Скопскиот алтернативен бенд „Мугер Фугер“ вечерва на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје ќе одржи концертна промоција на новата објава. Станува збор за јубилејното десетто издание на составот, албумот „Татко“ кој симболично содржи десет песни. Материјалот е снимен и миксан во студиото „Тра Ла Ла“, а продуцент е Мите Димовски.
Во темите на „Мугер Фугер“ се испреплетуваат повеќе жанрови или влијанија од неопсиходеличната музика, пост панкот, алтернативната музика, фанкот или рапот преку соработка со силни индивидуалци. Во овој проект партиципираа вокалистката на етно- групата „Баклава“, Елена Христова, познатиот поет и активист Џабир Дерала, реномираниот македонски музичар Горан Трајковски, лидерот на рок-бендот „Бла Бла Бла“, Идриз Амети, и уште неколку докажани уметници.
Освен во песните од новото издание, фановите на концертот кој ќе биде бесплатен ќе имаат можност да уживаат и во старите хитови на „Мугер фугер“. На ист начин групата пред две години го промовираше и претходниот албум „Фузија“.
Популарниот инди-рок бенд е формиран во 2004 година и еден од најплодните домашни состави, претставници на новиот музички бран. Името на бендот доаѓа од аналогните педали мугерфугер. Заштитен знак на бендот е користењето на такви реткости како лампаши и аналогна опрема. „Мугер фугер“ се Сецко Сеад Хаџиќ (гитара, мандочело), Огнен Мангаровски (синтисајзер, пијано ,бас гитара, гитара), Сашо Митревски ( гитара), Никола Кузмановски (бас гитара), Огнен Златанов (гитара) и Џано Куч (тапани и перкусии).
Ѓ.С.