4 денови да завршиме со редењето на украсите, сијаличките и некои други детаљи“, раскажува Моника.
Украсите кои го красат нивниот дом и двор се комбинација од изминатите години, по има и по нешто ново и креативно од новата година. Вели дека така е секогаш поинтересно и повозбудливо бидејќи до крајот не знае како ќе изгледа завршниот ефект кога и воедно се палат сите сијалички.
„Обично пред 1. Декември ме обзема новогодишна шопинг еуфорија за нови украси и тогаш заедно со сопругот и синчето купуваме и обновуваме некои од старите украси. Обично станува збор за некоја скромна симболична сума со која се подновува домот за некој украс плус“, вели Моника.
Од елки, украсни дедомразовци, сијалички, па се до декорации во различни бои има во домот на Моника.
„Внатре и надвор имаме 3 елки, околу 15 дедомразовци, снешковци но сијаличките никако не можам да ги избројам. Навистина се премногу“, раскажа Моника.
Традицијата за украсување ја започнала нејзината мајка. Па така низ годините ја продолжила Моника.
„Ова е традиција која ја започна мојата мајка. Уште додека бев мала таа се трудеше на најдобар можен начин да ми ја прикаже магијата на Новогодишните и Божиќните празници во домот. После украсувањето секогаш следеше изработка на најразлични колачи, подароци и разни други изненадувања. Не постоеше година, а да не се чувствува таа волшебна атмосфера во нашиот дом“.
Емотивната заднина на нејзината новогодишна бајка траела години наназад, тоа дополнително ја поттикнало, таа да продолжи да ја негува.
„Мојата покојна мајка навистина уживаше во украсувањето на дворот и домот. Поинтензивно го украсуваше дворот некои 15-тина години. Истата година кога јас си основав свое семејство, таа почина и јас ја продолжив традицијата мислам дека со уште поголема љубов и посветеност“.
Ова е периодот кога за неа предизвикува посебна возбуда, магија, посебно убаво претпразнично расположение.
„Мислам дека во овој период некако се повеќе ги забележуваме позитивните особини кај другите, се фокусираме на убавите нешта кои не опкружуваат, имаме верба и надеж за попозитивни нешта. Ова е периодот кога уживам во деновите поминати со моето семејство. Можеби времето во кое сите живееме не е идеално, но мислам дека сите можеме сами да си направиме малку своја магија, барем во нашите домови“.
Како и секое дете и таа како мала верувала во Дедо Мраз до одредена возраст, му пишувала писмо, го ставала на елката, а утрината „волшебно“ исчезнувало и вели дека Дедо Мраз ниту една година не ја изневерил. Од детството најмногу и недоставува испраќањето новогодишни честитки, кое беше традиција.
„Многу ми недостасуваат тие честитки. Добиените честитки ги чував со години и обожував да пишувам и испраќам честитки. Денес во ова модерно и дигитално време за жал многу од тие навики исчезнаа, но секако знам да ги изненадам луѓето кои ми се посебно драги со некоја честитка“.
Нејзиниот син Стефан има 5 години и тој сега е во таа фаза од детството кога ужива во новогодишната атмосфера.
„Иако има 5 години, веќе знае да пишува и оваа година го напиша своето прво писмо до Дедо Мраз. Како и сите други дечиња неговата желба е детска играчка. Стефан обожава автомобили. Оваа година побаравме од Дедо Мраз да ни донесе паркинг и автомобилски патеки“.
Како учителка и близок контакт со децата, таа секојдневно ги учи на најважните вредности во животот. Па така и дека празниците се многу важни за едно семејство
„Покрај домот и семејството, второто нешто што го обожувам и ме исполнува е мојата професија и работата со дечињата кои ми се омилени. Се восхитувам на нивната искрена душа, добрина и наивност. За да бидеш наставник мора во душата и ти да си едно дете. Навистина заедно уживаме во овој период. Ја украсуваме училницата, пишуваме писма до Дедо Мраз, имаме новогодишни работилници, изработуваме честитки и слични активности. Навистина се трудам да им пренесам дел од мојата љубов и еуфорија што ја имам во овој период иако тие и тоа како добро го забележуваат. Се трудам да им објаснам дека значењето на овие празници не е во подароците што ќе ги добијат туку во времето кое тие го поминуваат со нивните семејства и саканите. Дека ова е период кога треба да станеме подобри личности, да бидеме позитивни и да се препуштиме на магијата и сите да веруваме во некое свое чудо“.
Новата година и Божиќ не се единствените празници на кои Моника го украсува дворот и домот, тоа го прави и за Велигденските празници.
„Навистина ги сакам семејните празници и ме исполнува украсувањето како и сите адети и обичаи поврзани со овие празници“, вели Моника.
Габриела Додевска Глигоровска