Можеш да бидеш сѐ што ќе посакаш

Добивај вести на Viber

Низ годиниве научив дека човек сам себе ако се ограничи, ќе биде несреќен. Поарно пробајте го дури и она во што не сте сигурни дали ќе се снајдете па макар и да не успеете, отколку да не се ни обидете.

На прашањето зошто пишувам, единствен одговор што можам да дадам е „за да преживеам“. Позната по тоа дека не сум социјална и дека повеќето од времето го поминувам сама, ова е мојот начин како да кажам се’ што ми лежи на душа. Да си олеснам, не ретко и да ви олеснам, оти поистоветувањето знае да биде вистински благослов. Пишувањето никогаш не ми било хоби, туку потреба. Или што би рекла баба ми, си ја најдов плетката во животот. Не ме бива за домаќински работи (што и не е за пофалба), ама би ве излажала ако кажам дека се потресувам околу тоа. Хоби немам, освен одвреме-навреме што плетам алки (има на интернет како се прави тоа од волница), а порано си купував монистри и правев накит кој го подарував, оти не сум нешто по носењето накит. Некои велат дека од накит ги носеше очите, а кај мене се тоа очилата.

Почнав со она што вие го нарекувате поезија, а јас упорно велам дека нема врска со поезија по ниту еден критериум. После започнав со колумни, односно станав раскажувач. Темите не ги бирам, ме бираат тие мене. Некогаш имам идеја во главава и ќе седнам со мисла дека во денешнава колумна ќе пишувам за тоа и тоа и цврц, излегува нешто сосем друго. Научив да не си ја кочам мислата и да пливам надвор од рамките, колку и да знае тоа да е опасно. Сосем нова вода ми беше онаа која надојде со пишување раскази за деца во најпопуларното училишно списание Развигор во издание на Просветно дело. Тоа ми отвори нови видици. Искрено, се изненадив со колкава леснотија ми доаѓаа расказите, иако имав солидна основа за тоа бидејќи во многу наврати пишував за теми кои ги минував со ќерка ми. Уште повеќе се изненадив кога започнав и со пишување на тин роман за Наш Свет и кој едноставно лизгаше. На неколку наврати ќерка ми се лутеше, пронаоѓајќи се во главниот лик, кој замислете која „коинциденција“ се викаше Нина.

Низ годиниве научив дека човек сам себе ако се ограничи, ќе биде несреќен. Поарно пробајте го дури и она во што не сте сигурни дали ќе се снајдете па макар и да не успеете, отколку да не се ни обидете. Јас сум жив пример дека човек може да биде сѐ што ќе посака. Замислете, имам 47 години, завршен економски факултет и работам на Берза. Од каде сега па и пишување?! Она што го носите во себе нема да ве напушти, освен ако сами не се откажете од истото. Долго време не сакав да пишувам, се чувствував несигурна. Сега, можам да кажам дека пробувам сѐ што мислам дека би ме заскокоткало. Не се оптеретувам што е следно, дали воопшто ќе има следно. Само чекам да ми дојде, да ми шепне и да започнам. Минатата недела имав промоција на двете нови книги (за деца) на која присуствуваа деца, испоседнати на земја и светнати во лицата.

Со неверојатна сериозност ја следеа Ана Јовковска која ме претстави на начин на кој никогаш себе не сум се доживеала. Нивната интеракција со фасцинантната способност на Ана да комуницира со децата, ме остави трогната. Меѓу другото, таа преку мојот пример им кажа дека во животот може да бидат сѐ што ќе посакаат, само ако навистина го сакаат тоа. Дури во еден момент, имаше девојче кое кажа дека сака да биде писателка и која пишува книга. На моето прашање дали ќе ме покани на нејзината промоција, добив одговор дека секако, само ако не сум до тогаш многу стара. Чувството што го имав од нејзината реакција кога ѝ потпишав книга со напомена дека едвај чекам да ги читам нејзините книги, беше бесценето.

Истото важи и за вас, големите деца. Веќе имам кажано дека ниту еден човек не е случајно на оваа планета. Сите ние имаме некаква мисија или задача која треба да си ја извршиме тука. Не давајте да ве изеде секојдневието и да потклекнете, мислејќи дека за нешто не ве бива. Пробајте! Имајте храброст и пробајте.

