,

На девојките им се потребни нови соништа: Лидија Георгиева за модата на Оскарите

Добивај вести на Viber

-Во ретко успешните обиди за добро дозирање помеѓу авангардата и конвенционалноста, искрено очекувам и се надевам дека годинава некој ќе се осмели да се појави на Оскар во фустан од Ирис ван Херпен. Нејзините дизајни се коктел од поезија и напредна технологија, посебни, женствени, оригинални како од некоја друга планета, вели Лидија Георгиева, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Георгиева, како реномирана модна дизајнерка, со богато модно портфолио кое го има создавано меѓу Париз и Скопје, специјално за „Женски магазин“ прозборе за феноменот на модата на Оскарите и откри зошто црвениот килим на најголемата филмска ноќ е и најважна модна писта во светот. 

*Кои модни трендови се очекуваат годинава на црвениот ќилим?

-До колку некој настан станува поголем и помасовен, толку повеќе губи на шарм, креативност, изненадување,па се повеќе влегува во сигурни, изодени патеки. Кога ги гледам црно белите фотографии од оскарите во минатото, покрај класичниот холивудски гламур со добро познати елементи и обавезни долги ракавици за вечерен гала изглед, покрај безвременската грациозност на Одри Хепберн во нејзините фустани од куќата Живанши, секогаш има и по некој навистина креативен изглед, некоја храбра актерка со карактер, која пркоси на општо поставените правила. Па конечно зарем Оскарите и сите други награди не се манифестации во кои се наградува креативноста?

Тука не мислам само на провокативноста на Шерон Стоун во раскопчана бела машка кошула, паметно комбинирана со тесно сатенско, максимално елегантно здолниште или Џулија Робертс која смело ризикуваше во црно бел винтиџ фустан од куќата Валентино. Да, изгледите се беспрекорни, мајсторски изведени, имав привилегија на директен пристап во архивите на куќата Балман кога работев таму, исто и во куќата Рошас, добро ми е познат целиот процес. Но каде замина креативноста? Дали Бјорк со авангардниот лебедов фустан на нашиот Марјан Пејоски беше премногу за конвенционалните вкусови? Па дури и Лејди Гага, која шокираше на МТВ наградите во 2010-та со својот фустан изработен од телешко месо,на Оскарите беше допадливо конвенционална.

Денес, бидејќи сите мислења се веднаш видливи на социјалните мрежи, не постои релевантност на ставови, па заедно со експертското мислење во ист кош се ставаат сите, без разлика дали во позадина постои некаква визуелна култура, образование или барем лајфстајл што би ја оправдал тежината на мислењето.

Притисокот на социјалните мрежи е огромен, мерлив со бројки кои во никој случај не се показатели на вистински добар стил или вкус. Затоа и самите глумици заедно со целата машинерија околу нив, се екстремно внимателни, предвидливи и со огромна контрола врз изгледот, како да се рекламни паноа на две нозе, а не актерки кои едноставно треба да се грациозни, елегантни, креативни или скраја да е- со доза на индивидуалност. Ми се чини дека неколку години го гледам истиот фустан во различна боја, без напредок или промоција на нова идеја, свеж здив. Но за волја на вистината би истакнала дека тоа е денес главниот проблем и во модната индустрија.

Тогаш, која е причината за атрактивноста и митот на црвениот килим? Па не останаа многу монархии, а местото што го завземаа приказните за принцови и принцези не смее да остане празно, на девојките им требаат нови соништа, нови модели за следење, па дури и во нашата модна провинција.

*Кои се нејзините фаворити меѓу актерките со својот оскаровски изглед?

Во немоќта да најдам нешто што ќе ме возбуди исто колку историската изложба „Дива убавина“, посветена на Александер Меквин во музејот Метрополитен - Њујорк, се определив за еден поетичен изглед, кој носи интересна, топла приказна.

Рис Витерспун, актерката во Големи мали лаги, во 2006-та се појави на Оскарите со винтиџ фустан од 1955-та, од куќата Диор. Со скулптурален изглед, во боја и изработка која ја истакнува нејзината нежност, грациозност, таа зрачеше со шарм и дискретна елеганција. Низ Париз кружеше приказната дека сопственикот на бутикот не сакал да се раздели од овој фустан, бидејќи припаѓал на член од кралско семејство.

Но доколку зборуваме за беспрекорна естетика, изработка на максимално мајсторско ниво и безвременска убавина, тогаш би ги истакнала Џесика Частејн, заводливо романтична во Александер Меквин и скулптурална во Армани приве, Кери Малиган во Прада и секако Шарлиз Терон во Диор.

Лејла Сабит