Мотивација ми се хуманитарните активности кои ги вршам како волонтер: Утринско кафе со Анета Дикова

Омилен утрински ритуал за старт на денот ми е топла лимонада, а потоа појадок со првото утринско безкофеинско кафе. Веднаш потоа следува подготовка и патување до работното место каде ја поминувам првата половина од денот.

Секој нов ден ме мотивира желбата да бидам напомош и поддршка на потребите на другите луѓе. Голем мотиватор за мене се хуманитарните активности кои ги вршам како волонтер во ЗГ „Љубезност“. Активностите во насока на олеснување на товарот на сиромаштијата во нашето општество и носењето на насмевки на лицата на децата и возрасните од социјално загрозените семејства се од непроценлива вредност и најголема движечка сила.


Инаку, по професија сум правник, вработена во приватна фирма во Струмица. Љубовта кон правото кај мене се јави уште во средношколските денови  кога некаде прочитав дека Првиот Устав во светот како највисок правен акт во една држава е напишан врз основа на Десетте Божји заповеди кои не се само религиски, туку се и морални закони. Оттука идејата дека треба да постои баланс помеѓу милоста и правдата ме водеше кон патот еден ден да бидам дел од тоа право и да ги познавам и применувам законите во државата.


Состојбата на рестрикции во нашето општество поради пандемијата со вирусот ковид-19 верувам дека сите ја почуствувавме повеќе или помалку, но искрено се надевам дека не научи за вредноста на слободата која ја уживаме секој ден.

Вечерните часови се резервирани за квалитетно поминато време со семејството, а пред  спиење практикувам читање на добра книга.


(*Анета Дикова - Волонтер во ЗГ „Љубезност“)