„Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска – нов воспитно-образовен комплет за почетно читање во издание на „Арс Ламина“

Добивај вести на Viber

Новиот воспитно-образовен комплет за почетно читање „Мојата прва библиотека“ од авторката Деспина Мукоска, со илустрации на Калиопи Трпчева, ќе биде промовиран на 20 март (среда), во 13:30 часот,  во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промотори на изданието за деца ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а во улога на модератор ќе биде Татјана Димовска-Атанасова.

Станува збор за комплет од 31 сликовница и картички со букви, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица.

„Мојата прва библиотека“ ги учи децата како самостојно да научат да читаат и истовремено да ја развијат љубовта кон читањето. Претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат во училиште.

 Со овие сликовници се создава поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Со совладување на секоја буква и текст од сликовниците, детето има чувство дека прочитало цела книга. Детето на тој начин ја гради, чекор по чекор, својата прва библиотека, составена од првите книги кои може самостојно да ги прочита.

Овие сликовници паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение.

Едукативниот комплет „Мојата прва библиотека“ е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн преку www.literatura.mk.


Пр објава