Не се вадете на тоа дека немате време или дека сте премногу уморни. Животот не е само работа и обврски. Вистинскиот живот е во оној простор меѓу работата и останатите обврски кои ни висат над главата. Од каде знам? Оти го живеам тоа. Знам добро што значи да се работи од 8-16 часот, да се разнесува дете по активности, да се пазари и да се завршуваат сите попатни обврски. Ќе ме сретнете на пазар, во маркет, како чекам пред врата на часови по музичко, англиски или компјутери. Ќе ме видите како стојам со автомобилот на семафор и се дошминкувам, оти немам време ко чоек да излезам од дома.

Одамна престанав да си барам изговори. За сѐ. Се научив да го живеам животот без да се жалам, впрочем сама си го организирам и сум одговорна за себе. Мотивите за одење напред ги барам во себе. Причините за неуспесите во животот, исто така. Не обвинувам никого, па дури ни себе. Едноставно, се обидувам да научам нешто од лекциите кои ми ги сервира животот и одам понатаму.

Не ми се потребни еуфории за да се чувствувам среќна и исполнета. Не посакувам јаки дразби кои ме носеле од еден во друг крај во расположението. Работам на сопствениот мир и задоволство. Се учам да се прифатам себе со сите доблести и мани без да се величам или осудувам. Се учам да се сакам себе без оглед дали некој ќе ме сака ваква каква што сум.

Муабетот ми е...можете сѐ. Освен болест и смрт, сѐ друго е само евтин изговор. Не се вадете на времето, на мензисот, на проблемите на работа. Колку ќе бидете успешни, а кога велам успешни мислам на среќни, не зависи ниту од дождот надвор, ниту од тупкањето по рамо од неважни луѓе. Некогаш, седењето со блиските и 3 реда муабет е сосем доволна причина за насмевка.

Најдете го детето во себе, она кое го имате па макар имале и 70 години. Тоа ќе ви покаже како се живее и колку малку е потребно за среќа. Детето во вас, со својата искреност ќе ви ги даде сите одговори на прашањата кои ве мачат и проблемите со кои се соочувате. Бидете возрасни само тогаш кога е тоа потребно. Смејте се на глас, негодувајте на глас и плачете на глас. И гласно љубете, без срам и без страв.

Запомнете...никогаш не е доцна за да бидете среќни. Никогаш!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Колку е потребно за среќа?
колку треба за да ти игра срцето
и очите со смеа да ти се наполнат
да ти биди убо во градите
лесно и спокојно ко облак во нив да имаш
ама не
од алчност
од “дај, многу дај”
од тоа душите ни патат
од стрвност за најаска до блуење
за напивање до опивање
за љубов до нељубов
од тоа си патиме
од она шо велеше баба ми
“дури и животното знај кога му е доста
само ние луѓето умираме од премногу”
а мене со годините телово веќе ништо отпоќе не ми прима
ниту храна
ниту вода
ниту среќа
само со тагата беља си имам
ете, кантаров таму нешто грешно ми мери
па си се тешам дека никој совршен не е
и некако врвам, вака или онака
скоро 44 лета сум свикнала
а и од својата кожа нема бегање
колку
колку е тамам за чоек мирен да е
да му стивне во умот и срцето
без тежини и вулгарна еуфорија
мирно да си тера
ама за така скроен треба да си
оти не се учи тоа, никаде го нема
ниту во училишни клупи
ниту пак прирачник има
“спокој во 100 чекори”
та да си читаш навечер кога тивко е
и со книжулето под перница да спиеш
а сабајлината раат да станиш
и да не ти ѕенѕа во утробата
ех
колку ли е доволно за среќа?
за да немаш свенати усни
ниту темни кругови под очите
колку е потребно за да му се насмееш на денот
и во себе да се помолиш
да кажиш фала што жива сум
за детето да си го гушниш и мирисот детски да го вдишеш
та од младоста срцето да ти се подмлади
и навечер пред да си легниш
да се збогуваш со денот
со надеж дека следното утро ќе се разбудиш
а потем дека си научил нешто
дека среќата е во мигот 
во пиењето кафе на студот
и мирисот на дождот
во ветрот кој под капутот ти се пика
и смеата со твоите луѓе
во неговиот поглед
и здивот во твојот врат
во моментот кога влегува во тебе
а ти под кожа му се пикаш
кога ќе нашкрабаш песна
и кога некој дур ја чита си вели
“како јас да ја пишав!”
колку треба за среќа
и мудрост за од малку-многу да сториш
еве учам
уште учам
и барам
внатре во себе барам
кантарот го местам
редам и прередувам
за да најдам колку ми е потребно
за среќна да бидам