На хуманитарниот базар во училиштето „Нова“ се собраа средства за Универзитетската детска клиника во Скопје

Добивај вести на Viber

Стотици луѓе вчера го посетија традиционалниот хуманитарен семеен базар кој се одржа во меѓународното училиште „Нова“, a сите собранисредства од настанот ќе бидат донирани на Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника.


На настанот под мотото „Од децата за децата“  се продаваа специјалитети од различни земји, ракотворби од домашни и странски уметници, беше организирана и лотарија, а присутните можеа да погледнат и голем број танц и музички точки од страна на учениците во оваа образовна институција. Присустуваа и голем број на дипломати меѓу кои и американскиот амбасадор, Џес Бејли. 


Манифестацијата е организирана од Здружението на родители и професори од „Нова“ и базарот годинава се одржува по 12. пат. Досега средства собрани на оваа манифестација биле донирани на Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, за Домот на доенчиња во Битола, Домот за деца без родители „11 Октомври“ и многу други институции.


- Хуманоста е исклучително важен сегмент од философијата на „Нова“. Првично, за да помогнеме на институции на кои што тоа им е потребно, но и дополнително од нашите ученици да изградиме личности на кои хуманоста ќе биде важен дел од нивниот живот, од нивниот карактер дури и откако ќе го завршат своето образование во „Нова“ и ќе го продолжат образованието и кариера во насоката која ја одбале – истакнуваат од меѓународното училиште „Нова“.


Покрај хуманитарниот семеен базар, во оваа образовна институција во текот на целата година се организираат голем број на настани и акции кои имаат добротворна димензија.