На Бадник 2021 во Скопје кум ќе биде проф. д-р Никола Пановски, а здравичар проф. д-р Миодраг Врчаковски

Традицијата на одбележувањето на Бадник во Скопје продолжува и покрај ситуацијата со коронавирусот, водејќи сметка за сите заштитни мерки и протоколи, информира денеска Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје, кој веќе ги прави подготовките за Бадник 2021. Кум на манифестацијата годинава ќе биде проф. д-р Никола Пановски, а здравичар проф. д-р Миодраг Врчаковски.

Мојсо Мојсовски, од Одборот за традиционална прослава на Бадник вели дека бадникарската прослава ќе се одвива под строгите правила за заштита и движење и однесување, но дека за деталите ќе информираат пред одржувањето на настанот.

„Бадникот го набравме, не во таа количина колку што сме береле друг пат, но го има доста. Информација од права рака е дека нема да има делење во дворот на Храмот „Климент Охридски“ туку на двата влеза, на главниот влез на црквата и на тој од страната на Камбанаријата. Сакам да ги запознаат граѓаните како обични граѓани на Скопје, минувачи, како обични капачи на Вардар, шетачи во парк, качувачи на Водно. За Кумот знам дека вози точак, по скопски. Здравичарот го познавам од порано, колеги сме по микрофон“, рече Мојсовски.

Бадникарскиот кум Пановски се заблагодари за поканата, потенцирајќи дека е чест да застанеш меѓу скопските и македонските великани кои биле кумови или здравичари на традиционалната манифестација која во изминатите 29 години стана еден од белезите на нашиот град.

„Поканата веднаш ја прифатив, иако не сум ни сонувал дека ќе се случи ова. Во изминативе два месеца се запознавме со прекрасни луѓе, од млади до највозрасни“, рече Пановски.

Тој верува дека заедно со Врчаковски ќе станат дел од ова семејство, како и други кумови и здравичари, луѓе хуманисти, стопанственици, врвни интелектуалци, уметници.

„Ние сме сите народни луѓе и мислам дека и затоа лесно се сплотивме. И уште поголема радост, не го знаев една недела здравичарот. Се очекуваше дека ќе биде доктор, но не очекував тоа да биде мојот брат Миодраг Врчаковски“, додаде Пановски.

Тој нагласи дека неговата функција ќе биде двојна на манифестацијата, освен што е кум, ги подготвува и мерките од здравствено-безбедносен аспект.

„Како што чувте ќе има многу ограничувања, но ќе има една многу достоинствена манифестација во склад со моменталната состојба. Сѐ уште, за жал, не е време за славење, да не пребрзаме, а да биде целосно безбедна од здравствен аспект. Се надевам дека граѓаните ќе ја прифатат оваа реалност и заедно со нашата Македонска православна црква традицијата ќе помине без ризик од зараза, достоинствено, како што прилега на актуелната состојба“, рече Пановски.

Миодраг Врчаковски изјави дека воопшто не претпоставувал дека тој ќе биде токму здравичарот оваа година кога на телефон му се јавил пензионираниот новинар на Радио Скопје, Марко Илковски.

„Сакам да ја споделам мојата огромна благодарност што Одборот за овој своевиден, можам да кажам Бадникарски оскар токму мене ми ја додели таа улога. Денес, оваа манифестација е традиција и симбол на мисијата на добра волја, благородна, хумана и обединувачка акција која ја изведува еден  прекрасен воигран тим во која секој точно си ја знае својата улога и задача“, рече Врчаковски.

Одборот најавува дека навремено ќе ги информира граѓаните за изменетиот амбиент и содржини на 29-тата средба на Бадник во пресрет на Божик.

Бадник 93-та се случува спонтано како револт на тројца наши сограѓани-Борче, Мац и Кире Тип кои бесплатно им делат бадникови гранчиња на пазарот Буњаковец на своите сограѓани кои пазаруваат подготвувајќи се за Коледе и Бадник.

Веќе од следната година делењето бадникови гранчиња, но и на нафора и топла ракија се одвива на платото пред Соборниот Храм, со благослов на покојниот Архиепископ Господин Господин Михаил и на свештениците од Храмот и со огромна поддршка на нашите симпатизери и помагатели и на Скопјани кои од година во годинаа ни се придружуваа во се поголем број.

Тројцата иницијатори добиваат уште од првата година поддршка од уште десетина пријатели и заедно со нив го формираат Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје кој функционира со години во содејство со Младите Бадникари, кои треба да продолжат со работа за задржување на традицијата.

Бадникувањето пред Соборниот Храм постојано добиваше нови и нови содржини - Кум на прославата, Здравичар, Преоден пехар, Осветување на бадниковите гранчиња, нафората и топлата ракија и чајот, Химна и знаме, Пригодна програма со безброј учесници, Пренос на програмите на МРТ, Огромен публицитет во медиумите не само на прославата туку и на сите зимски традиции во градот, Пајтон со кој се возат Стариот и Новиот Кум, Промоција на Кумовите и Здравичарите пред новинарите, но и пред скопјани на падините на Водно, Хуманитарни активности и катагодишна посета на Домот за стари лица во Злокуќани. За сето ова да се организира и успешно да се изведе треба многу енергија и пред се искрена желба.